Груевизмот како болест од која се умира

Премиерот Никола Груевски, еден убав ден, доколку ја преживее болеста што ќе биде наречена со неговото презиме, ќе ми биде искрено благодарен заради оваа колумна. Тој сега изгледа како да јава на Букефал кога се појавува како иницијатор, селектор, издавач и промотор на серија капитални издавачки проекти, од Бисерите на македонската книжевност, Нобеловците, Илјадата врвни научни дела, до Sвездите на светската книжевност. Си ги прави тие фешти по секои десет или петнаесет изданија, си обезбедува групни фотографии со некои од соработниците, како и најмалку седум телевизиски камери за јавен публицитет, меѓутоа, треба да знае дека на овој начин книги не се издаваат никаде во светот. Според објавените тендери, без анексите, на овие проекти се потрошија околу педесет милиони евра, пари од банкарски кредити што ќе треба да ги платат даночните обврзници. Меѓутоа, со оглед на тоа што се избрани, условно, најдобрите дела од домашната и светската галаксија во уметноста и науката, каде е тука производот? Кога ќе се пласираат толку многу пари во дејноста, издавачите на книги треба да ги достигнат своите ѕвездени мигови, а не да крпат од денес за утре, печатниците да работат со полна пареа, а не да ги затвараат своите мали неопремени погончиња, авторите на делата и преведувачите да ја доживеат неопходната сатисфакција, а не да се плашат за својата иднина. Не треба да му се објаснува на премиерот дека најдобрите дела задолжително носат финансиска добивка што служи за натамошен развој на индустријата со која се поврзуваат уметниците, научниците и книгата. Никаде во светот нема вреќи со пари што треба да се потрошат на ветер и магла. Спомнатите 50 милиони евра, дури и во малечката Република Македонија, требаше да се оплодат во производ барем трипати поголем. Книгата без читателот не постои, нели така велеше големиот Борхес. Џабе му се на премиерот сите промоции без масовни читатели и општествена рецепција на тие дела.

Иронијата да биде поголема, Република Македонија отпочна со пазарна економија во областа на книгите во 1970 година, токму кога се роди Никола Груевски. Премиер беше идниот академик Ксенте Богоев, а претседател на Собранието што ги одобри капиталните проекти за Нобеловците и Светската библиотека, прво во 1.000 а потоа во 1.500 тома, Никола Минчев, првиот министер за култура на Македонија. Подоцна се додадоа и над илјада дела од науката. Тие најпрво сакаа да видат пред себе група од пет до седум екипирани издавачи на книги, па елаборат за општествениот и индивидуалниот пласман на делата што ќе се произведат, за да ја оправдаат инвестицијата пред јавноста. И зошто сега да се преиздаваат истите тие дела во симболични 50 или 100 примероци, ако тогаш бележеа рекордни тиражи што овозможија во графичката индустрија да работат неколку илјади луѓе? Во матичните библиотеки постојат несоборливи докази дека повеќето автори што биле овенчани со Нобел, биле печатени во импресивен број примероци, дури некои како Перл Бак, Солженицин, Маркез, Кавабата, Пастернак, Андриќ, Хесе и уште многу други, бележеле рекорди со изданијата на македонски јазик. Секој ќе му се восхитуваше на Груевски што се сетил да ги освежи изданијата, низ квалитетно производство да ги подобри старите преводи и да ги приопшти новите лауреати. Но оваа камерна, мистериозна дешавка во име на културата, кога практично не се знае ни репутацијата на издавачите, ниту пак книгите излегоа на пазар, во некоја блиска иднина ќе му зададе главоболка на Груевски. Никаде во светот капитални дела не се издаваат само заради личен каприц, односно се бара отчет заедно со рецепцијата на тие културни производи, затоа што така се градат повисоки вредности за државата. Колку од нив стигнале во кој град, да речеме во Дебар, Делчево, Демир Хисар, таму каде што е неопходна општествена интервенција за да се одржат минимални културни стандарди. Но основно е да живеат во книжарниците, да им бидат достапни на читателите, преку нив да егзистира компетентно издаваштво како важна индустриска гранка со културни производи.

Издавачите на книги во светот се институции од посебен интерес и задолжително се екипирани со експерти не само во областа на јазикот, туку и во менаџментот. Затоа нивните производи живеат во книжарниците долго, а во библиотеките со децении и векови, практично си ја извршуваат својата мисија додека не се распаднат во рацете на последниот читател. Зошто издавачите на премиерот Груевски не излегоа на пазар со своите производи туку работата си ја сведоа на онаа Изложба во скопскиот Трговски центар, каде што и за просторијата треба Владата да плати кирија? Дали можеби не сакаат да гарантираат за својот квалитет или се плашат дека и тие 50 примероци нема да ги купи никој? Одговорот ќе си остане како мистерија што подоцна, кога Груевски нема да седи во премиерското столче, ќе биде вариран низ грди квалификации. Тешко е да се верува дека тој е менаџерот на оваа издавачка лакрдија со материјални штети, и дека е замешан во тендерското перење, но убеден сум дека сите ќе покажуваат на него со прст. Нема да велат “во времето на Мијалков, туку во времето на Груевски се издаваа книги што не влегоа во книжарниците”. Особено затоа што многу од тие изданија се нестручно преведени и неквалитетно уредени и произведени. На пример, англиското издание на мојот роман “Уткини соседи” (Neighboring The Owl) содржи околу седум илјади јазични и технички грешки. Кога се знае дека тој јазичен простор не толерира повеќе од десетина грешки во издание, јасна е залудноста на оваа брзоплета и веројатно сомнителна издавачка манипулација. Не знам дали не е предоцна за премиерот да побара отчет каде пропаднаа тие големи пари? На пример, за едицијата условно наречена “Бисери на македонската книжевност” на англиски јазик. Бројката во тендерот вели дека се исплатени 2 милиони и 800 илјади евра, но за авторизација, превод и печатење се потрошени помалку од 800 илјади евра. Кој е тој среќник што инкасирал два милиони евра чиста добивка, што е невозможно да ја оствари дури ни џиновскиот “Пингвин”, кога би тргнал во кампања со Ден Браун. Макар и да се работи за негов најблизок човек, премиерот треба да се дистанцира од ваквите скандали.

