Ем лустрирани ем лиценцирани

Сите веќе знаат кои новинари не смеат да бидат лустрирани, лиценцирани, казнувани, осудувани за ништо додека е оваа власт

Новинарството уште се надева и чека власта да го реши најголемиот проблем на медиумите. Недостигот од слобода. Се разбира дека од тоа нема ништо без борба. Со амин на Владата при сегашните нерамноправни односи на силите може да се добијат само медиумски закони по мерка на големите достигнувања на нашиот журнализам и нашата демократија на светските релевантни ранг-листи. Некаде на светското дно. Има добри шанси да бидеме и првите новинари на дуњава што ќе бидат атестирани и ќе можат да работат слободно со лиценца за подобност. Одлични се и изгледите пак да се отвори ловот на новинари-кодоши и да се отстрани се’ што и’ „брмчи на власта како здодевна мува“ кога таа дреме попладне како бронзен лав на скопскиот плоштад. Мудрата политика на Владата и нејзините медиумски следбеници ќе ни овозможат да бидеме ем просветлени, ем лиценцирани, ем да се движиме по линијата на законите.

Со досегашните закони за време на една иста Влада од 2008 година до денес се искачивме од пристојното и веќе недостижно 34. место 2009 година до 130. скала, високо меѓу полуслободните земји и тврдите диктатури во 2013 година. Како што паѓаа реформите, се редеа неуспесите и растеше сиромаштијата, така растеше нашиот рејтинг на лошо и контролирано новинарство кое грубо манипулира со јавноста, ги сатанизира со јазик на омраза и ги прогласува за државни непријатели критичарите на Владата. Ќе протече многу вода по Вардар додека не ни текне на сите дека нивото на демократија и демократска традиција, политичката, општата и комуникациската култура, го прават многу повеќе слободно целото општество, па и новинарството, отколку законите. Додека не им покажеме заби на властодршците дека Македонија мора да има самостојно и слободно новинарство кое ќе ги забрза процесите на демократизација на државата, не може да се очекува напредок во сите реформи, ниту во судството, ниту во економијата, ниту во кој било сегмент на општеството. Не можам да и’ се изначудам на опозицијата што не предложи закон за медиуми по европски терк ако ништо друго барем да видиме дали таа еволуирала во своите сфаќања.

Предлогот, пак, за лиценци во новинарството од првиот ден го доживувам повеќе како гротеска до каде можат да одат работите отколку како нешто што заслужува посебно внимание. Но, еве се огласија и такви колеги дека ова им се допаѓа. Не било мајтап. Баш би сакал на крајот од работниот век да конкурирам за новинарска лиценца. Што мислите што е посрамно да добиете или да не добиете работна дозвола за новинарска подобност од министерството за вистина.

И, конечно, во расправата за медиумските закони испадна најважно прашањето што правиме со кодошите меѓу новинарите. Треба ли да се отворат досиејата на новинарите што соработувале со полицијата, ги праша главниот уредник на „Дневник“ гостите на министерот Иво Ивановски од Советот на Европа и од ОБСЕ.

Се разбира, и гостите од Европа, како и сите домашни аналитичари и новинари на оваа тема уште од првиот ден пред неколку години кога ја отвори Стојан Андов, несудениот татко на македонската лустрација, кажаа стотици пати и напишаа илјадници текста дека сите што потпишале соработка со тајната полиција било од идеолошки, било од материјални или кариеристички причини треба да бидат лустрирани. А досиејата во рамките на законот да бидат отворени. Најголемиот дел од новинарите уредно самите се пријавија да го поминат тој филтер на прочистување иако законските одредби не беа во согласност со Уставот. Неколкумина новинари веќе се лустрирани, но поради нивната неекспонираност во јавноста и во сегашните политички пресметки, тоа не предизвика посебно внимание и спектакуларност.

За жал, никој не им кажа на гостите од Европа дека од 70 досега лустрирани кодоши, најголемиот дел не се од првите ешалони наредбодавци на некогашните монтирани судски процеси. Може со часови да читате какви гревови направиле овие кодоши и кого зацрниле, ама тешко ќе најдете нешто што очекува јавноста. Не се откриени ниту, пак, некој има намера да ги лустрира кодошите на Ченто, Павел Шатев, Панко Брашнаров и многу други значајни имиња што настрадале на повеќегодишна робија во монтирани судски процеси. Такви лустрации во Македонија не видовме, а по се’ изгледа нема ни да видиме. Очигледно тоа не и’ носи поени на власта, па треба да се скријат некои кодоши удобно сместени во нејзиниот скут, или на нивната идеологија се потпира ВМРО-ДПМНЕ. На јавноста сега, главно, и’ се сервираат кафеански извештаи на тајните агенти за актуелни политички противници на власта и звучни имиња за да се оттргне вниманието на јавноста од горечките проблеми на државата и неуспесите на владините политики. Никој не ги праша гостите од Европа дали може да се одвива лустрација со закон кој има противуставни одредби препишани од претходниот закон и дали Комисијата може селективно да лустрира, запоставувајќи го основниот мотив зошто е формирана, да се лустрираат актуелните функционери кои биле кодоши. Лустрацијата на новинарите со противуставни одредби ќе биде само уште една пресметка на власта со нејзините критичари. Сите веќе во државата знаат кои новинари се адутите на Владата кои не смеат да бидат ни лустрирани, ни казнувани, ни осудувани, ни лиценцирани додека е оваа власт, па макар имале досие по три тома и зад себе класичен криминал својствен само за големи измамници. 

Извор Утрински

Leave a Reply

Your email address will not be published.