Години на опасно сонување

Дојде едно време во кое нема никаква причина за славење, па оттука секое „подоброто минато“ доаѓа како резервна варијанта, како насобрано незадоволство за сегашниот „презент“. Се случуваат граѓански протести, на некои присуствувам, на некои урлам и врескам, на некои само искажувам став или мирно присуствувам, давам поддршка со своето учество, стравувајќи дека груевистите би можеле повторно да ги искрадат изборите, сето во нивна режија, или што би рекол Крлежа М., „велики мештари свих хулја“. Слушам и гледам, во прашање се претседателски и парламентарни избори, а Иванов и Груевски, и сета камарила имаат „појачан инстикт“ за самоодржување, но не се грижам, таква е таа „бушилица“ која порано или подоцна ќе ги однесе по ѓаволите. Но стравувањето мое е во тоа што – додека ги однесе неповратно „бушилицата“, возможно е да направат уште поголемо зло!

 

Стојам пред бизарниот споменик спроти Собранието. Стравувам да не падне, тешка е таа грамада и бронза, тешка е, велам, затоа што премногу лесно е искрадена од сите нас само како би стоела таму, да означува нешто за кое никој, ама никој нема појма што симболизира, освен можеби симболизира „јавна набавка“ за цефчење и испумпување на пари кои апсолутно немаат никаква врска со мозокот од една страна, од друга, каков е тој споменик кој симболизира некаков јавен интерес? На кому? На што? Можеби тој споменик е протест против секакво човечко, граѓанско достоинство и интегритет!? Додека стоиш до таков споменик, чувствуваш навреда, чувствуваш дека си презрен… можеби тоа симболизира, можеби треба човек да скапе како би се чувствувал жив!?

 

Да бидеме начисто, Македонија во денешниов миг е земја која е од Бога заборавена, има многу малку вредни залихи – останатите заминаа преку граница во неповрат – другите се борат на „клецави нозе“, едвај чујни гласови, или оние што би се нарекле „шака внатрешни напријатели“. Другите, кои се големи Македоници, големи патриоти, големи љубители на македонштината, го премолчуваат сиот криминал, сиот простаклук и вреѓање на здравиот разум. Молчат, велам, како би си ја испрале лошата совест. Молчат против „патриотските“ мафијашки марифетлуци, молчат и против полуписмените „угледни“ селски битанги. Молчат на се’, молчат поради сопствената Персонификација на падот во бездна, што со сила, што од срам – небаре ќе се исперат како би ја поправиле штетата.

 

Имено, за оваа земја има надеж! Кога ги гледам моите пријатели, кога ги гледам како се борат – ме хранат и мене! – без разлика колку се еклектични, колку се непромислени… Всушност, бунтот и пркосот што го прават шака луѓе е Вонсериски, и е зачинет со Здраво Ткиво – поточно: тие луѓе ги еманираат некои забораавени вредности – против системското убивање на духот – и само поради тоа мислам дека за оваа земја има надеж, само ако продолжиме да работиме на неа.


Велам, и самиот бев „учесник и сведок“, а не само оној кој набљудува и пишува, и кој, чуму лажна скромност – подели по некој „рафал“ против доминантниот простаклук и пљачка… – а мотивот беше чисто граѓански, како еден од многуте граѓани кои секојдневно, со години, го одмрзнува „замрзнатиот асфалт“ на „системски уништените души“, броејќи ги полицајците, тенковите, пендреците, „пробивајќи ги кордоните“ како би им покажале каде е излезот на сите оние „контрамитингаши“, луѓе кои им го чуваат стравот на груевистите, покажувајќи колку повеќе се’ уплашени од нив.

 

Година и нешто подоцна, дали соништата ни се исполнети? О, не! Тиранинот е се’ уште тука. Дали можеби е се’ уште тука затоа што оние „другите предоцна почнаат да сонуваат“? Тиранинот е тука, и остана уште она најтешкото: да си отиде од контаминираните души, оние кои не умеат да мислат надвор од матрицата на Злобата и Пљачката, уверени притоа  дека прават нешто добро, дека се само „луѓе кои си го сакаат својот народ“.


Борбата мора да продолжи – барем за оние кои мислат дека вреди човек да се бори, затоа што само диктатурите имено можат да делуваат – како нус производ на својата бруталност – а од нивната  бруталност  ќе произлезат  големи Општествени Движења со општоприфатени цели. Денешната демократија е комбинација од примитивност и „подржавен капитализам“ (ете, дури и тоа постои!), кои меѓу луѓето го активира „себичниот ген“ – ништо повеќе! Познатиот бунт и Отпор пред Собарнието не’ треба да го покријат снегови и виулици – без разлика што некои – познати на вселената и пошироко – направија се’ да го обесмислат. Но веројатно таков е законот на природата: паразитите не би биле паразити кога би знаеле нешто подобро!

Leave a Reply

Your email address will not be published.