Ако покрај овие виртуелни инвестиции во книгата ги додадеме и спомениците што се поставија, Златниот театар што се отвори, ќе испадне дека Република Македонија во последните осум години инвестираше само во културата. Сакале не сакале, кон истата категорија ќе си дојдат фонтаните, административните згради покрај Вардар, новите цркви, џамии, дури и хортикултурата. Сите тие објекти, изградени со кредити како да се државни приоритети, ќе мораат да легнат пред буџетските јасли за да преживеат, затоа што не ќе можат да си ги покријат безобразно зголемените трошоци. Можам да си замислам каква ќе биде реакцијата на осиромашените даночни обврзници против културата и уметноста. Ова непланско и веројатно тенденциозно (со валкани намери) расфрлање со пари ќе изврши дополнително инвалидизирање на креативноста во нашата Македонија. Исто како со непостоечката материјална вредност на книгите, ќе се избистри прашањето, да речеме, колку реално чини Златниот театар. Кога не ќе може да се одржува и сервисира, нормално ќе се продаде или даде под концесија. На било која аукција, тој не ќе може да биде продаден за 10 милиони евра, иако за него се потрошени четири пати повеќе. Како демократско општество природно е да очекуваме партиите што ќе ја освојуваат власта да си ги пуштаат нозете според чергата, така што ќе ги испратат овие инсталации да одат на самофинансирање, со разумно дотирање според утврдени критериуми. Неговата екселенција Груевски бездруго е свесен дека објектите и спомениците, што ги изгради според индустриски критериуми, мора да поминат низ естетска, сеизмолошка, еколошка и секаква друга процена. И сосема веројатно нема да бидат приоритет за ниедна друга влада. Нема да бидам изненаден доколку некои згради бидат напуштени, исто како што се случи во Букурешт, по стрелањето на Чаушеску. Лично проучував дваесетина од спомениците и се уверив дека се изработени од сомнителни легури, така што, доколку им се остават на птичјите гомна и киселини, тие брзо ќе почнат со распаѓање. Осиромашените граѓани не ќе сакаат ни да ги погледнат. Лудизмот ќе стапи на сцена во Македонија, по двесте години мирување од неговото фуриозно време во Англија. Сите ќе жалиме што Груевски ги хаотизираше државните приоритети, играјќи ја улогата на Месија опкружен со шутови.

Неколку симптоми на болна држава видов со голо око пред моето заминување од Македонија. Во кабинетот на еден владин соработник ги разгледав првите стотина дела од спомнатата едиција “Sвездите на светската книжевност”. На корицата од тие книги наместо името и презимето на авторот, пишува: ” Влада на Република Македонија, Министерство за култура”. Зарем Владата и Министерството се автори на тие дела? Дотаму ли стигна груевизмот во културата? Ќе бидеме изложени на меѓународен подбив ако остане вака. Не само што тие дела не видоа бел ден во книжарниците, не добија ниту еден читател освен Редакторот, туку не ќе можат да патуваат на саемите по светот. Сите нормални луѓе ќе ги исмеваат, ќе ги покажуваат како светски куриозитет. И втората епизода ме загрижи. Ми падна жал кога најславниот театарски режисер што сме го имале досега, ми рече: “Дојде време живите македонски интелектуалци да им завидуваат на мртвите”. Зарем настапи фаза во која интелигенцијата, која практично ја изведе еманципацијата на македонското општество при осамостојувањето на државата, мора да замолчи за да преживее? Неговата екселенција Груевски треба да се подзамисли зошто сега левото око е скарано со десното и зошто неговите соработници шират страв, омраза и одмазда, ја депресираат не само интелигенцијата туку и младите генерации што масовно заминуваат во туѓина? Доколку не изнајде форма да го врати најмалку демократскиот амбиент од крајот на минатиот век, кога хипикот Љубчо Георгиевски ја формираше партијата што му ја овозможува оваа комоција во трошењето на незаработени пари, ризикува домашната и меѓународната јавност да констатираат дека Република Македонија е безнадежно болна од болест наречена “груевизам”, што е опасна затоа што мутира и метастазира низ виртуелни заблуди. Не знам колку искрени пријатели останаа покрај него, што би му рекле: “Марш назад кон разумот, не те избравме без љубов за да шириш омраза, дома и во странство”. Секој што си спомнува колку мачно е извајана македонската држава во последниве 70 години, ќе треба да се подзамисли зошто сега зарибавме во калта на историјата. Дали само поради разболените амбиции на Неговата екселенција Груевски, или дојде време да си прифатиме колективна вина како лесноверен народ што се раслојува и забрзано исчезнува?

Leave a Reply

Your email address will not be published.