Интелектуалецот, негово претставување и трансформација во македонското општество

Во Македонија последниве две децении, ретко беа презентирани интелектуалецот и интелектуалноста како совесна, засебна идеологија, ниту пак често се говореше за нивното значење и влијание во социјалната средина.
Јас не велам дека, ние Македонците немаме (или никогаш не сме имале) доволно мудрост, квалитет, капацитет за да дебатираме често по тоа прашање! Туку сакам да потенцирам дека, не се обрнуваше и се’ уште не се обрнува внимание кон објаснувањето, претставувањето на структурата за интелектуалноста и интелектуалецот како засебна, посебна индивидуа.
Тој (се мисли на интелектуалецот), е оној кој што треба да расудува надвор од сите политички субјекти и влијанија, а нѐ да биде дел од нишката, т.е власта.
Македонскиот народ, поради сосема оправдани причини кон интелектуалците гледаат како на партиски експерти, политички експерти, менаџери, експерти во власта, научни експерти…итн., со што дојде до една перцептивна промена во разбирањето и прифаќањето на интелектуалноста.
За да биде ситуацијата уште побанална, во нашава држава има луѓе кои, никогаш и не слушнале за термините интелектуалец или интелектуалност, и тоа дека голем дел од нив имаат погрешна претстава во толкувањето на терминологијата воопшто.

Но, да го разграничиме поимот и да забележиме која е таа социјална ангажираност што го издвојува вистинскиот интелектуалец од другите?
Бернар Леви експлицитно ги наведува петте услови за стекнување на таа позиција, кои се неопходни и општествено значајни за промоција на интелектуалецот како создавач на автентични општествени вредности.
Како прв меѓу нив се јавува враќањето на просветителската верба во разумот.
Вториот услов е стремежот кон вистината и „отпорот“ кон нејзино се’ почесто субјективизирање кое води кон осиромашување на духовноста на народот и општеството.
Третиот услов е „залагањето за праведност“ каде што Леви се концентрира на една надкласна, надрасна, наднационална, надгрупна, надпросторна и надвременска праведност која е валидна за секого, за секое место, за секое време, за секоја култура.
Четвртиот услов, се однесува на постоењето на определен систем на вредности во општеството, кои што се важен фактор и за формирањето на самата интелигенција.
Петтиот и конечен услов како што вели Леви е „признавањето на апстрактната, општата а не само специјализираната култура“.

Интелектуалецот претставува „свест и совест“ на општеството. Но, се до оној момент додека како таков, не ја допре свеста и потсвеста на непосредните носители на тој реалитет. Доколку во тој допир не се случи нешто пострашно, на интелектуалецот му останува секогаш отворена можноста да се повлече, да ја смени својата улога и да се инструментализира (претвори во инструмент за лична корист). На тој начин, како дел од тој реалитет, ја избегне можноста да биде маргинализиран, свесно заборавен, осамен во својата Галилејска судбина.

Еден добар дел од интелектуалците на транзицијата, без поголем интелектуален отпор и дилеми, веќе и се препуштија или и се’ препуштаат сеуште на матицата, на промените со сосем конкретизирани намери: да се стигне што побргу до утоката која ќе ги внесе директно во – власта.
Во една констелација, како што ќе биде забележано во една од ретките расправии за интелектуалците, денес кај нас, за тоа дека умот не’ може и не’ дејствува на свој начин и на свое ниво, туку тој дејствува во некоја виртуелна реалност. Kако и во поголем број транзициони општества, и ние се соочуваме со проблемот на воспоставување на вистината за реалноста. Имено, нема општа вистина. Се е некако виртуелно.
Во тој поглед се истакнува дека интелектуалецот запаѓа во стапицата на власта која ги „нуди гламурот на моќта и авторитетот“ па, оттука, тој наш интелектуалец е во постојана фрустрација меѓу „неатрактивноста, несаканоста на вистината и помпезноста на полтичката парола (макар и базирана на лага), ѝ која е дочекана со аплаузи и овации. Кон ваквата забелешка може да се приклучи и констатацијата дека: „болеста од која боледуваат дел од интелектуалците во Македонија најчесто се манифестира како притаена желба за власт, што значи дека најчесто не се изнесува ставот што треба да се брани, туку тој што е рентабилен во тој миг“.

Иако, ретко кој од денешните интелектуалци е расположен да ја прифати таквата вистина, многумина од нив се изненадени од фактот дека: „Се она што претходно се осудувало и го прогласувале за лажна свест….сега одеднаш, речиси преку ноќ, се институционализира и легитимира како нова нарација и практика“.

Процесот на транзицијата во земјите од југоисточна Европа, веќе подолго време е проследен со распаѓање на масовниот (долго време продуциран) слој на интелигенцијата од која, еден дел брзо се преобразува во „интелектуални претприемачи“ кои, под влијание на пазарната економија и профитот го напуштаа светот на интелектуалноста. Другиот дел, пак, почнува повторно да трага по својата изгубена општествена функција.

За интелектуалецот денес не се споменува дека тој е: одделна, независна индивидуална сила која создава, твори, надвор од сите надворешни влијанија и аспекти и дека е сила која е посебна, единствена, уникатна…
Наместо тоа, индивидуално творештво, без присувство на конформизам, интелектуалецот денес е принуден да биде дел од тенденциозноста на политичката сцена во која и тој самиот е инволвиран. 

*Напомена: Во текстов се користени делови реченици од делото „Збогум Интелектуалци“ на проф.др Јово Корубин, како стручна поткрепа во објаснувањето на оваа колумна.

Leave a Reply

Your email address will not be published.