Има иднина? Има курац!

Сакам да му се заблагодарам на Владимир Лазаревиќ на специјалната, број еден, покана!
До последен момент се надевав дека ќе формираат некоја “нормална” партија, партија на ризикот, на просветлението, на модерноста, на европскоста, со некое нормално име, “Краставица”, да речеме, или ” Смоква”, многу ми се допаѓа името “Смоква” за наслов на некоја политичка партија во Македонија, но тие се определија да прават некаков патетичен абарт врз старата вмровска шасија и да се крстат, замислете-“Има иднина”!

Но, настрана од овие сериозни заебанции, јас им посакувам успех во политичката експедиција! Можеби ќе стигнат да докажат дека има иднина, побргу и полесно, ако размислат малку за следниве мои забелешки:

“Има иднина”, всушност, е формулација низ која се изразува најголемата скепса во однос на иднината! Оние што правилно ќе ја прочитаат сентенцата ќе разберат дека иднина, уствари, нема! Има иднина викаат оние што не веруваат во иднината или, во најдобар случај, оние кои ги разјадува сомнежот во врска со перспективите! Па се храбрат самите себе! Уште повеќе, “има иднина” е формулација против сегашноста. Иднината што ја има не прави комотни не само кон сегашноста туку и кон минатото, иднината го релативизира сето тоа во надежта што е поместена во споменатата сентенца.

А “Има иднина” знаат да викаат, и тие се, можеби, најгласни, и оние кои сакаат да ја монополизираат сегашноста за себе! Иднината им ја оставаат на другите. Најодвратни се оние што темелно ќе ви го уништат животот и ќе ви го прекопаат минатото и ќе дојдат да ви кажат дека има иднина во смисла дека, сепак, има иднина, дека не е се така загубено, дека вашата пропаст, можеби, и не е така бесмислена, ситуацијата е тажна, но тука е иднината што ја има, вие сте вградени во неа, вашите страдања особено, блаблабла…!

Тука се и тие што не разбираат, односно не сакаат да разберат, уште поточно, тие што многу добро разбираат, дека нашата драма е драма на катастрофираната историја и на потрошеното, изеденото историско време на Македонија, со се иднината за која тврдат дека ја има.

Добар дел од културната матрица на транзицијата беше откажувањето од инвестирањето во иднината, едно од начелата на комунизмот, меѓу другото, и императивното и безусловно барање на иднината сега. Така и се случи, ние, добро, некои многу повеќе, други помалку, а трети, и тие се најбројни, ич, ја попапавме и сегашноста и иднината и во тоа лежи важен дел од одговорот на прашањето зошто ни се случи оваа катастрофа. Во таа смисла малку е цинично да се каже “има иднина”, особено ако тоа кажување не е проследено со квалитетна авторефлексија на тие што биле на трпезата или околу неа кога е черечена, имено, иднината!

Нема битна разлика меѓу оние што велат ” Има иднина” и оние што велат ” Има Господ” или оние што тврдат дека “Има среќа”! Господ можеби има, а можеби и нема, но затоа имаме стварност која не е спремна да ја подржи тезата дека го има! Во Македонија посебно! Или е спремна да потврди дека е многу лошо чудовиште ако некои други истанци потврдат дека го има! Мислам, Господ, не!

Или среќата! Што е со среќата на човекот кој на комар губи се, мислејќи дека има среќа, прво некоја општа среќа која кружи наоколу и ги милува луѓето, а второ и некоја негова лична среќа која знае да се притаи и да се повлече, да ја нема некое време, но, еве ја, спремна е да се јави во моментот кога тој решил да го стави сиот имот на 13 цвено!

Има иднина тоа ќе биде партија во која сигурно нема да се разочарате затоа што иднина сигурно ќе има! Дотолку повеќе што основачите на партијата мислат да ве уверат во вистинитоста на мотото со платформата на вемерето! Така што исполнети се сите услови иднината да ни биде таква каква што ни е и сегашноста, неа барем ја знаеме: едно големо срање!
“Има иднина” сугерира дека иднината постои зад ќошето и дека Македонецот само треба да сврти десно, сентенцата не се занимава со идејата дека иднината треба да се создава, дека ја нема и дека треба да се гради, дека иднината не е куќа во која, просто, треба да се вселиме!

Има иднина покажува дека сите можности за заебавање на тоа што порано беше македонски народ, не се исцрпени! Овие паради на ИСТОТО, тоа бескрајно шлајфување на политичкиот Македонец, фиксацијата во митот, отпорноста на митот и пред вакви катастрофи, ги прават шансите на митот да ја доутепа својата жртва поголеми отколку што се шансите на Македонија да го ликвидира митот. Тие работи ги подгреваат сомневањата дека паѓањето на Груевски се разбира како услов што го поставува потребата на континуитетот! Груевски е фиксиран како главен проблем. И тој е главен проблем, формациски, но, не и идејно, односно идеолошки и културно! Решавањето на тој главен проблем ќе конституира една, веројано, неформална коалиција која ќе биде непринципиелна по дефиниција и по таа линија, многу веројатно, тешко дека ќе биде способна да ги реши клучните предизвици на времето! Значи, и вмро и вмровските афилијации и сдсм и има иднина и нема иднина, сите против Груевски! Наебал човекот! А и ние не сме без шанси.

Но, боже мој, тоа е нашата понуда и нашиот капацитет. Повеќе сакам да го бутнеме малото шаткасто сувоземно чудовиште, нашиот Џорџ Трети или кој по ред беше, дури и да знам дека, сеедно, ќе пропаднеме, отколку да пропаднеме со тој лудак. Во таа смисла, намачкајте се со црвена боја и сви марш на плес! На 17 мај, пред Белата Грозотија, часот на јуришот накнадно ќе биде објавен!

Leave a Reply

Your email address will not be published.