Груевски е само зло, но злото не е само Груевски!

Македонецот не е самоубиец кој си пресудува со истрел од својот револвер, тој ја нема таа дистанца на субјектот од инструментот или на инструментот од објектот, тој е тип кој во себе го интегрира и пиштолот и куршумот и главата на тој што треба да биде убиен и тој што треба да го повлече чкрапалото! Македонецот е интегрален човек! Затоа е многу тешко да се спаси, зашто кога го спасуваш како жртва, ти, уствари, го спасуваш како самоубиец, додека ако го оставиш да се убие, ти ќе станеш новиот човек кој ќе сака да се убие од мака!

Со внимание го прочитав интервјуто на господинот Лазаревиќ за порталот Репортер.мк. Ми се наметна клучот на оваа филозофијата на саморазбирањето, наспроти која луѓето, некои луѓе, уживаат во неверојатната лефтерност на дневниот рефлекс! Моите забелешки допираат важни аспекти на самата природа на груевизмот, на декадентното скапување на режимот и на скицата на постгруевистичка Македонија што почна да се исцртува. И која ме загрижува! Еве ги во адаптирана и прилично симплифицирана, но, во основа, прецизна форма:
“Во рамките на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ постојат многу храбри луѓе и нивното време допрва ќе дојде…”

Јас, пак, мислам дека станува збор за една неподносливо кукавичка формација, комплет, без исклучок, но тие морални квалификации и кај Лазаревиќ и кај мојата маленкост се помалку важни од мојот став кој вели дека комплетната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ е во зоната на кривичната одговорност!Можно е дека некои од нив или, можеби, сите, никогаш не успеале да ја сфатат својата улога во разорувањето на политичките, правните, културните, моралните, финансиските, економските и меѓународните основи на Република Македонија, на нејзината историја и перспектива, но, што со тоа!? Јас не верувам во таквите размери на бесвесноста и мислам дека ништо, дури и најголемата можна заблуденост, не може да ги ослободи од одговорноста. Тие знаеле или биле должни да знаат дека се во служба на најодвратното злосторничко здружување во историјата на политиката, а фактот дека и денеска, по бомбите на Заев, ги нема со минимум пристојна реакција, покажува дека за нив нема олеснителни околности, најмалку, пак, би можело да се каже дека се храбри, не, тоа никако, не, тие се опасни злотвори. Треба да се надеваме дека нивното време е поминато, господине Лазаревиќ, нема ништо попоразително за македонските перспективи од тоа да се рече дека времето на оператерите на смртта, на луѓето што и ги подготвуваа документите на смртта и за смртта на Македонија, допрва ќе дојде! Се ежам!

“Има луѓе ( членови на партијата, пратеници, м.з.) кои немаат ама баш никаква врска со овој криминал кој го обелоденува опозицијата, и кои се поставени во исклучително деликатна положба. Не само тие, туку и нивните семејства се мета овие недели…”

За малку ќе се расплачев над нивната судбина, господине Лазаревиќ! Да не треба да ги згрижиме! Знам едно убаво место, Бад Тацмансдорф, така се вика, можеби, најпознатата бања во Бургерланд! Со се семејства, јасно!?
Во одредена смисла, се разбира тие немаат врска со криминалот. Не верувам дека меѓу нив има некој што лапал латифундии по Водно за џабџабе, а за ” донациите” од Израел е очигледно дека се тотално невини. Но, тие се одговорни за системот, за амбиентот, за контекстот, за правната рамка на криминалот, за политичкиот сервис на криминалот, за квазипарламентарната логистика на криминалот!

Моето становиште е дека нема невин човек во Македонија, сите сме виновни, некој повеќе некој помалку, сите членови на вмро-дпмне се на специјален начин одговорни, но тие што самите себе се изнајмувале да бидат нормативни, административни, парламентарни паравани зад кои злосторничката банда ќе ја черечи Македонија и нејзините два милиони луѓе како печена кокошка, не смеат да се допуштат во зоната на сожалувањата затоа што, господине Лазаревиќ, така ќе си дозволиме да си играме со жртвите на нивното недело, со илјадниците, со милионите жртви, со неподносливите нематеријални жртви, дали се разбираме! Таквиот однос кон злотворите не е само прашање на правдата туку е и прашање на перспективите, зашто без адекватен однос кон злото општеството не може да оди напред, независно дали ќе и се предаде на некоја амстердамска или ротердамска, можеби, новоселска или што јас знам каква не, тројка!
“Сите ние заедно кои ја сакаме Македонија, кои сме на еден или друг начин поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, ќе ја раководиме и радикално реформираме партијата, со цел да ја вратиме кон нејзините темелни вредности, да ја обесрамиме пред граѓаните, да разговараме со опозицијата, и да ги поставиме уставните вредности во преден план. (…)”

