Градоначалниче, слушнете го крикот на мештаните од село Бојанчиште

До денешен ден Советот на Општина Кавадарци има свикано две вонредни седници. Првата седница се свика поради донесување на одлука за донирање на вода во соседна Република Србија поради поплавите кои ги зафатија некои делови од Србија. Седница која на некој начин ја оправдува својата вонредна свиканост. Втората вонредна седница се свика пред неколку недели, а причината беше за зголемување на буџетот за манифестацијата Тиквешки Гроздобер, седница која не ја оправдува својата вонредност според мене. На повидок би требало да се свика третата вонредна седница на советот на Општина Кавадарци. Но, дали ќе има расположение за тоа, ќе видиме.

Во петокот, во текот на целиот ден, добив неколку телефонски повици и пораки од мештани од селото Бојанчиште. Причината е немањето вода во ова кавадаречко село. Од страна на мештаните по телефонските разговори сфатив дека целото село веќе недела и-пол нема вода за пиење, и дека од страна на комуналното претпријатие во цистерни (за миење на улиците) им се транспортира вода. Поради овие причини во текот на вчерашниот ден бев во посета на селото Бојанчиште. Бев да разговарам за причините и последиците од појавата на овој проблем. За оние кои не се запознати, селото Бојанчиште е одалечено 24 км од Општина Кавадарци. Во селото има населено 20 фамилии кои што одгледуваат околу 500 глави на говеда и овци. На самиот влез во селото го сретнавме и камионот на ЈП “Комуналец“ што им носеше вода на мештаните. Глетката беше стравична. Како да живеете во пост-воен период од втората светска војна. Гледате измачени лица во поодминати години, како со разни садови во рацете трчаат по цистерната (камионот) полна со вода. Пред секоја порта, можеше да се видат пластични буриња, и други садови кои чекаа да бидат наполнети од страна на лицето одговорно што ја возеше цистерната со вода. Луѓето молеа да добијат и литар повеќе вода. Тука можеше да се види и животинскиот интинкт за преживување. Оние помладите и физички појаки можеа да наполнат повеќе вода, а оние постарите и болни не можеа да наполнат и по неколку литри вода, па се солидаризиравме и им однесовме вода. Е тука со сигурност можеме да ја употребиме онаа народната “Кој превари, тој товари“.

Мештаните нервозни поради немањето на вода, почнаа меѓусебно да влегуваат во конфликт. На што мораше да се интервенира од страна на лицето задолжено за дистрибуција на водата, за смирување на страстите. Секој секого мрази во таквите мигови. Со пцовки, со погрдни зборови, со напади и обвинувања еден кон друг. Тоа е резултат на 8 (осум) години сеење на зла крв и пизма од страна на владејачката партија. 8 (осум) години водење на политика на омраза и шиканирање на другиот. Во разговори директно со мештаните, сите од нив без никакви калкулации си ги раскажаа своите животни приказни,од враќањето во селото до денешниот изминат период на живење под тие услови.
Една од жените кои со-сите-сили се обидуваше да ги наполни леѓените со вода, изреволтирана поради немањето на вода подолго време, ми вели:
„Извинете, ми кажаа дека сте советник во кавадаречкото собрание. Ќе се реши ли конечно овој наш проблем? Што е причината што веќе недела и пол ни е сопрена водата за пиење? Почна да ми умира и стоката. Имаме овци. Од тоа живееме. Иако сум се определила со сопругот да живееме на село, сепак сметаме дека Општината како надлежен орган е надлежна да ми ги обезбеди основните услови за живеење. Да имам вода, струја и канализација. Многу рекламите повикуваат да се заживеаат руралните средини. Но на кој начин, без услови за живеење? Сите пари дадени за реклами да ги вложат во основните услови нема да има потреба од реклами кои ќе ни кажуваат што да правиме, самите жители кои се во поодминати години ќе се вратат и ќе ги заживеат руралните средини. На таков начин ќе се развие и толку посакуваниот селски туризам.“

Па да прашам и јас: со што не’ би сте се сложиле од целосново излагањена измачената женичка; со кое од прашањата не’ би ги поставиле и вие да сте на нејзиното место? Се’ е вистина, се е на место.
Ги прашав мештаните која е куќата на претседателот на Месната заедница и ги замолив да ме однесат кај него. По моето кратко претставување и причината поради која сум дојден во село Бојанчиште, чичко Стојчо пријатно изненаден почна да раскажува за настанатиот проблем. Од неговиот разговор заклучив дека иако е претседател на Месната заедница, од него не се побарало никакво мислење од страна на Општината; исто така не е одржан никаков состанок со претседателите на Месните заедници. А пак од кога е настанат проблемот со водата, ни градоначалник, ни претседател на совет не ги посетил и не разговарале за изнаоѓање на решение на овој горлив проблем. Чичко Стојчо во револт кажува:
„Веќе два пати одам во Општината, двапати бадијала. Првиот пат градоначалникот бил на патување. Вториот пат имал делегација. Селото нема вода. Говедата и овците нема каде да пијат вода, некои почнаа и да ми умираат. Дали можете вие на некој состанок да ги кажете маките на мештаните од село Бојанчиште? Нас никој не не слуша.“

Градоначалниче, Советот на Општина Кавадарци како и Вие, Градоначалник на Општина Кавадарци, сте надлежни за решавање на проблемите на граѓаните на Општина Кавадарци. Во многу наврати ве спомнуваат како “таткото на градот“. Ако е така, тогаш однесувајте се како што своите родители се однесуваат спрема своите деца. Колку за потсетување иако мислам дека не е потребно, бидејќи сте свесни дека Советот и Градоначалникот, се’ интитуции кои треба да создадат услови за еден достоен живот на жителите на Општина Кавадарци. Според мене и според излагањата на мештаните на село Бојанчиште, тие немаат достоен живот за живеење. Престанете да ги посетувате жителите на село Бојанчиште само во миговите кога е изборна кампања, и почнете да ги посетувате во текот на целиот мандат. Иако живеат во рурална средина и тие имаат потреби од страна на Општина Кавадарци, а за тоа имаат и право.

За крај. Тоа се ваши гласачи, ваши подржувачи. Ајде заедно да ги посетиме мештаните на село Бојанчиште, и да го решиме нивниот проблем.

Leave a Reply

Your email address will not be published.