ГУТИЕРЕЗ: Загрозени се слободите и плурализнот на медиумите во Македонија

 Ваквата ситуација се должи на многу фактори но, според генералниот секретар на Федерацијата, Рикардо Гутиерез, основни се владините реклами кои се користат како суптилна алатка за цензура. Оваа забелешка им ја пренел на министрите Бесими и Ивановски од кои побарал погоолема транспарентност околу начинот на трошење на овие средства.

Информациите содржани во извештајот, испратен до Европската комисија, треба да бидат достапни и за домашната јавност, рече Гутиерез.

-Ги замолив да го споделат тој извештај. Мислам дека не е само право на новинарите да знаат за тој извештај, туку е право на сите граѓани во Македонија да знаат каде овие буџетски пари се трошат, рече Гутиерез.

На средбата со министерот Ивановски која траела речиси еден час Гутиерез ги посочил и сите забелешки околу новиот закон за регулирање на медиумската сфера.

-Тоа не беше лесен разговор, но на крајот тој призна дека се уште има простор за подобрување на законот за медиуми. Му реков дека овој закон не треба да биде напишан против новинарите туку заедно со новинарите, да ги вклучи новинарите во изготвувањето на законот.Се согласи уште еднаш да се сретне со претставниците на новинарите за да разговара околу нашата загриженост во врска со законот за медиуми., рече Гутиерез.

Како спорни ги посочува и работничките права на новинарите. Голем дел од нив работат без договори, без платен годишен одмор, за минимална плата. Главна улога во подобрување на целосната ситуација треба да одигра владата која веднаш треба да престане со апсењата на новинарите и со големиот број судски постапки. Како очигледен пример за лошата состојба со медиумските слободи во Македонија која е во моментов една од најзагрижувачките во регионот Гутиерез го посочи случајот со Кежаровски. Во Европа новинар не смее да се осуди поради вакви обвиненија, и тоа јасно им го кажав на министерите Бесими и Ивановски, рече Гутиерез.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.