Гледајте, јас бев спремен да го толкувам ова редење како обид да се портретира македонската шупливост, но отпосле сфатив дека тоа фразерство и не е така празно! Прво, не можете таа злосторничка организација радикално да ја реформирате и истовремено да ја вратите кон нејзините темелни вредности! Таа е сега поставена врз темелните вредности кон кои ја врати Груевски веднаш по соборувањето на Георгиевски. Се сеќавате, не!? Ние, нашата драма, нашиот очај, нашите црнила, се последица на темелните вредности на вмро. Второ, тие темелни вредности се во директна спротивност со уставните вредности, катастрофата е, пак ќе пофторам, последица на тој жесток и непомирлив судир! Тоа чудовиште не може да се обесрами затоа што тоа како такво не е ниту посрамено, тоа си е успешно во својата мисија, ние сме тие што сме посрамени! Јас навистина не ги разберам интелектуалците кои не се во состојба да сфатат дека не е можно да постои демократски систем и да постои вмро, или постои едното или постои другото, ако имате свети букви тогаш другото парче од демократскиот амбиент по дефиниција се помалку свети, односно темни букви што треба да се демонтираат. Така делува Внатрешната македонска револуционерна организација за македонско национално единство, за национално единство во неа, против се внатре и против светот, без барабите, по дефиниција, тоа е ова што го живееме! Со други зборови радикалната реформа ќе го уништи вмро, па се поставува прашањето зошто воопшто ќе реформирате нешто што со таа реформа ќе исчезне, нели ви е попаметно да почнете со нешто ново!
“Нас нè обединува иста цел – барањето политичка одговорност од Никола Груевски за срамот што секојдневно ѝ го нанесува на Македонија, за бескрајниот срам кој го нанесува на ВМРО-ДПМНЕ, и за положбата во која ги поставува граѓаните на оваа земја. Ова посебно го говорам за луѓето кои биле и се уште се заведени дека Никола Груевски…!”

Персонификацијата на одговорноста ќе биде нужна работа во рамките на политичките, културните и кривичноправните расправи со злото, но тие расправи во старт ќе бидат обесмислени ако целата историска негација ја сведеме на Никола Груевски! Тој е само номинален шеф на Злосторничката банда кој не би можел да ограби ниту едно чејнчбиро да не му е историската, идејната, политичката и секаква друга основа и логистика на вмро! Да не е многу згоден во нозете или во носот, во јазикот, да нема прочитано повеќе од некои менија по кафеаните, да не е харизматичен! И, второ, тука не станува збор само за осрамотување, макар што, се согласувам, осрамотувањето е страшно, туку за нешто повеќе, за тежок криминал офомен во цел еден злосторнички потфат!

Многу е важно да се расчистат овие работи ако сакаме да градиме здраво општество. Тоа е основата на културната револуција и на катарзичниот процес! Нивоата на одговорностите, се разбира, се различни, и последиците што секој треба са ги почувствува и понесе треба да бидат различни, но не смееме да дозволиме прашањето за одговорноста на фактичко и на симболичко ниво да го сведеме само на еден човек и на неговата четиричлена фамилијарна банда.
Јас знам дека во излагањето на Лазаревиќ има практични моменти кои се насочени кон преземањето на партијата и кон соборувањето на Груевски, но тоа се основи кои гарантираат траен карактер на нашата агонија! Еве и некои други аспекти кои на сличен начин говорат за нашата драма:

Статусот на полицаецот во Република Македонија полека се лизга и се објективизира во платеник, а во државата што исчезнува, односно на територијата под контрола на една фамилија и на еден партиски апарат, полицијата се трансформира во милиција на ВМРО-ДПМНЕ! Тоа што таму има добри луѓе, тоа што некои од нив се веројатно многу добри, тоа се аспекти кои за објективноста на нивната позиција не се важни или ако некој баш инсистира да ги посматраме како важни, ние од нив и нивната ситуација ќе извлечеме само негативни корелации!

Така е и со вработените во Македонската радио и телевизија: тие не се јавен сервис независно од своите впечатоци за мисијата на фирмата во која работат, или на мотивите и идеите што ги споделуваат, не, тие се во служба на Злосторничкото здружување, тие се медиумска логистика на тоа здружување, кое, пак, не се занимава со “нормални” криминали, туку ” нормалните” криминали ги користи како платформа за разградување на едно општество, на една култура и на една држава!

“Бетон”, да речеме, или разноразните “Бауери” и “Жиколи” полека го оформуваат својот статус кој ќе почне да личи на статусот на “Круп” под нацистите. Сите тие фирми остваруваат профити од нашата супстанца, од зделки што им ги приредува Злосторничкото здружување на власта, спротивно на моралните норми и на добрите деловни обичаи, при што нивната социјална и економско финансиска позиција не може да биде прифатлива како објаснување и оправдување зашто со такви одговори сите ние би можеле да почнеме да се занимаваме со трговија со наркотици, бело робје, оружје или со некој друг вид криминал, со активности кои во сите кривични закони и меѓународни конвенции се рангират далеку под криминалот во кој се или би можеле да бидат тие како економско-финансиските партнери на власта!
Вработените во владините служби исто така знаат или би можеле да знаат дека се на работа кај најголемото злосторничко здружување во историјата на Македонија. Бомбите на Заев можеби можат да се гледаат и како мексиканска серија, но јас препорачувам да се комбинираат со медитации во кои луѓето ќе допрат до сопствените одговорности!

(Колумна во “Слободен печат”)

Leave a Reply

Your email address will not be published.