Граѓанската иницијатива “Арсена” со нови докази за загадената вода за пиење во Гевгелија

Граѓанската иницијатива “Арсена” од Гевгелија интензивно работи со активностите околу алармирањеето до надлежните во врска со проблемот со загадената вода во Гевгелија, која веќе 20 месеци има над просечните количини на арсен, недозволиви според стандардите на Светската здравствена организација (СЗО). Во таа насока, претставниците од ова здружение се обратија до македонската јавност. Ви го пренесуваме целото соопштение.

“Почитувани, Изминаа триипол месеци откако Граѓанската иницијатива „Арсена“ од Гевгелија, ја образложи пред јавноста вистината за присуството на отровниот металоид – арсенот во водата од градскиот водовод од Гевгелија. Неговото присуство беше потврдено со наод од ЈЗУ „Институт за јавно здравје на РМ“ од 24.12.2013 година и утврденото присуство од 14,8 микрограми
арсен на еден литар вода што е за 48% повисоко од дозволената граница пропишана од Светската здравствена организација.

Денеска, шест месеци подоцна Ви го презентираме последниот наод – анализа на здравствената безбедност на водата од гевгелискиот водовод, извршена од Јавната Здравствена Установа „Институт за јавно здравје на Република Македонија“ на 16.05.2014 година и во истиот е констатирано дека:

 „Испитаниот примерок вода за пиење НЕ ОДГОВАРА на законските и стручни прописи во однос на физичко-хемиската анализа заради зголемена содржина на арсен. Потребно е да се врши деарсенификација (редукција на арсен) и редовна дезинфекција на водата за да може да се користи како вода за пиење. Испитаниот примерок вода за пиење НЕ Е БЕЗБЕДЕН за конзумирање од страна на човекот.“

Истиот содржи 15,32 микрограми арсен на еден литар, што значи состојбата од лани е влошена, не е подобрена, (нивото на арсенот е зголемено за последните шест месеци на нови 1,5 единици микрограми по литар) и покрај сите најави дека „нема место за паника“ изречени од државниот секретар при Министерството за животна средина и локалните функционери.

Ако ја земеме во предвид и постојната забрана за употреба на водите од бунарското подрачје кај Моин што ги користи Општина Гевгелија, издадена од Државната Агенција за храна и вода од 23 септември 2012 година, произлегува дека гевгеличани веќе 20 месеци, со премолчено знаење на надлежните, биле изложени на отровниот металоид во водите од гевгелиските чешми, без да бидат предупредени за тоа.

 Наместо превентива, за здравјето на своите граѓани, локалната самоуправа се одлучи да почне со испитување за ископ на нови бунари, но поради изборните активности, според последните изјави на градоначалникот ископувањата се стопирани.

 Граѓанската иницијатива „Арсена“ е загрижена за индолентноста по ова прашање во однос на здравјето на гевгеличани од страна на надлежните на сите нивоа на одлучување. Прикриениот молк на надлежните локални тела за присуството на арсенот во водата и прикриената забрана на некој начин да се зборува на оваа тема упатуваат на заклучокот како вистината да не е добредојдена во Гевгелија.

Македонија во 2008 година донела Правилник за квалитетот на водите и нивната здравствена безбедност. Во Правилникот е пропишано дека Македонија ги прифаќа стандардите за квалитет на вода што ги пропишува Светската здравствена организација, дури и по прашањето на отровниот арсен со горна критична граница од 10 микрограми на еден литар вода. 

Ако, законите ги донела оваа гарнитура на политички носители на власт, кои се истоветни со функционерите кои го имаат мнозинството и во гевгелиската локална власт, тогаш БАРАМЕ доследно да ги почитуваат законите кои тие ги донеле, и кои се надлежни да ги спроведат – а тоа е: Да се обезбеди квалитетна и здравствено безбедна вода за пиење за жителите на Општина Гевгелија. 

Денешниот прес го одржуваме пред празниот Билборд кој агенцијата „Акцент медија“ одби да го пополни со рекламно пано за граѓанската иницијатива „Арсена“ на која беше испишана пораката дека тоа е вода која тече директно од гевгелиските чешми, а содржи арсен, еден од најотровните елементи на планетата кој убива бавно, но ефикасно. 

За цензура на медиуми сме чуле, но за цензура на свеста уште не сме чуле. Затоа, во име на граѓаните од нашата општина кои недолжно консумираат од отровната вода секој ден, бараме општината да ги субвенционира трошоците за набавка на пакувана вода за секое семејство кое користи вода од гевгелискиот водовод, а Јавното комунално претрпијатие „Комуналец“ да ја намали цената на водата на ниво на техничка вода. 

Ако и после доказите, со наодот за тестираниот примерок вода од 16 мај годинава кој НЕ Е БЕЗБЕДЕН за консумирање од страна на човекот, ЈПКД „Комуналец“ не чувствува одговорност да ги предупреди граѓаните за своето здравје и не достави предлог за намалување на цената на водата која гевгеличани не смеат да ја конзумираат, Граѓанската иницијатива „Арсена“ преку ЗГ „Патокази“ ќе поднесе конкретна иницијатива за намалување на цената на водата од градскиот водовод на ниво на техничка вода. Истата ќе ја доставиме до Советот на Општина Гевгелија, до Градоначалникот и сите советнички групи. 

Поводот за ова е дека е неприфатливо граѓаните најпрво да не бидат информирани за присуството на арсен во водата и потребата да се конзумира пакувана вода, која 4-5 пати ги зголемува трошоците за вода на едно семејство. Со цена од 11-12 денари за еден литар, едно просечно семејство, заедно со сметката за вода од јавното комунално претрпијатие, месечно би требало да издвојува од 4.200 до 5.000 денари за вода, што е неприфатливо во денешни услови на опаднат животен стандард на македонските граѓани. 

Покрај ова, останува потребата за итно и трајно решавање на ова горливо и животно значајно прашање за граѓаните на општина Гевгелија.”

Leave a Reply

Your email address will not be published.