Езотерија, шашми и црквено баење

Може да се биде претставник на било која верска заедница, може Главниот да се нарекува вака или онака, но Тој некој, наречи го Главниот – Големиот, сепак e јавна личност, а тие негови разјарени, наречи ги “верници“, недај боже – духовници…, е само за нив ќе мора да се симне на земја и да ги смири – во спротивно, црквата, што директно, што индиректно е одговорна за насилието во општината Центар. И за говорот на омраза, секако. И за верските тракатанци кои на симболичен начин го оправдуваат нивниот вандализам надевајќи се дека ќе го избегнат “страшниот суд“ после овозмениот живот, исто така.

Во овај случај со општина Центар имавме “типично“ дивјаштво во една земја која по ништо не е типична, да речеме како Норвешка, ама на парадоксален начин во овие “транзициски“ години склона е самата, а со тоа и нејзините Господари, било да се од политичка било да се од верска проминиенција, да се удрат на еден вид “еклектизам“ и “фолклор“ кој, овдешниот полу-свет го разбира на еден пластичен начин: земи било какви симболи во рацете, урлај егзалтирачки – бидејќи не си свесен за ништо и ништо не те обврзува (?!) – и прогласи го поединецот како херој или предавник во зависност од потребата на Твојот Господар кој те “штелува“ на начин како “не би умрел како црковен глушец“.

Да повториме. Во демократска и секуларна заедница, во заедницата на Европа и заедницата на Западната Цивилизација, ако сакате, после Просветителството и после Граѓанските револуции, верата и државата се стриктно одвоени, и’ било која верска заедница, било да се работи за мнозинска или малцинска, на ова подрачје – не’ може своите интерни-интереси и правила да ги наметнува на Другите, ниту да ги наметнува своите Световни симболи – личности, феномени, некои верувања и легенди кои одамна се случени или неслучени… просто речено – не може да им ги наметнува на другите луѓе! Другите луѓе, на разни начини, било приватно или во јавните простори го имаат сето легитимно право да се бранат, а некаде и да се противстават дури и жестоко!

Лично, не ме интересира нивната реторика, која низ годиниве сум приметил дека нема никаква врска со духовноста – или дајте ми пример за Поп од вашето опкружување кој е Расен Теолог (?) – па оттука сум тотално “рамнодушен“ дури и кон Исус Христос, или што би се рекло – не размислувам за човекот, воопшто, имам други работе. Но кога гледам што се случува со индуцираноста, секој здраворазумски и добронамерен граѓанини, што и тоа да значи – мора да ја осуди оваа очигледна и намерна омраза кон некој човек кој самошто дошол во некоја мала скопска општина и кој се труди некои работи да ги исправи на “прав пат“, и јас во тоа воопшто не се сомневам. Па затоа и велам.

Имено, оваа свињарија и ујдурма што му ја приредија на Жерновски, а и не само нему, ова во Европа не може да пројде не само сега, ами ниту пред петстотини години. А нема да пројде ниту сега, ниту тогаш – затоа што така не се однесува Современиот Запад, а кога велам “запад“ тоа ја уклучува и Македонија, макар и на еден блесав начин, и задирање и поганување на овие работи значи дека на еден фундаментален начин ти ги кршиш сите правила и критериуми за оној пат на кој веќе дваесет и три години слушам дека Македонија и нема друг пат како патот кон Европа? И ова не е воопшто локално прашање, дури не е ниту персонално-политичко прашање – кој се е вклучен во “игранката“ и дали е тука интересот на некојси поединец или на некаков колективитет – ова прашање е врвна Цивилизациска подлога на системот на вредности за кои сите ние (верувам дека не е само реторички) тежнееме!?

Депласирани се сите приказни и бабини деветини дека христијаните од една заедница се на терор од друга заедница изразена низ лудачката метафора “комуњарите сакаат да ја рушат црквата“, и тука, ми се чини, на еден базичен начин греши сиот тој полу-свет што урлаше овие денови пред општината Центар. Не постојат две, три или пет заедници, било верски, било политички или други. Во оваа држава треба да постојат закони, како и закони на било која друга држава, и по тие закони е, или не’ е, нештото – казниво!Сосема е ирелевантно дали сторителот, насилникот или лудакот, во крајна мера, е припадник на оваа или онаа заедница, оваа или онаа партија. Затоа што тоа зборче з-а-е-д-н-и-ц-а не’ постои во законот!

Македонија уставно е секуларна држава и тоа е факт и таквиот факт треба да се респектира и уважува! Ако не го прифаќате фактот дека Македонија е секуларна држава – вие имате проблем! Не јас, вие што урлавте и каменувавте во општината Центар! Немојте тој проблем да ни го наметнувате нам, ние таа тежина немаме потреба да ја преземаме на себе оти, љубиме, дури и намерно што сме граѓани на една уставно-секуларна заедница и мислиме така и да останеме!

Каменувната општина Центар од разулавениот башибозук “наштелувани“ преку нивната партиско-клерикална иницијатива, оди во правец на Криминализација на целото општество, нешто што во уставно-секуларна држава е недозволиво, односно ова е чист криминал!

Има ли ова писание за крај, резиме, или пак некакво “наравучение“? Или можеби она кое ни вели дека “после гласање нема каење“? Не се вознемирувајте, оваа неволја нема ништо да не научи, освен што ќе се појавува и во иднина ваквиот полу-свет за да узурпира, да киднапира и каменува од една страна, од друга – вака ќе биде се до оној момент додека не ја научиме онаа прастара вистина дека “политиката“, во најсуштествена смисла, е составен дел од “културата“. Ако се одвојат, верувајќи дека ќе опстоиш во некој езотеричен и апстрактен простор, тогаш пријателе земи си падобран, приземјувањето ќе ти биде прилично тврдо.

Leave a Reply

Your email address will not be published.