Џабир Дерала – интервју: време на автократско владеење – контрола и притисок

Ненад Јовановиќ: Овој парохијален менталитет има вредности на едно племе. Во медиумската пропаганда сé е гола теорија, сé е конструкција, сé е математика. Зошто немаме никаков однос кон ништо? Зошто ништо не можеме да дефинираме, да направиме нешто за кое цврсто би се држеле, да создадеме нешто што би му го оставиле на современиот свет?

 

Џабир Дерала: Тоа што вие го оценувате како „гола теорија“, „конструкција“ итн., се нарекува пропаганда или агит-проп – термин од времето на болшевизмот. Самиот го нарековте пропаганда на почетокот и тоа е доволно. Нема потреба од дополнителни квалификации и дефинирање. Ние живееме во време на жестока и популистичка пропаганда, воедно и крајно вулгарна и агресивна. Основна карактеристика (и цел) на таквата пропаганда е да се детачираат објектите од реалноста. Граѓан(к)ите се материјал (објекти) за обработка и пропагандата е успешна доколку опфаќа што е можно повеќе луѓе. Вие не сте цел на таа пропаганда, бидејќи имате независен когнитивен апарат со кој ја осознавате реалноста, но и за вас постојат други алатки за манипулација, односно неутрализација. Затоа, сметам дека не треба да се обрнува внимание на тоа што и како се говори во пропагандните продукти, туку која е вистинската цел на таа пропаганда. Јасно, главна цел е да се задржи власта, а популацијата да се држи во мрак, но има уште низа други, подолгорочни цели. Една од нив е превреднување и редефинирање, а уште поточно фабрикување на реалноста во која владетелите ќе останат засекогаш запомнети, секогаш ќе имаат безбедна отстапница и секогаш ќе можат да сметаат на враќање на голема врата. Нема што да му се остави на современиот свет во тие услови. Се работи за нешто сосема различно, поточно спротивно на стремежот да му се остави нешто на современиот свет.

 

НЈ: ДПМНЕ мислам дека погрешно ја разбира политиката: начелно имаат некаква идеја за Европа и некаква идеја за економија. Но, ништо од ова не е видливо; видливо е само тоа дека облекоа одела и краватии… Ова ли е современа политика? Сите се јапиевци, менаџери. Јас не можам да гласам за партија во која претседателот е менаџер, оти тоа не е политика. На менаџерот местото му е во фирма, а не во политичко лидерство со идеја?

 

ЏД: ДПМНЕ воопшто не ја разбира погрешно политиката. Немаат идеја за Европа, бидејќи немаат намера да ја внесат Македонија во Европа. Напротив, што подалеку од Европа, тоа подобро. Немаат потреба ни од идеја за економија, барем не таква каква што претспоставувам дека имате вие. Двете „идеи“ се употребуваат како инструменти за манипулација и јакнење на структурата на моќ околу која се концентрирани мал број луѓе. Што се однесува до новите полит-менаџери, тие не се новина само во Македонија. Новите начини на третирање на државата и општеството како корпорација го развија и негуваат десничарите ширум Европа. Во секоја земја, зависно од политичката култура на едно општество, ваквиот пристап има различно ниво на суптилност, односно во земји како Македонија, тоа е сведено на приземно „газдинство“. 

НЈ:  Истите јапиевци велат дека Македонија има надворешен долг 500 милиони евра; други велат дека Македонија има 200 милиони евра. Па чекајте бе луѓе, тоа се огромни цифри, а никој ни да праша! Излегува дека кој сака може да верува во 500 милиони, а кој сака во 200 милиони. Па каков е тој начин на демократија? Каков е тој начин на отвореност и транспарентност, збор во кој се колне владеачката клика?

 

ЏД: Гувернерот Богов го притисна црвеното копче во декември. Со избрани зборови, тој алармира дека ѓаволот ја однел шегата и дека допрва нé чекаат тешки денови и мизерија. Не сум економист, но имам чувство дека последната изјава на Богов е навестување за сериозни турбуленции во македонската економија и тоа многу брзо, можеби веднаш по изборите напролет. Нема да ме зачуди ако инфлацијата, која засега вешто се прикрива, експлодира, односно да имаме инфлација на дневно ниво како во деновите на најжестока криза на екс-југословенските простори кога парите имаа пониска вредност од хартијата на која беа отпечатени.
Да ве потсетам, Светската банка и Богов излегоа со податок дека Македонија само во последните шест месеци влегла во долг од близу половина милијарда евра, односно дека вкупниот надворешен долг изнесува над 5,5 милијарди евра. Што се однесува до прашањата за демократија и транспарентност, ќе ги прифатам како реторички прашања, односно дека се само емотивен восклик и констатација за нешто непостоечко.

 

НЈ: Каква е денешнава култура, Дерала? Зошто осум години живееме во една “култура на понижување“? Понижување како немоќ; емоција која пред сé е чувство дека немаме веќе контрола над својот живот, било колективно како нација, било персонално – како личност?

 

ЏД: Живееме во време на автократско владеење. Таквото владеење се служи со добро познатите механизми на контрола и притисок. Тоа е ситуација во која не помагаат тажаленки дека се нема контрола над сопствениот живот (персонално), а контрола над животот како нација ми е непознат израз или, поточно, би сакал да ми остане непознат, бидејќи ми звучи заканувачки. 

 

НЈ: Читам доста – во развиените општества постои голем степен на диференцијација – постои политика, постојат медиуми, постои наука… условно речено има место за сé. Кај нас партиите не повикуваат сите на единство – сите, сите, сите – па такво единство кое тие го замислуваат возможно е само во племиња кои имаат свој заеднички непријател?

 

ЏД: Хахаха… Зборувате и прашувате како разочаран оптимист кој сé уште не сака да ѝ погледне на реалноста в очи. Како и да е, има многу простор во демократските општества, особено во земјите на западна Европа и Скандинавија. Ова не е такво општество. Имаше шанса да стане и никогаш не е доцна тоа и да стане. Но, не сега. Точка. 

НЈ:  Како стои Цивил во моментов? На индивидуален план, на интернет сте прилично активен – музика, поезија, пишување, промоции, авторство… Каде го наоѓате драјвот, што ве турка… Ова го велам затоа што знам како е човек да се занимава и да верува во вредности и светови без граници… Имам впечаток како да си ја ставате главата во торба.

 

ЏД: Цивил порасна многу во последниве неколку години. Пред сé, порасна довербата на граѓан(к)ите во организацијата во која имам чест да имам раководна функција. Пред нас се големи предизвици, како во поглед на опстанокот, така и во поглед на силните притисоци кои ги трпиме. Верувам дека ќе биде уште полошо и потешко да се справиме со проблемите, но верувам во посветеноста на моите другарки и другари во организацијата. Да, пред нас се големите предизвици да опстоиме во одбрана на човековите права и слободи. Ќе продолжиме со понуда на идеи, стратегии и проекти за јакнење на јавната свест и едукација за човековите права и слободи од повеќе различни аспекти за кои имаме големо искуство и експертиза.

Leave a Reply

Your email address will not be published.