“Гасна Комора” – од друг агол!

пишува Кире Бебеџаков

Синдромот на брз заборав кој го има македонецот  отсекогаш вродувал со плод кај оние поамбициозните, спремни да газат пред себе живи луѓе. Многумина ги подзаборавија маестралните граѓански собири (19. Септември 2013 г.) кои ги имаше кавадаречкото живо битие во величествената сала при локалната самоуправа на општина Кавадарци кога се раѓаше плодот на конечната свест на граѓаните, свест која во почетна фаза се стави во прва брзина на возење и конечно почна да се хрчка темата околу енормно високата загаденост на воздухот и почвата во и околу општина Кавадарци. Повеќето од прстите на граѓаните беа упатени кон еден и единствен виновник: кавадаречката компанија “Фени Индустри”. И оваа компанија на овие граѓански собири си имаше свои претставници. Нормално, си ги бранеа своите ставови. Некои од бранителите беа од кругот на компанијата. Некои, од советот на локалната самоуправа. Нивниот заеднички став беше дециден: “Фени Индустри” нè загадува!

Како звонец од камбанарија во уши ми одекнуваат зборовите и удирањето во гради на дел од локалните таканаречени функционери, членови на локалната власт. Посебно во незаборав врежани изјавите на харизматичната претседателка на советот на општина Кавадарци, Горица Пеливанова – Вилхелм. Од сите говори и изјави на сите учесници кои покажаа храброст и доблест да земат збор, нејзиното појавување и настап беа нај “патриотски”. Најискрени беа оние на обичните граѓани.

Хипокризијата на грижливост од поодамна е адут на сите кои градат кариера преку ноќ, па рефлексијата не ја одмина ниту претседателката на кавадаречкиот совет, Пеливанова – Вилхелм, па од петни жили се обиде да се додвори на јавноста, (до некаде и успеа) и притоа во преден план да стави акцент на нејзината загриженост на младите поколенија во општина Кавадарци, на нејзиното, на поколенијата на останатите сограѓани а богами и на тогашниот директор на “Фени Индустри”, Никола Ризов. Ко бајаги тој самиот не знаел да се грижи за неговите.

“Во Кавадарци не постои семејство во кое нема барем еден член заболен од карцином” – патриотски извика Пеливанова – Вилхелм, силно удирајќи по партиската говорница. Повеќето од присутните возбудено ракоплескаа во за нив непрепознатлив занесен такт. Изненадени во магичен транс. Самоуверувајќи се дека “…сега му е мајката!”.

Тогашните почитувани гости кои беа присутни како претставници – кројачи на кавадаречките судбини а беа од редовите на Министерството за животна средина на Република Македонија можеа да слушнат многу од жестоката дискусија. А и да научат. Ама ако сакаа, и доколку со себе ги носеа сопствените очи и уши. Но, тие, најверојатно биле дојдени со претходно подготвено сценарио и веќе одбрана страна на типување. Кец у кец за сигурна добивка. Останатото е само формалност. Според нив, Фени нè загадуваше!

Од целото Монти Пајтонско театарско шоу имаше и такви, да ги наречеме “независни” советници, кои обвинуваа дека загадувањето во тиквешијата било резултат од ќумбињата (јебо те ќумбе!) кои ги користеле граѓаните при приготвување на зимница и варење на ракија. Управата на “Фени Индустри” си го бранеше своето. Според Ризов, “Фени Индустри“ нè загадува и сите муабети за и околу оваа компанија биле табу теми и измислени приказни од поединци и индивидуи.

Каде има пари, најверојатно таму нема правда. Компанијата “Фени Индустри” ја доби толку посакуваната дозвола за согорување на отпадна гума, а од Министерството за животна средина со јасен став: Аманте бре луѓе, ”Фени Индустри” нè загадува”! И животот продолжи понатаму. Нормално, за оние живите.

