Груевски ќе бара поделена власт кога ќе падне

Подолго време во Република Македонија не постои свест за институциите. Би рекол не постои и политичка воља и амбиент сериозно да се занимаваме со прашањето на поделбата на власта. Колку е таа поделена и зошто е тоа така? Да се инсистира на совршеност можеби е и преамбициозно, но и опасно да оставиме да се користи моменталната, лер, состојба со уставните одредби за поделена власт и нивниот живот во политичката практика. По некој крик за “одземени права” се јавува од случај до случај и тоа се поставува кога треба да се задоволи моментален партиски интерес, но и политичка потреба на државата. Каде да се бараат причините за ваквата статус-кво поделеност и практикување на поделените власти?

Изминатите години изострено ни кажува дека прекршувањата (тоа е тежок ударот на човековите права) доаѓаат од факторот – партиски лидер и партијата која ја води и е на власт. Се почнува и завршува со лидерот и премиер Груевски. Мислам дека тоа и не се крие, напротив се афирмира дека владеењето мора да биде така и само така може да се очекуваат позитивни резултати. Како да се нема доверба во останатите, како тие (останатите) да не се дораснати на предизвиците кои ја очекуваат државата. Сите останати во другите власти мора да се подредени кон извршната и тоа онаа која во раце ја држи премиерот.

Амбиентот и однесувањето на останатите е таков што доброволно се откажуваат во негова корист, во корист на партијата, во корист на премиерот, лидерот на владеачката партија. Тоа го направи Груевски-ВОДАЧ.
Може да се правиме сите “на Тошо” но денес тој е неприкосновен владетел. Сите го слушаат и секој сака да добие повик (наредба) од него.

Јас сум убеден дека тој не го сака тоа за се и сешто и секогаш, но владеењето, практикувањето ги ставил сите останати на готовс и без да им се јави или интервенира да решаваат во негова корист, во вистината која само тој ја кажува. Се престроиле надвор од уставните норми. Работите се страшни и во внатрепартиските односи и приврзаниците надвор од партијата кои се подготвени “да гинат” за лидерот, потоа следува партијата на чие чело е, па за останатите во неа, а на крај што ќе остане за државата. Не велам дека Груевски со поведението посакува да биде таков, но така е разбран од приврзаниците кои му се верни, верни пред се нему.

Очигледно е дека тој е заборавен во таа улога и таа му годи. Јавноста досега не сакаше да гледа на опасностите од владеењето на типот човек-водач, дури медиумите беа резервирани, па и го помогаа подредувањето кон него, омаловажувајќи ја улогата на останатите носители на јавна функција во законодавната и судската власт. Тоа го правеа до невидено понижување,истакнувајќи ги повеќе нивните лични слабости,отколку потребата да се охрабрат и да се одважат на наметнатите или доброволно отстапените надлежности.

Сега состојбите се такви кога медиумите и останатите влијателни и критички расположени уредници сакаат да направат пресврт и очекуваат да се откаже послушноста кон лидерот, водачот, човекот-вистина. Бараат нормалност. Се разбира дека тоа ќе оди многу тешко зошто неговите пратеници (точно така) се направени да му служат само нему. Учеството на медиумите за таквите односи не е за занемарување. Секој требаше да биде поразен во името на партијата и лидерот. Секогаш ,а особено овие години тие беа на страната на лидерот,па на партијата.Вратете се назад, само какви квалификации се даваа за угледот на лицата кои се наоѓаа на листите на избори. Ги сведуваа на бројки,дури непримерно загрижените партијци ги омаловажуваа своите со погрдни зборови и нечесто ги правеа недоветни поистоветувајќи ги со домашно животно кое се нашло на листа и кое треба само да седне на столчето и да аплаудира и молчи во корист на лидерот-водач.Истото се правеше за пооделни судии,обвинители….Сега се бара од нив активен однос, се плетат приказни за послушност од судските власти,па ќе почнат обвинувања дека некој откажал послушност зошто бил за другата партија или лидер и се така во тој стил,само да не остане ,,чепнат, авторитетот ЛИДЕР.

Помал е проблемот дали може да им се одрази на мандатот на некои со некакви обврзувања кон партијата ако неговите му се спротистават (сега на Груевски), поголем е проблемот како тоа ќе им се одрази после мандатот зошто јавноста никогаш не стои зад совеста, туку зад силата и моќта, на начин како што го прават или ќе го направат судските власти во тие “спорови”. Груевски е долго на власт, неприкосновено владее со моќта која ја покажува. Дали ќе се обиде да ја подели таквата власт сега зависи од него. Тоа ќе го побара секако кога ќе падне.

Leave a Reply

Your email address will not be published.