Филозофија на тупаници

Kaко овдешниот свет ја разбира Другоста и што всушност се случи на меѓународниот Ден на толеранцијата посветена на ЛГБТ–популацијата во Македонија, господине По!

На Фејсбук и “социјалните медиуми“, како што ги нарекува една страшно опскурна дама која живее на неколку илјадници километри од текстот кој во моментот настанува, и нестанува, претседателот Кочо Андоновски, немам никаков сомнеж дека се работи (иако лично не го познавам) за исклучително џентламенска и пристојна личност – барем колку што сум погледал низ онаа ѓаволска работа наречена ТВ применик – а на другата страна “борбена формација“ на неофашистички испрдоци продуцирани од режимот и околностите во кои таквите несреќни ликови (а би требало да се личности?) живеат и егзистираат во просторот и времето во источноевропската полуколонија.

Или со речник на народот – додека слободарите маршираат – “филозофираат“, фашистите толчат – значи, „работат“… Во таква дестилирана поделба на улоги, јасно е кој секогаш ќе го извлече подебелиот крај. Дали тоа значи дека спасот лежи во тоа да слободарите и луѓето со поинаква сексуална определба треба да мавтаат со подебели и подолги “мотки“ од оние кои ги малтретираат нивните противници? Епа, се плашам дека таквото решение би било премногу едноставно, оти ќе биде токму по мерка и фкус на самите фашисти… Добро, господине По, како да се извлечеме од ваквиот имагинариум?

Фашизмот и сите негови сродни деривати, како што не учеше низ книгите покојниот доктор на правни науки, Војин Димитриевиќ, носител на Францускиот ореден “Легија на честа“, можат да ги тероризираат луѓето само тамо кајшто држава (готово и да) нема, а заедницата/друштвото се наоѓа во тупава состојба, зачмаено и неспособно да се погледа себе, да ги испита корените на сопствените проблеми и да си побара репрезентативни решенија.

Денешнава Македонија всушност, така изгледа – Земја на Илузија каде власта треба секојдневно, дење-ноќе, да добива аплаузи, а оние кои имаат што разумно да кажат и да делуваат – со сигурност можат да сметаат на навреди и закани, а во случајов и ќотеци. А има и бетер, искрено да ви кажам: чувството на бесцелност кога секој еманципаторски напор ти е обесмислен, згазен и неприфатен, па со наведната глава дон-кихотовски разочарано се враќаш кон своето “уточиште“.

Ете, после дваесет и две години “плурализам“, демократија и конечно пронајдок – ние не сме стебло без корен, го имаме “Античкото“ – мораш да ја вардиш главата пред разно-заразен олош, да објаснуваш на луѓе дека со ништо, освен што си слободен да постоиш, мислиш и зборуваш, си го предизвикал тоа што се случило. А исто така, и ова за мене е најбаналниот дел – ти мораш на разно-заразни властодршци од пирамидата на радикалната шуплина да им објаснуваш низ медиуми дека нивното “пренемагање“ е тотално дегутантно како на пример (и во безброј прес-конференции), пренемагањето од објаснување на дотичната госпоѓа, министерка, која всушност и “немала појма дека во Македонија има неофашизам“ (слушни само, еј, слушни ги!). Сега останува уште да се јават Претседателот и Премиерот и да се згрозат над овој чин и сите нас да не предупредат дека сето ова и не беше потребно, и дека вакви инцидентни не се потребни затоа што за неполн месец почнуваат тешки преговори и само што не’ не примиле во ЕУ, и НАТО…

И така, ден по ден, баналноста и злото на медиокритетски начин не’ успева да “трансцендира“ и да се издигне над сопствената баналност. Имено, властите и нивните “интерпретатори“ никако не им успева да спознаат една навидум отворена вистина: самиот тој “патриотски дискурс“ е дел од проблемот, а не решение. Ти само си мислиш дека можеш да го “припитомиш“ во некоја постоечка и непостоечка свест или, да ја “приведеш“ фашизираната багра, па дури и да ја советуваш низ некаков вид на “здрав, бениген, конструктивен патриотизам“ во правец во кој ваквиот, надрдан до бесвест, треба да го намали впечатокот…, извините, ама тоа е тотално наивно и недораснато: тоа е онаа врста на неодговорност која и својот “носител“ на Јавна функција го прави Друштвено Неосвестен.

Таква е таа, драги мои, етнонационалистичка контаминација на умовите и душите на овдешниот полусвет, и ова не е само какрактеристично во централизираната метропола, нештото е и тука, преку пат, на педесет или сто метри од тебе, а може и многу-многу поблиску, така што веројатно ќе биде многу наивно од мене да им порачам на фашистите… да им урлам… не вреди, тие не те ни слушаат, само те гледаат онаков каков си, целиот зачаурен во едно тотално ништавило, без крај, без смисла, без разрешница.

И што после овој случај министрите извлекоа поука? Ништо, се разбира. Отидени се сите по своите уточишта со верба дека секој постигнал грандиозна праведност! А едните граѓани што малтретираа други? Ништо и со нив. Коренот е многу подлабок, само наплатата стигна денес!

Leave a Reply

Your email address will not be published.