Големите Македонци од Пустец. Нашите.

Не министерке Гордана, тоа не се „човечиња“, тоа се људини ! Овие твои зборови ме погодија , ме распарчија. И затоа те цитирав само со таа реченица.
Хју Грант нема, ама овие зборови ќе те однесат право во историјата.

Тоа се луѓето со кои ја направив својата прва репортажа пред 15 години. Седнав со нив на Камени мост , на еден картон до нив, и разговаравме за се’.
Имаат душа колку ти никогаш нема да имаш. Сиромашни Македонци, но луѓе ! Немаат пет стана како ти, луксузна кола, шофер, секретарка, но имаат срце како цела Македонија. Точно, можеш да ги купиш за 500 ден, затоа што немаат што да јадат, но тие „човечиња“ според тебе, сега те чинат многу поскапо одошто тебе ти се чинело во тоа време. Победата е секогаш само привидение.

Таму кај нив не вирее ништо, камен, пустејлија. Затоа и така се вика тоа место. Ни цвеќе, ни тревка, ни грав, ни компир. Едно место, заборавено од господа. И од сите. И од тебе. Требаше да им помогнеш, а не да сместиш 50 луѓе во 40 квадрати. Каков треба да си за да сместиш толку луѓе во еден стан !?

pustec

Имаш ли благородност во себе , на која лента да ја чуеме ? Сакам да чујам дека има човечност во тебе, дека останала, дека можеме да сметаме на твое извинување за нашите луѓе од Пустец .
Да излезеш на Тв, на вести и да чуеме: „му се извинувам на македонскиот народ- на сите“.

Доаѓаат тука низ голи брда и планини, парталави, со боси нозе и голораки за корка леб, за 50 денари дневно-ако продадат некој салеп. Спијат во некои мал сопчиња во Маџир маало, на патос, кај ќе најдат, за 50-100 ден. дневно. Веќе 15 год. ги гледаме по скопските улици како се борат со животот, гладни добродушни, со збрчкани лица од умор и напор. Како цел товар од овој свет да паднал врз нивните плеќи.
Уморени се Гордана министерке наша во заминување, од луѓе како тебе. Кои ги гледаат како ниска категорија на луѓе, како инструменти за доаѓање во фотелја, како крпи.
Ќе ти простат, големи луѓе се тие, верувај ми-простено ти е од нив.

Ќе ги познаеш по тоа што повеќето се облечени во црнина -жените. Со шамии. Сите по нешто тажат, животот им е од црн поцрн. Влечат со своите тенки, црни раце, тешки торби- како планини. И зборуваат на некој западно македонски јазик, одамна заборавен. Ама со нив човек е на чисто, никогаш нема да те измамат.
Тие ли се виновни што останаа од другата страна на границата ?

Додека мојот татко беше жив, а болен, седнат во двор со цигарата, имаше една стара жена од Пустец, кога и да поминеше, секогаш го поздравуваше. За разлика од куп луѓе, на кои им завршил сто работи во својот живот, животн прашања им решил, но ете- никаде ги немаше. Онака, не му нудеше ништо, само ќе му мафнеше. Тој ќе ја викнеше на кафе и правеа муабет како да се знаат сто години. Татко ми е починат веќе 12 години, но таа и ден-денеска кога и да помине, не испушта да го спомене и да испие кафе за негова душа.

Кој тебе ќе те спомне по добро некој ден, кога сите ќе бидеме на небо?

Фото : Маја Златевска

(Текстот е превземен од Фејсбук профилот на авторот)

Leave a Reply

Your email address will not be published.