Илинден, тоа сум јас!

Сосема очекувано и сосема „природно“ ВМРО-ДПМНЕ и нејзиното раководство и оваа година го злоупотребиja, го узурпираа празнувањето на Илинденското востание. Како да не го направат тоа, кога токму идентификацијата, токму маскирањето (и буквално и фигуративно) на оваа политичка номенклатура во модерна реинкарнација на Илинденците, е главниот ресурс, главниот агенс на нејзиниот политички и популистички хабитус.
Што би било ДПМНЕ без ВМРО, а со тоа и без Илинден, како квинтесенција на македонската организирана борба? Ќе речете, партија како и секоја друга – една сомнителна, полухаотична дружина од грст политички активни интелектуалци, со по некој заталкан идеалист и еден куп опортунисти, прагматичари и полтрони желни за опшествен (и финансиски) успех и влијание. Околу нив, пак, широка маса народна клиентела, која гласа, навива и шета по митинзи, во очекување на трошките од партиската трпеза, кои и се неопходни во борбата за гола егзистенција. Ништо особено, партија како партија. Но, со оние четири историски букви пред името, истата таа партија станува – приказна. Идентитетски наратив, со историска димензија, емотивен набој и длабоки, повеќеслојни значења. Прозаичната дружина, на која тендерот и е во срцето, а доларот божество, добива душа и аура. А во пакет со тоа, веднаш добива две коњски должини предност пред сите други, слични на себе дружини, наречени партии.
За тоа служат Илиндените. Но, внимавајте, на ДПМНЕ не му е цел да го стекне и да загосподари подеднакво и со Вториот Илинден, АСНОМ, иако со него не се `рчка, и се обидува да му укаже должна почит. Затоа и нема вмровци што ќе се пресоблекуваат во партизани и ќе јаваат кон Пелинце, не дај боже кон Прохор Пчињски, или ќе глумат Февруарски поход. Денешново ВМРО побрзо ќе се облече (и се облекува) во униформите на фалангата, отколку на партизаните. Не, нив само ги интересира брендот „Илинден 903“, па затоа и не изненадува онаа фројдовска грешка од рекламната кампања пред овој јубилеј, во која беше утната годината на АСНОМ. Потсвеста работи, иако АСНОМ лицемерно се „третира“ на високо ниво. За Пелинце, мошне итро, оди претседателот Иванов (по функција повисок!?), а Груевски, се „задоволува“ со Крушево. Нормално, АСНОМ е поважен за државотворноста на Македонија (сепак е победа), но Крушево е поважен за партијата. Оти, од него таа партија „јаде леб“ и ден денес!
Своевремено постоеше дебата за тоа колку е фер некоја партија да се повикува и да го зграпчи за себе ексклузивитетот да се претставува како ВМРО, многу партии се обидоа да го копираат тој рецепт, но со време, освен Народна на Георгиевски, се откажаа или се вратија во „базата“. Можеби еден ден, во згодна прилика, ќе мора со устав да се заштити историското име ВМРО од политичка злоупотреба. Прво, затоа што е анахроно. При формирањето на Македонската револуционерна организација, зборот „внатрешна“, укажувал дека таа не е дело на бугарските тајни државни или воени структури, за што се сомничела, а „револуционерна“ значело дека покрај национално-ослободителните цели, организацијата имала визии и за поинакво општествено уредување. Денес тие референци не значат ништо или значат нешто сосема друго. И второ, затоа што кратенката ги доведува луѓето во заблуда дека некој овде е „легитимен наследник“ на Илинденците. И само врз таа основа манипулира со чувствата на Македонците и остварува политичка предност.
Ако политичките ривали станат свесни за оваа неправда, и ако имаат малку дух, може еден ден да направат ваков политички перформанс, кој ќе им ги разјасни работите. Може сите поединечно да поднесат барања во судот во имињата на своите партии, напред да ја додадат кратенката ВМРО. Па така, би имале покрај ВМРО-ДПМНЕ, ВМРО-НП, би имале и ВМРО-СДСМ, ВМРО -ЛДП, ВМРО-Достоинство и тн. Карикатуралноста на таа состојба, уште ако биде поткрепена со соодветна иконографија и театар, можеби ќе им ги отвори на луѓето очите дека некој цело време се кити со туѓи перја.
