Груевски ќе ги урива блокадите

Верувале или не, политиката ќе ги отстранува пречките што самата ги постави во изминатите 22 години

Премиерот Никола Груевски ќе ги урива македонските блокади на патот до Европа. Верувале или не, со меморандум политиката ќе ги отстранува пречките што сама ги постави на европскиот пат. Ете што му било мајката. Цели 22 години погрешно ги читавме знаците на патиштата до Брисел, па затоа и често лутавме загубени по нашите, балканските и европските беспаќа.

Решението било многу едноставно, ама на кој да му текне. А на кој друг ако не на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ кои по седум години интензивно размислување открија дека прво треба да се отстранат пречките дома во сопствената куќа, во својот двор, по македонските патишта и лавиринти, па потоа да се бара од соседите и од другите европски држави да ги почитуваат универзалните права на граѓаните на една мала и мирољубива земја, која не претставува опасност за никого. На Груевски, конечно, му светна по 11 години седење во Владата дека не можат да се бараат поголеми права на европската сцена, а да не се почитуваат истите права дома. Ете затоа Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ќе му предложат на парламентот да се донесе меморандум, цврст документ напишан на пергамент, а не како оној Извештај на „палома“ хартија. Овој своевиден указ, хатишериф, или меморандум, како сакате викајте го, ќе овозможи отстранување на се’ што е пречка на европскиот пат. Како што објасни премиерот уште пред да се достави документот до Собранието, ова се однесува само на домашните сопки и препреки кои зависат само од нас и кои ги ставаат нашите луѓе.

Идејата навистина е ингениозна. Конечно, политичките елити на Македонија и од власта и од опозицијата ќе тргнат во потрага по решенија, а не по оправдувања како во изминатите две и кусур децении. Доста веќе слушавме оправдувања како другите се виновни што сме сиромашни, невработени, обесправени и онеправдани… Ќе се расчистува прво делот каде што нема други виновници освен нас самите. Кога ќе се отстранат сите домашни тешки товари наследени низ историјата, големите грешки, промашувања, непочитување и извртување на европските стандарди и правила, многу полесно ќе се справиме со соседските ултиматуми и со европскиот протекционизам. Значи, не е тешко да се претпостави што ќе содржи вмровскиот меморандум за кревање на бариерите кои сами ги ставивме на европскиот пат. Прво како што доликува на секој меморандум, или документ од таква природа што треба да биде донесен едногласно во парламентот, е враќање на голема врата на демократијата во Македонија.

Првиот конкретен чекор е амнестија за сите политички затвореници кои се судат, или се осудени во судски процеси под притисок и се прогласени јавно за виновни од политички функционери пред да бидат осудени во судот. Веднаш се запира постапката околу контроверзните медиумски закони. Медиумските асоцијации во соработка со ОБСЕ ќе предложат нов закон во согласност со Уставот кој Владата и парламентот ќе го прифатат безрезервно. Се прекинуваат владините селективни кампањи и пропаганди и се воспоставува регуларен медиумски пазар, без можност за рекламни предизборни донации. Власта се ослободува од своите медиумски апологети и се дистанцира од ловот на измислени непријатели и набедени грчки платеници. Слободата и демократијата стануваат прв и основен предуслов за побрз развој на Македонија. Дијалогот, дебатите и јавните настапи ќе станат секојдневје како во предвечерието и првите денови на плурализмот. Владата и политичките партии ќе работат да се создаде демократски амбиент во земјата, да се врати јазикот на меѓусебно почитување и толеранција кон различните мислења, да се негува политичка и комуникациска култура. Се забрануваат негативните политички и партиски кампањи.

Никогаш повеќе нема да се повтори 24 декември или некаков црн понеделник, или петок, или кој било црн ден во Собранието на Македонија. Тепањето пратеници, нивното исфрлање од парламентот, отстранувањето насилно на новинари од работните места влегува во темните страници на историјата. За сите кршења на Уставот и законите констатирани во Извештајот на Комисијата за истражување на настаните од 24 декември се очекуваат серија оставки на одговорни функционери до кои ќе дојде уште пред усвојување на меморандумот на ВМРО-ДПМНЕ, чиј составен дел станува и Извештајот на Комисијата за 24 декември.

Паралелно со медиумските слободи, ќе се отстранат и притисоците врз сите судски институции и инстанции. Независноста на судството, почнувајќи од основните судови и обвинителства, па се’ до државниот и управните судови станува света должност на државата и на сите надлежни институции. Правната држава по високи европски правила е главен предуслов за успешноста на другите реформи. Првите блокади кои ќе ги отстрани меморандумот ќе овозможи не само враќање на демократијата и правото, туку и забрзување на тие процеси на многу повисоко ниво.

Една од големите пречки кои експресно ќе се отстранат е и одделување на политиката од науката. Завршува ерата на политички стимулации поопасни од хероин во потрага по нов антички идентитет. Науката им се враќа на научниците. Политиката и политичарите, дефинитивно, се оградуваат од шарлатанските и авантуристички побивања и ревизии на одамна потврдени научни вистини. Огромна е штетата од идентитетскиот земјотрес поттикнат од политиката на власта што го предизвика антикоманијата и изградбата на скапи споменици и зданија несвојствени за ова поднебје и без поголема уметничка вредност. Проектот „Скопје 2014“ ќе биде изложен на стручна ревизија од релевантни и компетентни урбанисти, архитекти, сеизмолози и историчари на уметноста. Натамошното монтирање на барокни маски врз објекти изградени во минатото најстрого се забранува и се кривично дело. Се заштитуваат сите авторски права на сопствениците на оригиналните проекти и дела изградени пред повеќе децении кои се одлика и сведоштво на едно време. Тие се дел од историјата. Никој нема право да ги фалсификува оригиналите и да ги деградира уметничките вредности на објектите кои се изградени од претходните генерации.

Политиката нема да арбитрира и да ги поттикнува научните кругови да се стават во улога на пишувачи на нарачана историја и за прогласување на единствени наследници на минатото, без оглед дали се работи за праисторијата, античкиот период на Македонија, за средниот век. Маргинализацијата на НОБ, антифашистичката војна и словенското потекло, кои беа неправедно политички и идеолошки ставени во колективна амнезија, се отстрануваат како пречки на европските поимања на антифашистичката војна и потеклото на народите и нивниот јазик кои се главниот темел и на современата македонска нација и идентитет.

Меморандумот ги отстранува сите пречки кои не се во согласност со евроатлантските стремежи на Република Македонија. Ќе се бара компромисно решение за името на државата прифатливо за двете страни и ќе се анулираат сите домашни блокади на тој пат. Македонија ќе настапи пред ЕУ и НАТО без ниту една сопствена пречка и вина за членство во овие асоцијации со што ги обезоружува надворешните блокади и пречки за кои има пресуда и на највисокиот Меѓународен суд за правда во Хаг.

Дали верувате дека е можен еден ваков меморандум во Македонија да се оствари во практиката. Јас не верувам. Секој поинаков меморандум е само уште еден „палома“ или „памперс“ документ, сеедно, кој ќе го покаже сето лицемерство и бербатлак. Се’ ми се чини дека меморандумот ќе биде само уште една коска за глодање и за чешање на јазиците да се сврти уште еднаш вниманието на јавноста во погрешна насока.

Извор Утрински 

Leave a Reply

Your email address will not be published.