Ексклузивно интервју: Ѓунер Исмаил

Ненад Јовановиќ: Г-дине Ѓунер Исмаил, изборите завршија во повеќето општини, во некои ќе има и втор круг, но како да имам впечаток дека сите оние луѓе кои беа на страната на опозицијата и сите оние сили кои сакаа да внесат некаква позитивна промена кон подобро во Македонското општество, и да ја променат оваа власт, завршија со дебакал. Зошто е тоа така и дали во Македонија тешка е идејната а со тоа и политичката промена?

Ѓунер Исмаил: Сосема е разбирливо чувството на “издишаност“ кое е, се надевам, краткотрајно. Зошто е тоа така (чувство на пораз, дебакл, разочарување итн.)? Има повеќе причини но едната е, сосема сигурно, преголемите очекувања од резултатите на она што се демонстрираше како отпор кон режимот. Имено, стануваше збор за еден напор кој, во македонската транзиција е сосема нова појава, не само заради интензитетот, габаритноста, туку и заради реториката која сосема точно на граѓаните им ја опиша, овојпат “од званично место“ појавата/злото со кое се соочуваат а за кое знаеја само како лично искуство, или пак како “неиздиференцирано“ чувство за тоа дека нешто не е во ред и дека “нешто (ќе) треба да се презема“. Што точно и како тоа ќе изгледа, не сум сигурен дека сите знаеме, или ако сакате – знаевме. Мислевме дека е сосема доволно два-три месеци интензивни протести, огнени говори, охрабрувања и слично се’ сосема доволни Диктатурата да се разниша и дека на овие локални избори, ако не завршниот, тогаш барем тешкиот удар ќе и биде нанесен, а финиширан дали од улица, дали на некои други избори, или пак (како во наивните соништа некои веруваа) Диктатурата сама од себе ќе се распадне заради економскиот колапс, заради ова-она, итн.
Во сиот тој напор, сосема е јасно дека во таа фаза не може, од сосема тактички причини, да се каже дека БИТКАТА ЌЕ БИДЕ ДОЛГА, ТЕШКА, и дека на тој пат не чекаат уште многу маки, многу тешки контра-удари кои машинеријата на диктатурата ќе ни ги зададе и задава. Ова е меко-тврда диктатура и нејзиното паѓање нема да биде лесно. Тоа сосема сигурно нема да се случи само заради нашето гласно пеење на борбени песни.

НЈ: Дали поткупот, изборните неправилности и теророт од власта кон институциите си го направи своето, или пак, македонецот не разбира што е тоа демократија, а можеби и сето како да му звучи премногу апстрактно или, едноставно, опозицијата е повторно украдена на изборите а со тоа и волјата на граѓаните?

ЃИ: Да, изборите беа одлична прилика Диктатурата уште еднаш да ја стави во погон веќе шест пати вежбаната машинерија со која во Мк. ги краде изборите и не само изборите, туку и нашите животи. Македонецот, или поточно “македонецот“ по ништо не се разликува од други народи расеани по светот, гледано низ аголот на тоа дека тоа е човек кој веќе седма година живее под чизма, во најбуквална смисла на зборот. Тоа подразбира се’. Од немаштија, па се до гола борба за опстанок во која е многу тешко да се очекува дека тој “македонец“ ќе ги има вистинските дијагнози за тоа што точно му недостига од корпусот на фундаменталните права какви што се слобода, демократија, достоинство итн. Тој, едноставно е сведен на суштество кое “денес“ го решава проблемот на лебот, а не на, сега-засега, имагинарните окови. Тој нив, можеби ги чувствува како “нешто“, ама никако конкретно.
Впрочем, до 24-ти декември 2012, на/во оваа земја НИШТО НЕ И НЕДОСТАСУВАШЕ, судејќи според тоа дека и опозицијата во нејзината реторика и постапки сосема малку се “фамилијаризираше“ со проблемите на демократијата, недостогот на слобода, човечки права, солидарност итн. Едноставно Груевски и екипата фашизмот го инсталираа скоро без никаков отпор, бидејки и тие кои требаше да бидат последната брана (опозицијата) не веруваа, не сакаа да веруваат дека фашизмот галопира. Не сакаа да слушната дека балканиодните фашисти маршираат! Зошто?

