Џебови полни со алибија

Големото добро утро ќе дојде по првиот круг на претседателските избори и со соочување со вистина: дека или ќе победиме (или, поточно речено, ќе мора да се победи) или ќе исчезнеме

 

Во оваа држава на кротки и послушни луѓе, сите мои улични анкети ми покажуваат дека ова беше најмирната и нејневеселата Нова година. Да ја цитирам продавачката во локалниот „Жито леб“: „Луѓето немаат пари и немаат среќа, а тие што имаат слават во странство, да не се мешаат со нас, шугавите“.

 

Во 2006 година, никој од нас не сонуваше дека ќе дочекаме ваква 2014 година. Но, соништата се проектирана реалност, па, така, секој со својот светоглед и во својот видокруг ги отсонува овие 8 години, изедени од скакулците и стаорците. За многумина беа вистински кошмар, за малкумина вистински рај, а останатото големо мнозинство македонски граѓани нема ни да ги почувствуваат. Бидејќи анестезијата, опиумот за народот трае долго и дозите постојано се зголемуваат. А народот, велеше Исус, е кротка овчичка, ако има за пасење ќе нема време за г(н)асење.

 

Сепак, има некоја космичка логика годинава 2014 да биде година на „овердоуз“. Како симбол на еден не докрај замислен, а повеќе од замислата реализиран проект, „Скопје 2014“ е веќе пред нас, во секоја пора на нашите животи. Со садамовска или кимјонгуновска соблазнетост ги замислувам креаторите на тој проект како наздравуваат за новиот кич Леголенд во централниот град на една балканска периферија. Ма какви теофили панчиќи, какви ерофееви и памуци, какви дер шпигели, си-ен-ен-и, каква архитектонска фела… Ние успеавме! Воскликнуваат и поддржувачите и противниците на проектот. Успеавме од ништо да направиме нешто. Од ништожноста, празнотијата, бедотијата на народот на ова поднебје, јас и кум Ставре создадовме уберисторија како најефикасен рецепт за создавање убернарод и како најкраток пат до разнебитување на унтернацијата. Воскликнуваат и останатите. Секој со својот есап.

 

Во поширокиот појас околу центарот на градот се продадени сите батерии за фотоапарати. Народот сака да се слика пред спомениците. Светско е, а наше. Светски изгледа, како на разгледница, а наше е, со наши пари, воскликнува гордо Македонецот. А Тамара пее од далечина: „Готовооо еее, ова е крајот…“ И јас мислам така. Ова е крајот на лудилото. Сум бил дефетист кога упорно тврдев со години дека дното има повеќе дна, дека уште не сме го допреле ова „дно дна“. 2014 година е навистина повод за оптимизам. Официјално и на писмено тврдам дека Македонија не може веќе да оди подолу. Нема такво дно што не е допрено, нема такви дијамантски дупчалки кои може да не’ одведат во некоја друга подземна просторија. А тоа, ќе се согласиме, ако сме веќе живи и здрави, е повод за несомнен оптимизам.

 

Еве мала проспекција (а потоа и прескрипција) за оваа убава 2014 година. Да почнеме со левицата, не онаа болшевичката левица, којашто е на власт веќе 8 години, туку нашава во опозиција. Што сакате кажете, какви сакаме да сме биле, па макар сето зло на овој свет да се соединило во опозицијата, ако 8 години не ви беа доволни да сфатите со кого си имате работа (да, мислам на НГ и кликата на власт) вие веќе немате алиби. Вам ви е супер, или гласајќи за режимот или седејќи дома.

 

Без разлика што „левицата“ овие денови е во опасен (гррр!) идеолошки „судир“, јас празнично ве уверувам дека тој судир брзо ќе биде надминат. Професорот Фрчкоски прекрасно го забележа тоа со принципот на ИМТ (има ли мене тамо?), со што ја долови квинтесенцијата на „идеолошките судири“ на левицата последниве 7-8 години, а познавачите ќе речат можеби и повеќе. Се разбира, професорот во „омашка“ ја избегна нужната епистемолошка самокритичност, па така заборави да каже дека „сви смо ми по мало ИМТ, јел да?“. Конечно, „идеолозите“ на левицата, кои 20 години камче не’ ставија во идеолошкиот мозаик на левицата (кој и не постои, се разбира, бидејќи никому не му текна да стави барем едно единствено камче) не разбираат дека дебатата со кој и каков камен да се удри по режимот на Груевски не е идеолошка, туку онтолошка дебата. Пер се, пер ту, пер нои. А фантастичниот ИМТ, фала Богу, сите досегашни актери покажале дека го вградуваат/вградувале во своите програматски и идеолошки бајки. Бидејќи за секоја бајка за возврат се очекува басма. Затоа, да бидеме кротки, големото добро утро ќе дојде по првиот круг на претседателските избори, а можеби и парламентарни, кога сите стејк холдери (или држачи на бифтеци) ќе се соочат со вистинската вистина: дека или ќе победиме (или, поточно речено, ќе мора да се победи) или ќе исчезнеме. Јас сум оптимист, бидејќи мислам дека ќе победиме, некако, сепак, прескапа ми изгледа цената ако изгубиме. Не мислам само низ партиска оптиметрија.

 

Оваа 2014 година мислам дека ќе биде и година кога џебовите ќе ни бидат преполни со нашите доскорешни алибија. Ставете го вашето стандардно алиби в џеб наместо да ви биде полна устата со него. Бидејќи секогаш има доволно добри алибија да не се направи ништо, а доволно малку причини да се направи нешто за овој наш казан во кој сите се вариме. Освен оние 400 илјади Македонци кои ја напуштија државата. „А зошто в џеб? – ќе се прашате. Па толку комотно ми беше досега“. Бидејќи, драги граѓани, толку е соголена власта што и самата не знае што да направи понатаму со себе. Само вие и’ останавте, како нејзина најголема потпора, со вашите усти и дела полни со алибија.

 

Ако не се оствари ова во 2014 година, или барем не почне да добива видливи контури и ефекти, тогаш им ветувам на читателите на „Утрински“ дека, барем мојата маленкост, која со сета моја нескромност досега не била дел од ИМТ, најдоцна во 2015 година ќе го примени принципот на МНТ (мене нема тамо!). 

Leave a Reply

Your email address will not be published.