И слободните новинари влегоа во шоуто на режимот!

Жално, многу е жално е да се гледаат одредени новинари, не оние режимските (настрана разно-разните новинарски здруженија и синдикати), како паднаа во стапицата на режимот и демек дебатираат за предлог-законот за медиуми.

Благодарение на вас, вие малку преостанати слободоумни новинари, режимот си го доби своето летно шоу, каде сите вие сте гости, заморчиња во емисијата. Па не за џабе Миленко – водителот и неговата Шоу тајфа се таму! Ама тие се таму со причина, да продаваат лаги, да шират омраза и дезинформации како што прават секоја недела. Туку, што правите вие? Што ли мислите дека правите?!

Па, нели ви е срам, нели ви е мрско, еден неписмен шанкер како Нонковиќ да ви држи предавања по слободно новинарство и да ви продава муда за бубрези? Нели ви е гадно да ја слушате Мирка, како бара да се воведат дозволи за пропагандисти и лобисти, а таа е најголемиот режимски пропагандист?! Нели ви е жал, нели почувстувавте макар и трошка одговорност дека всушност преговарате со режимот кој речиси ве има уништено, збришано и од професијата и од здравиот разум?!

Срам да ви е што ја легитимирате оваа власт! Сите сте пола луѓе – пола калкуланти, пола борци за слобода – пола самите си ги ставате оковите. Па, по она што му се случи на Кежо, кој паметен би излегол да расправа со режимот, на наводна дебата со неговите мегафони и перачи на мозоци?!

Со ова летно шоу вие не ја легитимирате само власта и нејзините мегафони пред домашната јавност, туку го легитимирате режимот и пред меѓународниот фактор, пред европските институции. Но, да бидеме искрени, таа ваша кооперативност спрема Европа, која добро ве има искеширано, ве направи смешни, трагични ве направи. За вие да преживеете во услови на режим како здруженија и синдикати, треба да исчезне слободното новинарство. Затоа сте апсурдни и трагични!

Требаше овие фингирани расправи да се бојкотираат, да се развие силен блок и јасен став кај сите независни медиуми и здруженија. Наместо тоа, вие дебатирате за слобода на медиуми во ситуација на тоталитарна диктатура, разговарате за идиотски закон, кој власта секако ќе го донесе и не сфаќате една работа.

На крајот на нештата, недонесувањето или повлекувањето на овој закон, не решава, не менува ништо во состојбата на (не)слободата на медиумите. Небитно е, ирелевантно е веќе, кога секоја слобода е отепана, дали овој закон ќе се донесе или не. Зарем овој режимски закон ќе нè направи нешто повеќе или помалку неслободни од неслободата која веќе ја живееме од самиот режим и неговата тотална контрола врз медиумите?!

Некој овде, очигледно, не ја зграпчува суштината. Би бил среќен тоа да сум јас.

Ама извинете, вие разговарате за должината на јажето, за острината на гилотината… и тоа со вашиот џелат!

Leave a Reply

Your email address will not be published.