НЈ: Дали целта на ДПМНЕ се оствари, а тоа го покажаат и резултатите на овие локални избори, со тоа што во овие осум години вршат невиден терор и дискриминација по сите основи кон лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски, а преку него ми се чини како да се обидуваат да ја отераат сета опозицијата и сите оние граѓански индивидуи во тотална маргина како би успеале да го намалат неговото и нивното влијание или, можеби се обидуваат да ја збришат целата опозициона сила од јавна сцена?

ЃИ: Ако ги погледнеме “резултатите“ од 24-ти март од агол на ДПМНЕ, нивниот план се остварува и тој план е тој. Да владеаат што подолго, а ако може и вечно! Јас не мислам дека Македонија на 24-ти март имаше избори, туку тоа беше уште една демонстрација на методите на Диктатурата преку кои таа по седми пат ги краде изборите. Притоа, предупредувам – дека оваа дијагноза НИКАКО НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ ИЗГОВОР за губењето на оваа битка! Никако! Токму спротивното. Тоа треба да биде одлична подлога за дополнително освестување, анализа, прегрупирање, барање на нови методи на отпор, воспоставување на поинакви механизми на функционирање на партијата/партиите итн. Исто така многу е важно перманентно да се идентификуваат групите, поединците кои ќе треба да бидат привлекувани, а не одбивани со исклучива реторика и со менталитет кој, сосема е очигледно, досега ги одбиваше, или ги правеше резервирани, а пропагандната машинерија на ДПМНЕ преку сатанизацијата на Б.Ц сосема вешто го користеше. А тоа дека јавната сцена сакаат да ја исчистат од сите и од се што “штрчи“ не е за изненадување, ама знаете како е? Најпрво дојдоа по комшијата, А ЈАС НЕ РЕАГИРАВ, та дури, и телефон не дигнав да му изразам поддршка! Парафразирам, се разбира, само за да потсетам дека опозицијата најитно ќе треба да се оспособи барем до толку да може да ги заштити најизразените противници на режимот кои годиниве зад нас немаа чувство дека има некаква подготвеност да се застане во нивна одбрана. Беа осамени.

НЈ: Имам впечаток дека граѓаните, оние таканречени “обични“, мислат дека ова е силна држава, мислат дека владее некаков привид на хиерархија која функционира. Но, ситуацијата е обратна, во силна држава власта ја почитува демократијата и институциите на системот се’ сервис на граѓаните; владее правна држава и владее уставот на државата, а помалку се знае дека во слаби држави – државата може да те убие, дури и физички, без да одговара; државата може да ти пресуди без фер судење и државата може да те исфрли од институциите само затоа што си малцинство. Всушност, прашањето ми е – дали во Македонија во моментов има единствено власт-егзекутива која директно владее со локалната, судската, законодавната и извршната власт, односно, дали Македонија ја владеат некаква мала ројалистичка или монархиска дружина, или она што опозицијата го нарекува “фамилијаризам“?

ЃИ: Ова, со јазикот на Кривичниот Закон се нарекува злосторничко здужување заради рушење на, со Устав заснованиот поредок. Погорните дијагнози се однесуваа за дејанијата на групацијата со Груевски на чело само до 24 декември 2012. Од тој ден според мене нема друга формулација освен онаа што погоре ја кажав. А што дотогаш, од 2006-та па се до тој ден се случуваше, односно сето тоа што го правеа е само дополнителен доказ за неделото извршено на Црниот Понеделник. Буквално се’. Од злодела извршени врз поединци, па се до покрупни акции.

НЈ: Дали мислите дека со вакво брутално кршење на уставот, законите, а институциите претворени во дувла – тотално испразнети од секаква суштина и содржина – всушност не се виде кој е кој во целава ситуација? Или што би рекол еден умен човек, “Речи ми што ти е драго, веднаш ќе ти кажам кој си“?