Во меѓувреме, стапката на заболени луѓе од карцином на тлото на тиквешијата секојдневно растеше и расте со енормна брзина на светлината. Лекарите, баш лекарите, велат дека во државната и приватните клиники ширум земјава пациентите од тиквешијата се најредовни гости и се застапени со најголем процент. Според лекарската експертиза и дијагноза, причинителот не е ќумбе. Ами нешто многу посилно и со поширок отвор и капацитет.

Карванот си врви, и ниту едно куче не го лае. Целата оваа тиквешка голгота својот патешествен крах го доби изминативе неколку денови кога сервисите на јавноста ја доловија информацијата дека компанијата “Фени Индустри” давала поткуп на вработени во Министерството за животна средина. Овие поприлично вознемирувачки информации ја растресија целокупната јавност слично како да протресите 700.000 евра во Керим – шише. Овие информации се сервирани директно од  владините курири. Според овие медиуми, тиквешкиот “Џемс Бонд”, односно компанијата “Фени Индустри”, својата “дозвола за убивање” ја добивал со директен поткуп и мито на дел од вработените од Министерството за животна средина на Република Македонија.

Просечниот кавадаречки и македонски мозок сите овие страдања од информирање не можеше да ги поднесе, да ги изџвака и исере. Се бараше алтернатива, утеха, прибежиште, закрила од сите овие трауми, што од шпанско – турските сапуници што од сителови нарачани прилози со хепиенд завршници. И, си го доби своето прибежиште. Експресно им се сервира алтернативата наречена црква “Св. Петка”.

Случајности не постојат, така велат големите мудреци. Секое дело замена за злодело. Па така, еден од најголемите донатори при изградбата на ова грандиозно божјо дело наменето за обичниот ајвар смртник е кој друг ако не компанијата “Фени Индустри”. Свечено отварање се слушуваше во неколку наврати, блицови ечат, ексклузивна вест трешти од сите страни. А, кревка средина нема што друго и да понуди.  Умрена, заспана..Општеството колабрирано стои во место. Најважно од се, со изградбата на црквата, гревовите за некои се опростени. Совеста им е чиста. Одиме јово одново. Народот беше благодарен.. И волкот сит и овците на број. “Фени Индустри” си го “одработи” својот дел од сценариото.

Не помина долго, само недела дена од “истекувањето” на веста дека “Фени Индустри” поткупувал вработени во Министерството за животна средина, се случи феноменален пресврт на работите. Оваа компанија се здоби со награда за најголема општествена одговорност во Република Македонија. Не една, ами две награди. Веста промовирана низ медиумите.

И во целата оваа според некои измислена приказна,  со сигурност може да се каже дека ликовите учесници во ова сценарио се со долгогодишно “работно театарско искуство” и дека навистина умеат да “изнудат” општествена благосостојба за сите граѓани.

Прашања и понатаму висат до недоглед. Бар за мене. Од горенаведеното ми се избистрија многу дилеми и редуцираа сомнежи. Дали уште еднаш, по кој знае кој пат во својата историја, компанијата “Фени Индустри” е изрекетирана и уценувана од извршната власт? Претседателката Пеливанова – Вилхелм од поодамна има ставено “фластер на уста” кога станува збор за еко-состојбата на градот во кој растат нејзините поколенија. Дали лошите политики на нејзината партија ги стави на прво место, пред граѓаните, пред фамилијата? Дали нејзиното “патриотско педигре” на внатрепартиски протестант во ДПМНЕ е заменето со нешто кое е во подобра кондиција и и носи посигурна животна егзистенција? Колку чини (евтиното) здравје на граѓаните? Живееме во Стаклена Градина или Гасна Комора? Доволно е дафрлите еден поглед нагоре кон замраченото и раскрвавено кавадаречко небо кое верувајте да има уста да проговори ќе заплаче колку што го држат гласните жици. Ќе заплаче толку силно, доволно за молкот на 40.000 (мало)граѓани.

Leave a Reply

Your email address will not be published.