Францускиот режисер и криминалците

Некои мои другари од детството ја почнуваа кариерата така што ги тепаа “панкерите“ и “наркоманите“ правејќи си пат за зачувување на патрихалните вредности

Жан-Пјер Мелвил, француски режисер на криминалниот жанр, прашан од каде ја црпи инспирацијата на неговите авторски дела, дали ја собира од “реалниот живот“ или пак се дружи со криминалци, овој со одвратност ја одбил таквата можност, објаснувајќи им ја разликата помеѓу филмските и “правите“ криминалци: “правите“ се досадни, празни, совршено неинтересни луѓе. Неговиот коментар предизвикал лавина на секакви коментари, потоа истиот коментар влегол во неформален “канон“, во онаа клучна “вонучилишна“ ризница на општо познавање.
На што не’ учи коментарот на Мелвил? Треба да одиме до Франција? Не! Доволно е да се осврнеме на домашниот контекст.

Последниве осум години, потекнати од ниските социјални слоеви и загарантирано катастрофално образование – дури до ниво на катастрофална писменост – сите локални гангстери и бараби, во времето на груевизмот доживеаја гламурализација; периферни губитници дочекаа да станат sвезди (баш по мера на шашавото време во кое живееме), идеални role-модели според новокомпонираниот мафиократски модел. Супер вклопени, не’ сведочат за себеси – сведочат за декадентното време во кое живееме и време кое ги прогласи за свои “херои“.

Ајде сега подлабоко да ги анализираме Мелвиловите коментари. Што е тоа криминалец? Ако ја црпиме емпиријата од нашиот контекст – а приотоа не’ анализираме филм – нашиот криминалец е тотален социјален конформист, типично пасивен “испрдок“ на своето опкружување и на епохата која и припаѓа:  прашајте го било што, ќе почне како папагал да ги одговара сите оние Општи места за кои интуитивно знае дека му припаѓаат на времето во кое живее.

Ајде сега да летнеме низ филмот – The Sopranos: оттука, сите криминалци без исклучок се’ “фамилијарни луѓе“, примерни татковци и сопрузи, “големи патриоти“, “патријахални домаќини луѓе“ кои можеби малку се темпераментни и бахати, ама имаат чувство за правда, и не сакаат никакви девијантни појави: педери, лезбејки, секташи, панкери, наркомани, маргиналци, предавници и шпиони… И во комунизмот ништо не било поразлично – внатре го обожуваш бирократскиот апарат и вербата во социјализмот, а надвор правиш тешка пара со “трулиот Запад“: време е да се зададе смртоносниот удар на трулиот империјализам… попат, си бркаш работа со УДБА, колку да се знае дека срцето ти е “лево“ и дека така може да и’ се служи на Светската Револуција.

Имено, груевистите го живеат токму ова време: во културно-вредноста смисла тие се “табула раса“, глина за обликување во која последниве години и се напикаа на доминантната струја. А, ако ја следиме логиката на Мелвил и ако заклучивме дека “кримосите“ се’ досадни луѓе, тоа не’ значи дека од нивната уста не излегува нашиот портрет како општество.
Не’ може никаква комисија, пази – комисија, да расправа за тоа што беше очигледно, дури и за оној малку пописмен набљудувач – власта самата се пучираше на “фамозниот“ 24-ти декември. Не’ може некој кој има најголема политичка позиција во државава да го кани шефот на опозицијата на кафе, а веќе следниот ден да го стигматизира или клевети дека некоја негова баба ја вработил во општина Струмица. Не’ може никаква комисија или парламентарно мнозинство, преку партиска говорница да обзнани дали судството е независно; не’ може една држава Јавно да зборува внатре и надвор дека има Европски аспирации, а низ затворите да има “свои“ политички затвореници и новинари. Такво нешто не’ може ако јасно сме насочени  кон цивилизираниот Европски свет, без притоа да намигнуваме кон мајчица Русија?

Вака може и до утре. Но, да се вратиме на Мелвиловите логики, ми се чини дека работите стануваат многу по јасни: груевистичките политичари се кукавици, лицемери, заедно со нивните безбожни попови, охохо, и секако – “патриотските интелектуалци“ – сите овие не се ништо освен “медиум“, таквиот медиум го изјавува само она што е социјално прифатливо, да наиде на она што се одобрува, оти по ѓаволите! – не се они тука за себе, ами за народот?! Нивните зборови треба да бидат насочени  према она “тивко мнозинство“ кое е секогаш тука да ги поддржи “традиционалните вредности“, онаа иста “табула раса“ која секогаш пасивно или активно го поддржува секое зло кое се создало, и фино се разлеало. Мелвиловски кажано, ова е потврда дека секоја крими-супкултура е се, само не бунтовничка, напротив – секогаш следи покорно, конформистички и медиокритетски; ги репродуцира Доминантните вредности во општеството.

Сум ви кажал ли за некои мои другари од детството кои ја почнуваа кариерата тепајќи ги “панкерите“ и “наркоманите“ правејќи си пат за зачувување на патријахалните вредности? Ене ги, во влада, сите до еден!

Leave a Reply

Your email address will not be published.