ЃИ: Еее, се видоа многу работи и многу луѓе се разоткрија во смисла на тоа од каков материјал се создадени и која е нивната точка на топење. Старата, но и добра методологија на вистинското спознание при изучувањето и оспособувањето за читање на процесите (случувањата) во општетството, не учеше дека “…кога околностите во општеството се појавуваат во нивниот најизострен облик, тогаш се и најдобро видливи и препознатливи не само за оној кој ги изучува, туку и за оној кого тие појави го засегаат, а тој кон нив би требало да има некаков однос, став!“.
За жал, иако неколкумина од нас уште пред многу години предупредувавме за тоа што се не снајде и’ што допрва ќе ни се случува, оние кои требаше да покажат знаење и одговорност за тоа дека треба секогаш најпрви да ги препознаваат процесите, повеќе се занимаваа со некаква политикантска верзија на нивно толкување за тоа како треба да се “тера политика“, а особено беа шармантни кога се занимаваа со “истрчувањата на радикали кои употребуваат жешка реторика во расправите со режимот“. Пендреците на 24-ти декември беа, очигледно, поуверливи, а “машинеријата од 24-ти март“ верификација на нивните заблуди. Нејсе. Да се надеваме дека поуките, барем во еден дел, ќе бидат извлечени и ќе реагираат со…

НЈ: Ми се изнедрува прашањето: добро, кој е тој човек по име Сашо Мијалков? Ние, граѓаните, кои може да прочитаме низ медиумите, тој е човек кој е директор на нешто како Државна безбедност, контраразунавање и останати филмски жанрови. Знаеме исто дека во таа Државна безбедност се вложени последниве години преку 60 милиони евра кои се наменети за некаква инфраструктура, а во медиумите овој човек воопшто не е третиран и воопшто не објаснува за што тие пари се потрошени. Имено, зошто е битно толку многу пари во таква институција која всушност работи – што? И повторно се појавува оној Привид дека Македонија сака некаква цврста рака и доследност на државна безбедност, исто како во некои матни-мрачни времиња во кои човекот, функционерот, нешто работи ама до крај не ни е баш јасно што тој човек всушност работи, и тоа за наши пари, и зошто се смета за еден од најсилните луѓе во државава, а обичниот граѓанин воопшто не знае за него и нема ништо прочитано од него? Дали воопшто постои овој човек или и тоа е Мит и Привид на Владеачката структура?

ЃИ: Кога авторитарниот режим ќе започне да се етаблира, во нашиов случај без никаков отпор, сосема е јасно дека мистификациите, односно мистериите ќе бидат проследени со легенди (кои не се само легенди туку и вистини) како за историјата (!) така и за сегашноста. Не гледам никаква разлика помеѓу кафеанските легенди за Аце (Александар) и посочениов шеф на СИТЕ ТАЈНИ СЛУЖБИ, а во исто време во фамилијата носител на титулата Прв Брат(учед). Се разбира, овде не се исцрпени сите елементи на улогата на посочениов. Тоа е сосема очигледно “раскрсницата“ низ која се среќаваат многу вектори (влијанија, интереси), како внатрешни така и надворешни, и според тоа посакуваната резултанта: Македонија да остане надвор од НАТО и да биде “прикриено жарче кое во секој момент може да се запали и да биде ОГАН“, е токму моментот кој посочениов го прави да биде фигурата со која ќе се занимаваме на вистинскиот начин, а не само со неговото (само)финансирање преку каста, а и државата, која одамна не е тоа, туку приватен имот. Во таа смисла, кого и што се држи под неговата капа е тема со која исто така ќе се занимаваме, ако не ние, сосема сигурно тие кои ќе знаат како да се пресметаат со диктатурата.

НЈ: Од мое гледање на работите во реалноста, Бучковски Владо е интересен феномен. Како е возможно овој човек да повикува на некаква празна фразераска демократичност во партијата – слушај, партија! – кога на дневно ниво обичниот граѓанин од доминантната политика добива секојденвни закани, во институциите се шиканираат неподобните, оние малечки фирмички секојдневно се под закана од разни инспекции и слично, но он, каква дрскост! – на сето ова вели дека во СДСМ немало демократија? Па ако реалноста за обичниот граѓанин е толку сурова, брутална и измачувачка, човек не може ништо да планира во оваа држава а да не биде прогласен за предавник или изрод, што пак обичниот граѓани, или пак, здраворазумниот граѓанини, што и тоа да значи – го интерсеира што по ѓаволите се случува со некаква партија? Мислам, каде е тука логиката на работите?

