Фабриканти на лоши вести

Вредност е да се биде во невладинa организација на самосвесни граѓани, луѓе со космополитски, рационален и просветен ум кои бранат Јавен простор од разни груевци, иванови и останати шамани, кои се на страната на мракот, суеверието, племенското баење и  тривијалната  „политичка“  конфабулација

„И што со тоа?“ – ме прашува пријател додека цевчиме бунар. „Што ако има критика, а никој со прст не мрдне?“ Објаснувам дека граѓанскиот активизам малку вреди ако не’ создава рефлексија, ако ненабљудува, во крајна мера – ако не ја трансендира човечката положба. Граѓанската активност мора да делува во околностите на веќе  зададените културни и општествени рамки/обрасци. Само како таков,  граѓанскиот активизам би бил релевантен, а тоа значи ВИДЛИВ: секако, не „пасивно“, така што би станал роб на времето и по налог би делувал  кон  доминантната политика, односно би бил потрчко на оние моќници и узурпатори кои таквите налози ги изготвуваат, туку ќе биде  активен, по можност ЈАСЕН, видлив, бунтовен…, ако видиш неправда, да речеме некакво тривијално „дупе-лулање“ – стануваш, се бунтуваш;  кога има неправда – јавуваш каде има проблем!

Што е тоа, ќе речете, што ме натера да се впуштам во „длабоките“ (пара)теоретизирањa  за граѓанскиот активизам?  Можеби пак, ќе се прашате, да речеме, што е тоа „критички ангажман“? Тоа е дијалог, по можност луциден, смислен, естетски – Отпор против доминантната политика, против монополи, или пак, тежнеење кон монополот на општествено-вредносни обрасци или парадигми.

Во ова „транзициско“ време  во кое една партија ги држи сите полуги на моќта како би можела да тера чисто-партикуларни-интереси, единствено Граѓанското Општество, а би требало и уметничкото (?), може да ги доведе, како што и ги доведува под прашање доминантните топоси на ДПМНЕ-овската идеологија, како оние „централните“, така и овдешните, „локални“ вариетети.

Имено луѓето кои се блиски на ваквиот светонадзор одамна се етикетирани како  „граѓански екстермисти“, „соросоиди“, „јакобинци“, „шпиони“ и на тоа слично; на другата страна – високопарност без покритие – режимски пропагандисти кои се обидуваат да откријат за што всушност станува збор, да дефинира што е тоа што на Македонците им нанесува штета… И гледате, вака режимот  паѓа во параноја, се брани од самиот себе, и тука прилчно е јасно дека на секаква  „конвенционална“ логика и доаѓа крајот…!

Работата е толку перверзна, што пазете, „клетиот“ Б.Ц стои позади граѓаните кои се бунтуваат само како не би им се сечеле дрвата (?), а другата е урнебесно-трагикомична: ваквото пропагандистичко озборување/дрдорење  нема дури ни на периферните биртии и пазарчиња –  Режимските медиуми в џеб,  сосе нивните „анонимни извори“ влегуваат во  „своите црева“ и откриваат чии се активистите и за чии интереси работат, какви се нивните амбиции, опсесии…

Нападите се фолклорни: трули флоскули, општи места и секако – легитимација на употреба од „анонимни извори“ во нивното  режимско и доминантно, сиц! – „нoвинарство“. Дифамација кон конкретни личности и групи, кои прилично ОДГОВОРНО  и ЈАВНО ја вршат својата работа, ќе се сложите –  прилично e нечесно и гротескно!  Уверен сум дека тоа  е нивната нечиста совест,  од една страна, од друга, сакаат да зазвучат страшно: да речеме,  ако му кажете нешто што нема да му се допадне на Никола Наумоски од „Плоштад Слобода“, што конкретно ќе ви се случи? Б.Ц ќе ве погледне попреку, Колја нема да ви плати пијачка, а во подземјето, веднаш под споменикот „Воин на коњ“, со таен клуч, како во „тајната цвеќара“  на Алан Форд & Co.,  состанчи завереничка организација, во состав Жарко Трајаноски и „дојденецот“ Јовановиќ кои  ја држат  целата држава во заложништво – телефонски! –  преку Џ. Сорос?! Толку многу е фарсично што дури ни Илија Чворовиќ од „Балкански шпиун“ нема да ја проголта оваа приказна!

Да бидеме конкретни:  се што е слободоумно, граѓански ориентирано, мора да биде изложено на идеолошки оган, перманентна дифамација, маргинализација.

Не го слушајте вие овој Јовановиќ што  зборува: внимавајте добро на неговото однесување, следете го, каде се оди и со кого се сегледа – кој знае на што се е спремен – опасен е тој крмак!

Leave a Reply

Your email address will not be published.