Но, да се вратиме на „нашиов“ Илинден. Иако секоја злоупотреба на Илинден е слична, годинава имаше и некои „фини“ новитети. За почеток, беше направен невкусен театар со „аплицирањето“ на хашкиот осуденик Јохан Тарчуловски на чело на коњицата од Лисиче, која традиционално патува за Крушево. И додека нас ни изгледаше комично или кичерски тоа што сите телевизии од час во час не бомбардираа со извадоци од дневникот на „Јохан Војвода“, мислам дека на некои наши сограѓани ова воопшто не им беше смешно, туку морничаво. Овој гест сосем ефикасно ги анулира политичките пораки, изречени од говорницата на Мечкин Камен, за мултиетничкиот карактер и на Илинденското востание и за нашето негово чествување во истиот толерантен, мултиетнички дух. Вистината, која е сосем спротивна, преку овој потег излезе на виделина. ВМРО-ДПМНЕ, помалку или повеќе јавно се храни од билдање антиалбанско расположение, што е жално во држава во која нема ден некои пубертетлии некодо да не исчукаат во автобус или на улица, само затоа што е од погрешна националност.
Небаре е на митинг во Старавина, Груевски безмилосно ја трошеше говорницата за да ги набројува сите свои „победи“, ставајќи ги во ист кош со победите и жртвите на Илинденците. Помеѓу цитатите на Делчев, Петре Пирузе, Ченто или Брашнаров, тој успешно ги „ушнира“ своите километри асфалтирани делници, земјоделски субвенции, купени трактори, медицински апарати, технолошки развојни зони… На нивните победи тој во форма на апозиција, без дилема, како категорична констатација, ги натакса своите “победи“:
„Победа е да ја намалиш цената на лековите, да инвестираш во најмодерна опрема за клиниките и болниците и истите да ги градиш и реновираш, да обезбедуваш бесплатна обука и студиски престој за нашите лекари во странство, да носиш реномирани странски лекари за да изведуваат интервенции дома, да овозможиш бесплатно ин витро за прво и за второ дете, да се осврнуваш на правење систем за подобра комуникација на лекарите и пациентите, за подобар однос, во сечиј интерес.“

Да, да, а победа е и лекарите да ги донесеш до нервен слом, да ги игнорираш нивните протести, а потоа да им приредиш контрапротести. Со еден збор, да им ја „скршиш кичмата“, но тоа не беше спомнато.
А сè може да биде победа, ако така сакаш, па и нашето беспаќе кон ЕУ:
„Победи се и визната либерализација, двете јасни потврди од НАТО дека сме ги исполниле сите критериуми за влез во Алијансата и четирите позитивни извештаи на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија и четирите препораки за датумот за почеток на преговори за влез на Македонија во ЕУ.“
Груевски оваа година испали толку долг рафал на свои вистински и умислени победи, што уводниот дел на неговиот говор, посветен на улогата и значењето на Илинденците, на нивните победи и жртви, падна во дебела сенка. Чиниш, Илинденците гинеле за приклучување на Македонија во Јужниот тек, за легализација на дивоградбите и непречен откуп на дворови, за привлекување на булук странски инвеститори, а Субрата Рој им бил далечна, неостварена фантазија. Затоа, се најде место во говорот и за најава на нови 15 инвеститори кои само што не влегле во Македонија сосе куферите полни пари. Кој спомна невкус?
Шармантно е како Груевски целата држава и сиот македонски народ го поистоветува со самиот себе, и евентуално со својата влада, не верувам цела. Државата, тоа сум јас! Може целиот говор да го читате пет пати, но нема други победи, ниту спортски, ниту културни, научни или стопански во Македонија, што вредат да се набројат во ваква прилика, како „оправдание“ за големите жртви на Илинденците на Слива или на Мечкин Камен! Има само владини победи, или евентуално премиерски. Се што е вредно во овааа земја, почнува и завршува на Илинденска број 2.