ЃИ: Мислам дека Бучковски со задоцнување поставува прашања кои требаше да (си)ги постави кога беше претседател на Партијата. Дали е свесен за оваа временска дискрепанца, не знам, ама ако веќе се впушта во “барање на решенија“ тогаш најпрво би сакал да ја слушнам неговата дијагноза за тоа ШТО ТОЧНО НИ СЕ СЛУЧУВА И КОЈ ТОА СЕТО НИ ГО ПРАВИ. Доколку овај услов биде исполнет, со задоволство ќе дебатирам со еден поранешен претседател на Партијата за нејзината сегашност и иднина. Со нужно препрочитување и на страниците во кои е запишано нејзиното минато. За секој случај. За да не пропуштиме нешто и да донесеме погрешни заклучоци.

НЈ: Дали мислите дека овие луѓе, и сличните, под превезот “опозиционери“ одработија на изборите за Груевски? Дали мислите дека планираа и го раскрупнија Отпорот само за да му однесат во “мираз“ на Груевски некакви гласови со кои ќе му речат: “Еве, ние дојдовме, донесовме, па ти сега види?“ Нели мислите дека еден бивш Премиер на држава не смее да мижи пред ралноста на Македонија и нели мислите дека вакво подаништво кон државата од негова страна е недозволиво? Или можеби човекот е ужасно бившо кадровско решение од кое јасно ни покажува дека можеби е “политички аналфабет“?

ЃИ: Сите тие претпоставки можно е да кријат некаква вистина но во тоа не би навлегувал. Тој тип на луѓе постоеле и ќе постојат секогаш и со тоа во битките кои престојат треба да се калкулира. Но тоа НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ ДОМИНАНТНА ТЕМА како што понекогаш знае да биде. Имено, истите можат многу добро да послужат како засолниште за калкулантите, кукавиците, неспособните, интригантите, интересчиите, внатре во партијата, за кои БОРБАТА СО ВНАТРЕШНИОТ НЕПРИЈАТЕЛ очигледно досега им била главна и единствена преокупација. Така мислам дека се случи и во периодот пред 24-ти март и на самиот ден. Се виде дека некои “дупки во одбраната“ беа резултат на неспсобност и калкуланство и ништо повеќе.

НЈ: Што предвидувате или што би можело да се случи во наредниов период? Дали ќе има консолидирање на опозицијата и предвремени парламентарни избори, и зошто би било битно да се потенцира на предвремени пралементарни избори? Да речеме дека јас знам зошто е битно, но ова е повеќе за оние луѓе кои ќе го читаат ова интервју.

ЃИ: Консолидирањето е потребно, нужно, императив е. Прашањето како ќе се одвива таа консолидација и дали ќе биде вистинската или ќе биде некаква половичност или, да е с’краја, симулација на консолидација. Методите на консолидација се познати и не треба да се трага по “топла вода“. Најпрво треба доволно искреност да се побара знаењето за тоа, а и по некој оспособен за таква акција. Останатото е помалку-повеќе сепак рутина бидејки не треба да се заборави дека СДСМ е голема партија во која има многу потенцијал. Ако до тоа не дојде (консолидација) а се испровоцираат избори, тогаш Диктатурата ќе ја добие ОСМАТА ШАНСА!

НЈ: Каде ја гледате Македонија за 10-тина години? Можеби во Европската унија? Или можеби кон Русија која можеби и не постои?

ЃИ: Сега-засега Македонија сеуште гледа кон Запад, но погледите кон Исток секогаш биле алтернатива за сите деликвенти низ цела историја на поднебјево. Таа скриена резерва, или ако сакате неискреност во гео-стратегиската определба секогаш не оставале на клупата за чекање, па така е и сега, со тоа што ова седумгодишно произведување на проблеми внатре, и кон надвор, а успешно реализирано од страна на преродбенициве со јасно видлива источна рецептура, чекањето ќе ни го одолжи до…ослободувањето, ако ме разбирате. ОСЛОБОДУВАЊЕТО!

Leave a Reply

Your email address will not be published.