Фрлен Бисер пред свињи

Македонија е растурена земја, измеѓу модернисти и популисти, измеѓу духовници и конзервативци, измеѓу рурално и урбано, измеѓу комунистички исток и капиталистички запад


„Си ми кажуел, не су ти веруел“, ми вели пријател, несфаќајќи дека еден ден ќе добијам еден вид „просветлување“, како и пријателот, гледајќи ја емисијата на 24-Вести измеѓу еден Бисер и Панде К. Имено, не се работи за пријател, туку за далечен роднина кој пред неколку години ми зборуваше за својот дедо кој бил од некаква лоза, „самоникнат“, сам на себе мерило, оти ако си на светот, а пред тебе си бил само ти, а после тебе повторно само ти, самоук, „самоникнат“, нели е тоа прекрасно а воедно и еден опасен свет каков што повеќе никаде не постои? Нели е всушност тоа вистинската природа на човекот, да ја кажува вистината, да се бунтува, да алармира, да не припаѓа, ни на историја, ни на религија, а за нацијата не сакам ниту пак да говорам? Нели е прекрасно и тажно да се биде на светот потполно сам?


Панде К., човекот со „отапени сетила“ е човек кој останал во својот митски поредок на луѓе и појави, тој, се гледа како врата, еден мит заменил со друг: сегашната посткомунистичка Македонија го интегрирала и пружила многу можности – да стане уредник на весник, да се жени, да се занимава со хоби, да патува, да биде „господин човек“, како што и самиот потенцираше, а со тоа веројатно сакаше да каже дека заработил и доволно пари за да прејде во високата класа, и многу непријателства за јавни каузи му се непотребни?


Гледајте, во овој ракурс поминува и моето глупаво денешно секојдневие, признавам! Ако веќе размислувате, Панде К. е тотално небитна појава, Панде К. е контекст, како и сегашното мнозинство кое нема никакво чувство за социјална правда и неправда, не прави никаква разлика во „да се има“ и „да се нема“, ништо важно не му „мањка“, ништо не му недостига, секогаш сит, облечен, башка уредник на „Нова Македонија“, бесчувство дека има други луѓе кои не живеат така, ништо од тоа нема во опкружувањето на Панде К. Типичен примерок, како што рече и Бисерот, „не си го разбрал ниту комунизмот, само си го опслужувал“, за човек кој целата младост ја поминал во исти летувалишта „преку синдикатот“, со родители кои претпоставувам, како и’ мојот роднина со „приказните за неговиот дедо“, биле запослени на слични места и со слични плати, а сите ги криеле своите фамилијарни истории или не’ обрнувале внимание на нив.


Признавам, светот на Панде К. би бил идеален, ако друг свет не би постоел. Оти ваков систем, низ очите на Панде К. може да биде конструиран само во ситно-комунистичкиот рај. Но, има еден проблем: едноставно, груевизмот, а тоа и Бисерот му го кажува – е суров! Проблемот е во тоа што суровоста се доживува како нормалност. Овде е природно да се биде груб и суров, да се биде нехуман, овде е нормално да бидете удрен од својот другар, од својот татко, да бидеш навреден, удри, удри, удри… Овде е природно се’ да те боли, а најмногу понижувањето и наивното разочарување, кога, како некое ретардирано дете, со стално чудење, секогаш се изненадувам како е возможно луѓето да бидат такви?


Накратко, ги слушам, сите аргументи на Бисерот за сета онаа нехуманост, за сета човечка грубост, онаа онтолошка суровост со која режимот владее изминативе години во Македонија.


Имено, сите општества се делат на солидарни и несолидарни, ништо друго не постои, или поточно, се’ друго се проценува во однос на тоа. Не постои нација (не барем ваква која во нејзино име ќе се шиканира), ни религија, ни економски систем, ни географија… Постојат општества кои баш им е гајле и постојат општества кои им е гајле. Постојат општества кои „демек“ им е гајле и постојат општества кои „би можело“ да им е гајле кога би им било гајле. Па ваквото „гајле“ и „негајле“, сочувството, емпатија за другиот, различниот, и во умот и во словото, солидарноста, тоа е темелот на еден прав поредок.


Така јас размислувам, филозофирајќи без пардон, додека го гледав Бисерот фрлен пред свињи, им аргументира, им објаснува со искрена и „детска“ свежина на духот, а во себе, не гласно, да не се брукам, ќе признаете: грубо е да се фрли Бисер пред свињи

Leave a Reply

Your email address will not be published.