Македонските хирурзи оперираат во неадекватни услови

 Хирурзите се жалат дека температурата во салите е неподнослива за да може да оперираат без дополнителни напори и напрегања. „Место температурата во операционите сали да биде под или околу 20 степени, како што налагаат стандардите за работа во операциона сала, деновиве таа се движи околу 30 степени и повеќе. И освен што сме напрегнати и насочени кон тоа како да се реши медицинскиот проблем на болниот, состојбата дополнително се загрева и со неподносливото топло. Мора често да ја бришеме потта со што непотребно се деконцентираме, а и непотребно се исцрпуваме. А да не зборуваме за тоа што случајно од потта може да капне врз пациентот или во салата“, вели еден хирург.

Проблемот со недоволното ладење на хируршките сали, како и вентилацијата во операционите сали се провлекува со години, и во летниот период секогаш доаѓа до израз. Лекарите објаснуваат дека системот за ладење нема капацитет за да може да ги разлади сите 16 операциони сали, како и болничките соби во клиниките распределени на шест катови. Дополнително влијание има и тоа што не сите, ниту болните, ниту вработените го почитуваат правилото дека не треба да се отвораат прозорците во болничките соби, а тоа не се почитува ни во ходниците на операционите сали, велат лекари со кои разговаравме.

Многу не помагаат ни клима уредите кои дополнително се купуваат и вградуваат. На една хируршка клиника деновиве биле поставени уште два таканаречени сплит системи, но и тие не биле доволно за да се постигне поднослива темепратура.

Министерот за здравство Никола Тодоров вели дека проблемот со системот за ладење на хируршките сали не е само негов проблем и на Министерството за здравство. „Таму има директори, па нешто и тие треба да сработатат. Тие нека кажат како да се реши овој проблем“, вели во изјавата министерот за здравство Тодоров. Тој додаде дека кога ќе биде изграден новиот клинички центар, ваквиот проблем ќе биде минато, затоа што надворешните ѕидови ќе имаат изолација, а системот за вентилација ќе биде ултра модерен.

Раководството на Заеднички служби при Клиничкиот центар, во чија надлежност е одржувањето на системот за ладење на хирургија, не знае дека има проблем со неговото функционирање. „Ниту писмено, ниту усно се пожалил некој од директорите на хируршките клиники дека нешто не е во ред со системот за ладење. Во моментот нема никаков дефект на системот, а друго е тоа што системот е стар околу 40 години и колку одговара на капацитетот на клиниките“, ни изјави Шкодране Дердишта, директорка на Заедничките служби.

Извор Утрински 

Leave a Reply

Your email address will not be published.