Во годинашниот говор, премиерот додаде и малку интимна димензија, опишувајќи ги своите чувства додека ги ниже тие победи за Македонија. (извинете за должината на овој цитат, но многу е симпатичен).
„Нема ништо подобро и нешто што повеќе ме прави среќен од насмевките и озареноста на лицата на луѓето кои ќе се вработат, од татковците и мајките кои со влезот на работа надминуваат еден сериозен предизвик и може послободно да се насочат кон развој на семејствата. Во мојот политички ангажман, од самиот негов почеток и прв момент јас секогаш отворањето на нови работни места сум го сметал за врвен приоритет и додека функционирам во политиката тоа така ќе продолжи да биде и да остане како најбитна работа за мене. За таа цел, кај мене нема резерви, нема калкулации со ангажманот, напротив макотрпно, со целата моја енергија, и дење и ноќе, и дома и кога сум надвор сум фокусиран на тоа. Затоа и иако е напорно, за мене не претставува проблем да поминувам стотици и илјадници километри за да лобирам за странски инвестиции, да презентирам дека Македонија заради реформите кои ги направивме е земја која нуди најниски трошоци за правење бизнис во Европа, дека Светската банка за 6 години од 94-тото ја искачи на 23-тото место во Светот во однос на добрите услови за правење бизнис, само и само за да дојдат компаниите во Македонија и да инвестираат и да отворат работни места.“
Ако ова ви личи како дел од лежерно интервју во неделна емисија, во кое е нормално на егото да му се даде простор да се размавне, а не на говор на државотворен празник од еден државен функционер, ништо не сте разбрале. Станува збор за историска паралела. Дури и кога му е тешко, преморен од илјадниците поминати километри (на свој, државен трошок), можеби и поизморен од дружината на Питу или од лисичките коњаници, нашиот Драг Лидер собира сили да се пофали со Дуинг Бизнис! И сето тоа заради нас! Е тоа е жртва, самоконтрола, присуство на дух!
Мора да се спомне и апологијата на Скопје 2014, каде како штит од критиките Груевски ги наведува спомениците на несомнените македонски авторитети, (Гоце, Карев, Сандански, Ченто) небаре со нив се исцрпува диверзитетот, длабочината и коренитоста, со кои овој проект му го смени личниот опис на градот. Ни зборче за Филип, ни за Воинот на коњ без име, ни за мајка му Олимпија што го дои во дваесет пози, го нема Прометеј, никакви лавови, никакви галии, никаков барок, не се спомна во неговата „одбрана“ на СК 2014. За неговите дела ќе кажела историјата, а историјата ја пишува победникот, а како што видовме, победник се знае кој е.
Ако ви се чини дека на СК 2014 не му е место на Мечкин Камен, тоа уште помалку може да ви се пристори за лустрацијата. Она од што секој обичен политичар би се срамел – оти таква е нашата лустрација, срамна, извитоперена, тенденциозна и селективна – претпоставувате дека во таква прилика политичарот не би го ни спомнал, би го премолчил. Но Груевски се раководи од александровите принципи на војување, удира кај што најмалку очекуваш! Нападот, а во случајов фалбата, е најдобра одбрана. Тој ја испофали лустрацијата, чиниш и тој и цела негова партиска каста во текот на комунизмот живееле во подземни скривници. Ако некого не го мрзи, може да провери колку од актуелниве политичари, и нивните семејства, биле вистински жртви на комунистичка тортура, а колкумина биле убаво интегрирани и етаблирани во едноумието. Жртви на комунизмот имало, но тие и денес се на маргините, и служат само како декор на партиските прослави, колку да им додадат емотивен елемент. Накусо, Груевски е среќен со ваквата лустрација, во која ни смртта не ги спасува од дисктриминација (Јаневски може да биде лустриран и мртов, а Богдановски не), и според неговите зборови, таа „ќе оди до крај“. Само што никој не знае каде ќе и биде крајот.

