Фудбалскиот турнир Вуко Каров ќе се одржи пред општинската зграда во Кавадарци

Во Кавадарци ќе се возобнови убавата фудбалска традиција за организирање на турнирот „Вуко Каров“, кој ќе се одржи на Градскиот плоштад, а е посветен на еден од фудбалските великани во овој град, а во минатото беше навистина почитувана манифестација.

Со оглед дека Кавадарци, за жал, веќе неколку месеци нема активен фудбалски состав, а узурпиран е и Градскиот стадион, најновото издание на турнирот „Вуко Каров“ ќе се одржи на плоштадот. Организатори се фубалските легенди од градот и членовите на навивачката група „Лозари“, кои меѓусебно ќе ги одмерат силите.

На целиот настан ќе преовладуваат многу симболики, кои се провлекуваат и во тајмингот на одржување на турнирот. Според организаторот, турнирот ќе се одржи во недела, 2. март, на големиот христијански празник Прочка. Првиот удар ќе го означи внукот на Вуко Каров, Тоше Каров, на точно пет минути до 12 часот, што треба да означи конечно освестување за згаснувањето на фудбалот во некогашниот фудбалски град Кавадарци.

Пораката од кавадаречката спортска јавност ќе биде јавно испратена до надлежните во Кавадарци. Колку од тоа ќе им влезе во глава и ќе извлечат некоја поука, тоа останува на нив.

Leave a Reply

Your email address will not be published.