Гласајте против фашизмот

Опишувајќи ги настапите на великодостојниците на ДПМНЕ често ја цитирав мислата на Твен: „Подобро да молчиш и да изгледаш како идиот, отколку да прозбориш и да ги развееш сите сомнежи“. Факт е дека – според бројот и „густината“ на искажаните глупости во единица време – македонскиот државен врв не само што не го послуша советот на бесмртниот гениј, туку се напрега да ја искористи секоја прилика со малоумни изјави да ги отфрли сите сомнежи дека со Македонија владеат идиоти. Деновиве, со почетокот на претседателската кампања, неприкосновениот македонски шампион во тропање глупости осамна на 16 милиони улични огласни панои, со својата добродушна и дефокусирана полунасмевка, и со громогласниот слоган на кампањата: „Државата пред сè“. Знам дека изгледа ситничарски да се анализира кандидатот според изборниот слоган, кој најчесто го измислуваат други, го усвојуваат трети, сите најчесто интелектуални трупци од дпмнеовска провениенција. Но, сепак, целото тоа сложно братство гордо го истакнува слоганот како политичко кредо, како квинтесенција на нивната државно-политичка доктрина, па гледајќи ја леснотијата со која преоѓаат преку сопствените глупости, речиси да е невозможно човек да не се запраша знаат ли воопшто тие што значи слоганот „Државата пред сè“. И, дали професорот по политичка теорија знае на која и на каква држава овој слоган директно се однесува?

Навистина, на која современа политичка теорија на државата би ѝ одговарал слоганот „Државата пред сè“? Марксистичката теорија во таа смисла е потполно одредена – таму капиталистичката држава е орудие со кое владејачката елита ја одржува својата позиција во општеството со помош на институциите на системот, при што државата – која произлегла од општеството – се става над и против него. Според оваа теорија, државата е репресивен инструмент за заштита и промоција на интересите на малобројната класа сопственици на материјалното богатство, средствата за производство и финансискиот капитал. Таквата држава, во социјалистичкиот развој треба да стане општествено орудие за праведна прераспределба на богатството, при што нејзина цел е – со развојот на праведното општество на социјализмот – таа постапно да исчезне. Очигледно е дека слоганот „Државата пред сè“ не можел да излезе од таваните на марксистичкото образование на кандидатот. Одиме понатаму.

 

Според денес глобално прифатената политичка теорија на државата, создадена како хибрид од филозофиите на отвореното цивилно општество на Карл Попер и „чесното“ општество на социјалната правда на Џон Ролс, државата е сервис на општеството, институционалната гаранција за праведната (ако не рамноправната) распределба на политичката и финансиската моќ. Оваа држава треба да го овозможи „хуманиот“, демократскиот либерален капитализам со елементи на социјалната правда кои не се декорација туку суштина на системот. Овој еквилибриум државата ќе го остварува со владеењето на правото, кое, пак, ќе ја гарантира демократската контрола и сменливост на власта, ќе ја обезбедува ефикасноста на економијата и еднаквоста на граѓаните пред законот. Во ова општество на благосостојбата, државниот апарат треба да е стручен, аполитичен и чесен, во заштитата на правата и слободите на сите граѓани како индивидуи. Оваа држава – според теоријата – треба да биде практично невидлива, таа треба да е тивок и непоколеблив „слуга“ на општеството, таа мора да е зад – а не пред – сите општествени вредности и индивидуални слободи и права. Јасно е дека и овој концепт на држава (според кој, патем, е создаден и Уставот на Република Македонија) не е оној од слоганот „Државата пред сè“.

Па, која е таа, по ѓаволите, држава која е „пред сè“? Тоа е, за жал, во политичката теорија и во современата историја, единствено тоталитарната фашистичка држава. Еден од првите што го изучувал тоталитаризмот, германскиот интелектуалец Валдемар Гуријан уште тогаш ја опишува тоталитарната држава како партиска структура во која државата и партијата се стопени во една сакрализирана супердржава, која служи како оружје за поробување и контрола на сите поединци и на целото општество, при што нејзината цел не е само да владее неограничено, туку и да го „прероди“ општеството контролирајќи ги човечките души и мисли. Конечно, самиот Мусолини, „таткото“ на фашизмот, пишува дека „фашистичката концепција на државата е сеопфатна и ниту една хумана или духовна вредност не може да постои вон неа“, и дека „фашизмот е тоталитарен, а фашистичката држава е синтеза и единство на сите вредности“. Тој е категоричен, прецизно опишувајќи ја есенцијата на фашистичката држава: „Клучниот елемент на фашистичката доктрина е концепцијата на Државата (…) За фашизмот државата е апсолутна, а поединците и групите се релативни“. Тоа значи дека слоганот на тоталитарната фашистичка држава би бил „Државата пред и над сè“, што е само мала доработка на слоганот на ДПМНЕ напишан до тажното насмевче на нивниот кандидат.

 

И, да завршам како што почнав – со Твен. Тој се прашува „дали со светот управуваат паметни луѓе што нè мафтаат како да сме будалетинки, или се тоа имбецили кои навистина веруваат во она што го прават“. Јасно е дека со Македонија владеат вториве, зашто – пред гордо да го истакнат слоганот „Државата пред сè“ – во испразнетата зграда на македонската демократија сосем сериозно ја вселија својата парадржавна тоталитарна инсталација. Затоа, почитувани читатели, гласајте против државата на ДПМНЕ која е пред сè и над сите во Македонија. Гласајте против фашизмот.

Leave a Reply

Your email address will not be published.