Груевски не извести како и зошто во иднина нема да се решава спорот со Грција. Односно, ќе се тропа на вратата за која веќе проверил дека е затворена. Погодувате, муабетот ми е за „веста“ дека Груевски ќе бара промена на форматот (!?) на разговорите во Њујорк за решавање на прашањето за името. Сега, кога доби одговор од Грција дека директни преговори за неа се неприфатливи, тој може истата тактика да ја употреби и во Њујорк, во надеж дека повторно ќе биде одбиен. Така, сите ќе виделе кој не сака решение. А ние, сакаме решение, и тоа такво што после ќе го отфрлиме на референдум!
Мислам дека со овој пристап Груевски ја потценува интелегенцијата и на тие во ООН и на тие во Атина, и дополнително им оди на нерви. Но, нему тоа не му пречи, и ја прифаќа оваа ситуација на статус-кво, зашто во едно вистинско решение, какво и да е, тој не може да остане нечепнат и да не плати некаква политичка цена. Иако ја обвинува Атина за купување време, вистината е сосема спротивна – времето нему му истекува, иако полека. Тој изгледа е решен да замине од политиката ако не може да го избегне решавањето на овој спор, и великодушно да му го препушти на кого било, па затоа секое стоење во место му е прифатливо. По толкаво форсирање на антиевропско расположение од сите провладини мегафони, за што убаво му дојдоа и оние ламентирања за Букурешкиот договор од сета егзотична политичка боранија, народот полека се помири со тоа Македонија засекогаш да остане надвор од ЕУ, како само по себе разбирливо, па дури и пожелно. Дури и Иванов од Пелинце, обраќајќи се кон Брисел надмено, небаре од некоја олимписка височина, им делеше цинични лекции на Европјаните. Ја покани Европа да види што е демократија, човекови права, слобода… „Европо дојди во Македонија, да се најдеш себе“. Демек, толку си изгубена и дезориентирана, ние ќе ти го покажеме патот. Оф, мори мајко!
Дека нешто сепак ќе се случува на планот на нашите евроинтеграции, а во пакет со тоа и со спорот за името, укажуваат зборовите на Груевски за она што е пред нас, а кое тој, во стилот на Обама или Буш, го нарекува „нови предизвици“, за кое е потребно да ги „збиеме редовите“, термин толку типичен за говорите на Тито. Но, се заедно врши работа да ја пренесе пораката дека нешто гадно ни се спрема, дека има нешто од што треба да се плашиме, а како што знаеме, стравот и неизвесноста од надворешниот и внатрешниот непријател, е вечен политички репроматеријал. Еве како тоа го загатнува говорникот:
„Тие предизвици ќе имаат за цел да го раздвојат македонското национално ткиво по неколку линии, внесувајќи немир, вознемиреност, можеби и фрустрација и чувство на девалвација кај Македонците. Моменти на провокација од разни структури домашни и од надвор, на разбивање на кохезијата на македонскиот народ, на повторно етикетирање и стимулирање на вештачки подвојувања, и тоа ќе се обиди во насока да се компромитираат македонските државни и национални интереси кои се длабоко исправни и реални.“
Што знае Груевски, а не сака отворено да ни каже? На нашата фантазија останува да замислуваме што се планираат да ни прават душманите, а веќе ни е јасно кој и како ќе нè спасува од нив – исто како што нè спасува и до сега. Само едно не ни е јасно – кој и како ќе нè спаси од самите спасувачи.
Сè на сè, видовме уште еден блуткав, бесвкусен Илинден, сосема на ниво на задачите и целите што од него се бараат – да биде пропагандно орудие на вледејачката партија за бетонирање на јавната перцепција за неа како за еден и единствен легитимен потомок и наследник. А потоа да може на раат да се разбашкари, како секој татин син што добил големо наследство на тацна. Ние во приказната сме закрепостените селани. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.