Фудбалот како поука

пишува Звонко Каров

Дека фудбалот може да биде поука за нашите политички (не)прилики може да послужи и една случка од историјата на ФК Тиквеш, спортски колектив чие име секогаш било изговарано со почит.

Во својата клубска историја имало успеси и падови, но во долгата традиција ФК Тиквеш секогаш бил во врвот на македонскиот фудбал. Низ редовите на овој фудбалски колектив минале многу фудбалери, секој оставал свој печат, а крајниот суд го имала верната публика која знаела да го препознае квалитетот на секого од нив и така ги вреднувала. Со еден збор кај публиката тешко поминувало нешто што можело да го оправда неуспехот. Препознавала вистински квалитет и знаела да ги препознае причините за добрите и слабите резултати.

Вљубениците на фудбалската игра во Кавадарци уште прераскажуваат една случка од теренот во Кавадарци. Во сеќавање им е и една фудбалска легенда, Никола Камчев –Марката, капитен на една успешна генерација, бескомпромисен борец, центархалф кој го оставал срцето на теренот. Кога Тиквеш обезбедил учество во повисок ранг на натпреварување (тогашната сојузна лига) се среќавал со посилни и поквалитетни екипи од себе. Кавадаречката публика знаела да ги награди со аплауз противничките екипи на градскиот стадион. Во жарот на фудбалската игра нашиот,  Марка, знаел да реагира кај делителот на правдата, што заради должноста капитен на екипата, што како борец немоќен да ја спречи лошата игра на својот тим, поточната немоќта кон противникот. ,,Зошто не јадеш еден век?” е неговата легендарна реакција кон судијата. ,,Но другар, првпат ви судам !” – му возвратил, виновникот.

Во такви ситуации играчите и публиката се солидаризирала со нашиот капитен и реагирала слично на него. Се разбира дека утрешните анализи покажувале дека причините за неуспехот се нешто друго, а најмалку оној кој бил обвинуван на теренот. После неколку години ФК Тиквеш се вратил повторно во повисок ранг на натпреварување со уште поквалитетна екипа од онаа што ја предводел Камчев. Кога денес би бил жив, познавајќи го, знам дека ќе рече: ,,Деца, до нас беше, не беше до судијата.,”

Leave a Reply

Your email address will not be published.