Градоначалникот на Кавадарци го има “X” факторот

Навистина ќе се чувствувам како неодговорен човек, најпрвин пред самиот себеси а потоа и пред целокупната локална а и поширока јавност, доколку во кратки црти не му одговорам на почитуваниот градоначалник на општина Кавадарци, Александар Панов, за неколкуте негови изјави и невистини кои пред некој ден ги произнесе на еден локален кавадаречки традиционален медиум.

Протестирам од чиста причина што во неколку наврати градоначалникот го спомена веб порталот “Мојот Град” а индиректно и здружението на граѓани за демократија и демократски принципи во општеството “Проект-Еу” од Кавадарци. Протестирам и заради тоа што беше многу контрадикторен во изнесувањето на некои негови замислени тези кои немаат никакви допирни точки со реалноста. Протестирам посебно кога станува збор за трошењето на парите од општинската каса на Кавадарци. Каса, која редовно, секој месец, се полни од парите на граѓаните. Вклучувајќи ги и моите. Па, да одиме со ред.

Повеќе од очигледно е дека секоја година манифестацијата Св.Трифун и сето она што е поврзано со лозарите и нивното одбележување е се поскромно. Во вашето излагање г-не Панов кажавте се и сешто освен причината зошто во буџетот на општина Кавадарци нема пристојни средства за одбележување на оваа манифестација. Велите, оваа година центар на збиднувањата поврзани со овој празник ќе биде соседната општина Неготино. Каква врска имаат граѓаните на општина Кавадарци со таа работа? Зошто не го оставите градоначалникот на општина Неготино да си тера (или не’) политики кои се од јавен интерес за жителите на Неготино, а вие терајте политики за граѓаните на Кавадарци, овде и сега.

Велите, не било важно дали за една манифестација од карактер како што е денот на закројувањето на виновата лоза, ќе бидат потрошени 100 000 евра или 5000 евра. Како да станува збор за двесте денари. Како се осмелувате да изјавите такво нешто и ги потценувате општинските пари на граѓаните? Небаре зборувате за вашите сопствени. Од кога тоа престанавте да штедите на традиционалните вредности на граѓаните? Па во последните шест месеци претседателот Иванов има потрошено повеќе од 5000 евра само на вратоврски, а вие сакате да правите манифестација за 40 000 жители (плус гости) со 5000 евра? Каде се парите г-не Панов?

Зборувате за политичката некултура.Чија? На опозицијата? На невладиниот сектор? На бизнис заедницата? На вашите неистомисленици? На критичната граѓанска “маса”? На медиумите кои се со критичка нишка кон институциите, трагајќи по вистината и само вистината? На сето она кое вам и на вашиот “претпоставен” не ви одговара? Од она што го произнесивте, според вас политичка култура е ако сте “лајт” со општината и институциите, односно да ги оставите да си работат онака како што тие сакаат да работат. Без многу галама од јавноста, медиумите, граѓаните. Ве молам, во иднина, во делот на (не)културата, одберете некој посоодветен и поконкретен одговор. Ова вака ептен не’ држи.

Одиме понатаму. Најпрвин, пред да излезете во јавност, договорете се “внатре”, дали општинската зграда е личност или објект. Според она што јавно го кажавте пред камерите вие сте во голема заблуда или не знаете да ги разликувате овие две работи. Еве ќе ви објаснам најпластично, бидејќи нема потреба од посебна експертиза за тоа. Општинската зграда е тврда градба изработена од цигла, малтер и железо. Што значи тоа? Тоа значи дека во ниеден случај не може да станува збор за личност чиј наводен углед бил нарушен. Немојте да мешате баби и жаби, ве молам. Понекогаш и младата популација ве гледа, а за жал нема многу што да научи.

Да подискутираме малку и за веб порталот “Мојот Град” и здружението на граѓани “Проект-Еу” и тоа како вие ги окарактеризиравте, велејќи дека функционираат со некакви политички позадини и агенди. Најпрвин да расчистиме една работа. Политиката не им припаѓа само на политичарите. Политиката им припаѓа на сите граѓани. Во таков еден контекст функционира и порталот “Мојот Град” и здружението на граѓани “Проект-Еу”. Значи, се занимаваме исклучиво со јавни политики потковани со издржливи аргументи кои се обидуваме да и ги пласираме на кавадаречката а и поширока јавност. Пласираме информации кои за жал вие не сакате, а очигледно дека и по секоја цена во иднина немате намера да дозволите да бидат јавно обелоденети. Џабе е таа работа, тргнете ја од паметот. Нема да ви успее. 

Ви велам, граѓаните имаат апсолутно право да ги знаат сите информации, посебно оние кои се директно поврзани со трошењето на нивните пари. Вашите “лајт” муабети со советниците, без разлика позиција или опозиција (баш ме заболе), оставете ги за во некоја од градските кафани каде што исто така ги трошите парите на граѓаните. Јадете, пиете, ждерете. После тоа, нормално дека ќе го исерете. И утре пак одново. Да, ама некој треба да плати, нели?

Во делот на вашето само-демантирање. Неуспешно е вашето искривување на фактите и избегнување на оние вистинските податоци. Всушност и самите се “лизнавте” кога рековте дека општината е должна кон компаниите 20 – 25 милиони денари. Заборавивте да се консултирате со оние кои ве “снабдуваат” со информации, или пак заборавиле да ве информираат дека во еден од текстовите (за кој сме тужени здружението и јас како претставник) кој е објавен на порталот Мојот Град стои дека општина Кавадарци е задолжена кон бизнис заедницата онолку колку што и вие споменавте. Повторно не внимавате што аргументирате. Некако напамет ги пласирате информациите кои само вие сметате дека се веродостојни. За жал, не е така. Во овој дел може само јавно да ви се заблагодарам и да ве информирам дека оваа ваша изјава ќе ја земеме во предвид кога ќе се сретнеме на некоја од обвинителните клупи. Се разбира, доколку ве поканат да присуствувате. А би било онака, баш океј.

Велите вашата партија била “машинерија”. Прашањето е: машинерија, ама за штo? Бркате поимови, капитализам мешате со партиски послушници. Не знаете кој ви е коалиционен партнер. За ГРОМ, ќе ви се јават од некаде и ќе ви кажат дали сте во коалиција или пак не. Постојано предупредувате, се заканувате. Не следите ништо, само ве информираат. Противречен сте, конфузен и очигледно е дека не разбирате многу од јавна политика. Ги извртувате работите, ја избегнувате темата. Оставете ги граѓаните сами да си одлучат каква содржина на текстови ќе консумираат. Доколку сакаат да слушаат и читаат позитива, знаат на кои медиуми да се обратат. И обратно. Ако сакаат критика, знаат каде да реферираат. Во Кавадарци има доволно публика и за двете категории.

Меѓутоа кога ќе собереме и одземеме од вашето излагање, морам да се согласам со вас со една работа. Во право сте кога велите дека со појавувањето на порталот “Мојот Град”, кавадаречката јавност е збунета. Дали тоа г-не градоначалник значи дека полека граѓаните и се “освестуваат”?

Го имате “X” факторот, тоа не е спорно. Одиме понатаму г-не Панов, во интерес на јавноста. За почеток, може да излезете и што поскоро јавно да се извинете до порталот “Мојот Град” и здружението на граѓани “Проект-Еу”. Знаете како велат, кога признава човек, половина грев му се простува. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.