ГАЗЕЊЕ ПО МРАВКИ

Ова е генерација на јавни личности, наследници на старите лисци и нивните бебе-бакнувања пред камери

 

„Анѓели нас зову да им скинемо крила“

Аниматори

 

Велат дека секоја слика кажува повеќе од илјада зборови. Некои слики, со својата моќ, стануваат амблем на духот и на времето на човештвото во одреден период на историјата. Некои други, пак, ги одбележуваат и симболички ги навестуваат промените на глобалниот хоризонт кои допрва ќе се случуваат.

 

Една таква слика е прозорецот на Јусуф Јеркел, младиот советник на турскиот премиер Ердоган, фотокадриран додека со клоци удира по исто така младиот рудар, непосредно по трагедијата во Сома. Млад,строен и облечен во елегантен и по нарачка скроен костум, со лице изобличено од омраза, гнев, садизам, сиклет и еуфорија на надмоќ, додека удира и клоца по немоќниот човек испружен на земја и држен како курбан пред клање од страна на вооружените до заби и униформирани војници. Глетка која блика и вреска со симболика за раѓањето на новото доба на морален инженеринг на авторитаризмот. Со Јусуф Јеркел како негов илустративен и репрезентативен продукт.

 

Инцидентот во Сома, барем засега, скапо го чинеше Јеркел. По ерупцијата на незадоволство и протести за неговиот недоличен и суров гест на садизам, „клоцачот“ беше разрешен од својата должност лично од Ердоган и „преместен на друга позиција во владиниот апарат“. Што во новопсихологијата на денешницата се смета како сосема пропорционална и адекватна казна за „злоупотреба на службената позиција“, но без законски санкции за самиот акт на насилство.

 

Младиот господин Јеркел не би заслужил внимание временски подолго од куса агенциска вест, доколку би бил некој обичен „силовик“ или телохранител загрижен за безбедноста на својот шеф. Со политички оправдана „лиценца за насилство“ врз кое било лице или сила која ја загрозува безбедноста на високиот претставник на власта. Но, младиот советник и заменик-шеф на кабинетот на премиерот Ердоган е личност со доверба и политичка фигура од влијание и во најтесното политичко опкружување на еден од најмоќните луѓе на денешницата. Воедно, и член на елитниот круг на младата интелектуална елита на најмоќната политичка партија на современа Турција. И притоа, колку приказната да добие посебен шмек на циничност, младиот советник е и постдипломец на престижниот Лондонски универзитет за африкански и ориентални студии. Би рекле, сосема со право, општествена фигура со образование и политичко влијание, кое би требало да биде ставено во служба на благосостојбата на народот кој цели да го претставува, а не да го тепа.

 

На извесен начин и со помало влијание, г. Јеркел е своевидна турска верзија или пандан на далеку повлијателниот Владислав Сурков, исто така (поранешен) заменик-шеф на кабинетот на Владимир Владимирович Путин, близок пријател на чеченскиот моќник Рамзан Кадиров, „сив кардинал“ на моќта на Кремљин и автор на концепт-идеологијата на „суверена демократија“. Токму овие два лика се своевидни илустративни примероци за сегашниот тренд на размислување и однесување на една цела генерација млади политичари и интелектуалци во подем (од двете страни на идеолошкиот јинг-јанг).Чии општествени светоназори, карактерни мотиви и политички манири на себепромоција се совршено и сеопфатно формулирани од Адам Куртис во неговиот напис за корелацијата на „годините на стагнација и пудлиците на моќта“.

 

Станува збор за генерации на млади, израснати во општества со девалвирани или спинувани морални вредности, во кои белегот на чесноста не се стекнува низ години и животни премрежија,туку врз основа на внимателни изучувања и промоции преку кореографирани претстави, аранжирани од страна на медиумите и индустријата на политички маркетинг. Ова е генерација на млади луѓе чии познавања од сеопштата култура, теоретско образование, информираност и лингвистички способности се, споредбено, несомнено супериорни со постарите генерации на иста возраст. Но исто така, ова се генерации чија емоционална интелигенција, искуство на животна мудрост и способност за интелектуална емпатија и сочуство се на рамниште на петата генерација индустриски прасиња за товење. Нивните патетично молебливи очи наликуваат човечно, нивните тенки и стиснати усти се полни со зборови кои звучат нормално, но значењето е сосема извештачено. Во нивниот вокабулар милоста е нешто што се прима – но не се дава, љубовта е конвертибилна, надежта е егоистична, а Бог е небески цар за земска сила.

 

Ова е генерација на јавни личности, наследници на старите лисци и нивните бебе-бакнувања пред камери. Сега надградени и перверзно усовршени преку вешти тренинзи за позирање додека држат свенати раце на селски старамајки, камерманско строење на непослушните, крстење и поклонување по религиозни бордели, бркање непогоди за минута-две на холивудско херојство и етничко-генитални паради за затскривање на аналните мизансценски договори.

 

Но доколку се загледаме во вистинската природа на овие „златни на мајка“ накарадни јавни дво-ликови, „ти се присторува дека веќе и Злото некако го губи своето луциферско достоинство, а богами и величина. Се’ што останува е лигавоста или застрашувачката морална тупавост и интелектуална недораснатост на нашите паланечки пробисвети“. Како што Теофил Панчиќ го сумира читањето на сеуште жално актуелната (сега модерно-политички модифицирана) студија на Славенка Дракулиќ за домашните ни злотвори кои „Ни мравка не би згазиле“.

 

И тоа е таа тврдоглаво ненаучена лекција од најновото ѓорчепетровско издание на „средношколски протести“ и „Кале тепачки“, во кои манипулираното младо топовско месо пали, жари и крши, во надеж дека некој од политичките татковци ќе ја забележи нивната посветеност и лојалност кон каузата. Додека постарите се плашеа, младите инстинктивно добро знаеја што се случува и што нуди можноста. Протестите денес и овде се своевидно исчашено масовно интервју за регрутација на новите ликови на маалски садизам за постепена промоција во елитниот клуб на партиско влијание и факторизација на збратимената политичката сцена и криминално подземје.

 

Политички и медиумски циничните и потпалувачки урлања за „полицијата која го тепа народот и невиниот граѓанин“ се само дел од таа урамниловка на вербалниот морализам од потполно корумпираниот општествен мозок. Чии кодови на манипулации периодично се активираат од познато „невидливи“ прсти кои го типкаат пасвордот за отклучување на бесот и желбата за крв.

 

Да, секому според заслугите. Семето на вистинското насилство, бруталноста и кукавички садизам не доаѓаат ниту од манипулираните млади луѓе, ниту од униформираните лица ставени пред толпата. Тие се само за голо око видливи цветови на злото. Засадени од други. Токму од страна на политичките и медиумски „махери“ кои водат од назад, на безбедна дистанца од свеста на јавноста и очите на политичката и законска одговорност за своите недела. Тоа се нашите паднати ангели со мили ликови, долги прсти и нечисти души. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.