Големината на македонското битие

пишува Лазар Ставров

Македонија во моментов, е окупирана од преамбициозни (а во исто време недоволно образовани) луѓе, од луѓе кои знаат се, луѓе кои, безпредметно се мешаат во се и сешто, без причина, без мотив, само за да докажат дека знаат нешто оти нели, ако денес немаш факултет или магистратура, не висиш по познати места, со познати „фаци“ не пишеш статуси на фејсбук, не следиш „патриотска“ политика; домашна и странска и не се вклучуваш во дебати си ГЛУПав по природа, а всушност, со нивното „совесно“ мешање, несвесно ги искажуваат своите ниско егоистични и суетни ставови, нивните непознавања кои се; нелогични, неисправни, утврдени со некоја нивна „посебна“ методологија преку која се гледа нивното ограничување, егзистенција, и не му дозволува да напредува во ниту еден контекст туку, доживува класично фијаско, мислејќи дека се дејствува исправно и дека одлуките се правилно донесени.

Државава е навлезена во еден необразовен, неедуциран, па и несоцијализиран период, каде што, не постои континуитет во образовниот систем, а каде постои огромен недостиг од елементарна култура и начин на однесување.
Во ова време, во кое граѓаните се сѐ повеќе, очајно заинтересирани за каков и да било вид на егзистенција, и тоа, по секоја цена „иако, истата егзистенција не е во својство и согласност со нивните професионални способности“, никој од нив (граѓаните) не ги насочува своите стремежи кон нешто ново, никој не размислува и не прашува:
Што има таму, од другата страна на целокупниот сервиран мејнстрим, спротивно од изградената колективна мисла, идеја?

Тука лежи главната причина за моменталниов тек на настани во Македонија.
Од незнаење до глупост, од глупост до реализација на истата, и враќање во првобитна состојба на рамнодушност, стереотипност, конзерватизам, длабока религиозност, нешта кои, се само дел од длабоко вкоренетите психолошки моменти во „македонската душа“ ако таа воопшто постои?!
Од патриотизам и национализам „Името не го даваме“, „Александар е наш“, „Македонија е до Солун“, „Скопје 2014“ и ред други нешта, ништо друго и не знаат нашите, нови македонски преродбеници и нивните следбеници кои, не влечат за нос каде и како сакаат… Како да на ова тло постојат лоши и добри, и како „лошите“ треба да се „истребат“, искоренат од почвава, за да ги оставиме „добрите“ да живеат мирен живот?!

Од друга страна, им сметаме на нивниот пат со нашата критичка мисла која, е димензионално различна од нивната во се: (во општење, во интеракција, во примена, во дејствување, во развивање, ширење…итн) и после сите ние сме биле БЛАБАРЏИИ кои, цело времо сме правеле само БЛА, БЛА, БЛА, а не сме дејствувале на терен и само празни зборови сме пишувале. А, што е тоа (бла, бла, бла?) ќе ми објасни некој ??
Кога ќе прочитам, или кога ќе чујам од некој како се изразува со тоа „Бла, бла, бла“ ми е под чест да продолжам да комуницирам со таква личност, исто како и оние кои често го употребуваат зборот „значи“….значи ова, значи она, значи бла, бла, бла…. значи што бре ???
Тоа се искази на класична, одредедена, утврдена неинвентивност и незнаење во начинот на изразување, искази кои укажуваат на тоа: колку се „интелегентни“ луѓето кои се грижат за креирање на нашата социјална средина, а не обвинуваат нас за нивното недоволно незнаење и налудничавост.

Големината на човековото битие, не се искажува преку подржување на колективна идеја или мислење, не се подржува преку парите и тоа кој колку имал во џебот, преку автомобилите, гардеробата, златните ланчиња, за кои, мислат дека се утврдените нешта, кои докажуваат и укажуваат на тоа, кој колку вреди во социјалната средина, а ниту пак преку политичката моќ (која често е злоупотребувана во последниве десет години), туку се мери по неговите дела, инвентивноста, придонесот, знаење и познавања (искувство).

Што придонесува 40 годишен бизнисмен, кој има завршено основно, средно образование или евентуално дисперзирани студии, кој има еден милион евра на сметка, вила во Брајчино, куќа на Водно, стан во Скопје, викендица у Грција и мал апартман во Албанија, а не знае да му каже на сопственото дете дека, не се фрла ѓубре насекаде, не се уринира пред влез на зграда и дека не се „кака“ на бетон ?!
Како може, тој бизнисмен да придонесе за развој на социјалната средина (а ги има многу такви), и како тој истиот бизнисмен би го ресоцијализирал сопственото дете, за да еден ден, тоа дете дознае кое е значењето на зборовите (свест, доблест, обзир, критериум) ???

Ништо нема да придонесе !! Нит парите, нит недвижностите ќе го направат да биде социјален пример, на кој, останатите, би можеле барем малку да се потпрат и да извлечат полза и пример од неговото дејствување и начин на живеење.

Во ваква средина моментално, опстојува македонскиот интелектуалец, кој е; обезвреден, обезглавен, тргнат на страна, на кој се покажува со прст како лош пример за општествено значење. На кој му е забрането чесно да заработи и да придонесе во развојот на сопствената држава.
Тој бизнисмен, не знае како да си одбере чорапи за себе, не знае како да ги искомбинира боите на чорапите и чевлите, а генерално и на себе, а од друга страна вози мини морис од педесет илјади евра (Full Gear).
Така е секогаш тоа кога, материјалното преовладува, а естетичното се губи, изумира, се губи во своето општо постоење во својата егзистенционалност.
Мудроста лежи во спознанието, а не во онаа краткотрајна, безидеолошка матерјалност која, во моментов е приоритет.
Баба ми велеше: „Пара краси, пара гнаси“ или „Руба краси руба гнаси“…
Така да, не мора да значи дека, ако некој е добро матерјално ситуиран, дека воедно е и многу паметен или бистар во главата, па да им пренесува знаење и модни детаљи кои, се од круцијална важност за другите. Таква личност репер не може да биде.

Со пари, ниту се купува авторитет, ниту пак се гради!! Парите се краткотрајна супстанца, а интелектот и спознанието се нештата, кои ја градат големината на човекот, идеолошката големина, а не оваа, квази-идеолошка, која владее во моментов кај нас, и која, кога тогаш, ќе згасне, ќе исчезне, ќе се изгуби во пламенот на неукоста, незнаеењето, во комплексниот цинизам кој, лошо се одразува во развојот на новите генерации кои доаѓаат, свесни генерации, кои треба да ги изградат новите столбови на државата и социјалната структура, за никогаш пак да не ни се повтори ова.

Ама, ете…. истата песна пак се повторува. Се губи надеж, се кастрираат голем дел од активистите, студентите, средношколците, ги разделуваат, им се инфилтрираат и ги уништуваат, само за прогресот да заврши и да продолжи уназадувачкиот просперитет кон својата единствена цел: Уништување на големината на човекот и враќање кон неговата инфантилност за добробит на државата и нејзиниот просперитет..

Leave a Reply

Your email address will not be published.