Ѓорѓе и Никола

Бидејќи сум неспособен да тумачам „големи нарации“, ќе проговорам за два локални лика кои меѓусебно се различни, а толку исти; исти се во тоа што имаат заедничка професија, политичката, а различни се по тоа што едниот константно си седи дома – домаќин чоек, а другиот нон-стоп е по некакви турнеи и оф-шор дестинации трганат да го спасува народот

 

Има разни луѓе во оваа наша фолклорно-запуштена земја. Има, да речеме еден кој се вика Ѓорѓе, а има и еден кој се вика Никола. Ги знаете и двајцата, а и двајцата се познаваат меѓу себе. Се занимаваат со иста професија, политичката, се составуваат и разделуваат во разни комбинаторики и нијанси, граѓани се на иста земја, со ист пасош мафтаат низ граници. Иначе, онај првиот зловолно преминува граници за кои се потребни пасоши – чуму нему пасоши, чуму нему ашкање по земји, чуму нему таа работа само како би си го нарушил домаќинскиот живот: знае и самиот дека за да ги поминуваш етничките и естетските граници, значи да поминуваш удолу, кон амбисот, кој и самиот, гледај море, се движи удолу.

 

Никола пак, е живец од човек, предизвикува бурни реакции, малку кој е рамнодушен на него, многумина за него мислат лошо, а не се ни малку оние кои мислат добро, што ми се чини дека ретко кој од нив може да мисли толку добро колку што Никола може сам за себе да мисли. Едноставно, од Никола излегува некакво огромно одушевување од самиот себе и сопствената големина, би се реколо дека тој човек е во совршена рамнотежа со себе и светот кој го опкружува. Да го прашате Никола дали би менувал нешто однатре, тој ќе ве погледне со апсолутна мешавина од чудење, а онака, златоуст, ќе ве испрати некаде далеку, како просторно, така и временски.

 

Единствена работа, пак, која го одушевува Ѓорѓе кај Ѓорѓе е тоа што се вика Ѓорѓе. Да се викаш Ѓорѓе не е мала работа, не му е дадено тоа на секоја шуша, а нарочито не им е дадено на оние шуши кои припаѓаат на извесна фела која никакво ѓорѓевство не и’ приличи, како што на ниедна бараба не’ и приличи никакво буржујско звање. Еве пример: онај Никола. Никола ниту е, ниту некогаш ќе може да биде Ѓорѓе, неговото николаевство природно го спушта барем класа подолу на овдешна неофицијална, ама никако и не’ непостоечка лествица на вредности во која сите ѓорѓевци на овој свет се’ знаат: та, како и’ не би знаеле, кога тие ја измислија. Па Ѓорѓе во народното собрание, од аристократска висина со намигнување ќе го прекори Никола како само тој да ја има магичната формула за тоа кои се, и како треба да се движат народните национални семакедонски интереси.

 

За што се работи, ќе прашате вие? Дали можеби сме се разбрале нешто погрешно? Дали се работи за лоша интерпретација? Дали пак, можеби се работи за некакво недоразбирање, грешка, лапсус, двосмисленост, непрецизност. Лесно ќе ни беше нам со Ѓорѓе ако тој беше некаков исклучок, да беше, да речеме – ретка зверка; неволјата настанува што овде одамна завладеаја ѓорѓевци и николаевци, и никако да одјаваат; понекогаш ќе пушти, па ќе попушти, и кога мислиш дека се’ поминало, на следниот чекор ќе те изненади, ќе се врати, ќе те рокне од sидови… како некаква еколошка апокалипса – што и реално е.

 

Во што е тајната на успехот на ѓорѓевци и николаевци како поглед на свет? Во сеопштиот неуспех на сето останато. Ако немаш никакво овоземно достигнување, ако си никој и ништо во сопствената (неосвестена) заслуга, секогаш ќе ти остане таа утешна награда, неизмерна лудачка гордост на тоа што си се родил како Ѓорѓе, а не’ Никола, па со самото тоа некои работи ти припаѓаат, па со самото тоа некако си повреден и подобар. Се сложувам, многу е бедно и тажно, преглупо е да ти биде талисман за борба низ животот, ама до сега моравме да научиме дека глупавите и идиотските работи нема нужно и’ сами од себе да пропаднат: ќе се најде некој да ги прегрне, само ако им дадеме, ако молчиме и ако пасивно ако ја трпиме тиранијата на ѓорѓевци и николаевци, било чии, било кои, било каде. Во спротивно сите ќе бидеме персонофикација на бедните ѓорѓевци и николаевци, недостојни да се противставиме на нивната „носеста“ имагинација, и тоа ќе ни биде и злосторство и праведна казна.

Leave a Reply

Your email address will not be published.