ЕЛКАТА ВО 2015

Во 2015 најмногу ќе мириса на нови предвремени избори. Казабланка серијата со „бомбите” ќе продолжи, на што власта ќе одговори со „тешка артилерија”. Но власта нема да ги покрива аферите во целост бидејќи ќе изгледа како да се брани од вистинити прозивки

 

Ова е моја последна колумна во 2014 година. Затоа, би сакал да се осврнам на некои процеси значајни и интересни, кои ќе продолжат и најверојатно ќе ја обојат и 2015 година. Да видиме како ќе ни личи „елката” во 2015.

 

Мислам дека треба да очекуваме засилување и ескалација на социјалното незадоволство. Оваа констатација сама по себе не кажува многу, зашто секоја година прогнозите се дека наредната ќе биде полоша во социјална смисла. Сепак, мислам дека овој пат има посериозни индикации дека незадоволството ќе ескалира. За ова постојат неколку причини. Една е што последните серија протести, што одржани, како овој на студентите, што најавени, како оној на синдикатите, не се директно поврзани со политика, па оттаму добиваат посериозен легитимитет зашто се социјални по природа, автохтони.

 

Потоа, протестите успеваат зашто успешно се одвоија од чистата политичка борба, се заштитија од партиска злоупотреба. Тоа ги прави посилен глас во јавноста. Понатаму, различните социјални групи веќе почнуваат да не чекаат „опозицијата” (што и да значи тоа) да протестира за се’, туку почнуваат да ги бијат сопствените битки, што значи дека ќе има повеќе такви социјално-економски групи. Дополнително, општиот амбиент е податлив, општото незадоволство е зголемено, што повеќе влијае на успехот на протестите одошто самиот повод (да се потсетиме дека Турција гореше за еден парк, а арапската пролет почна од превртен хот-дог штанд). На крајот, власта продолжува да игра „тврдо”, што ќе ја заостри борбата. Значи, треба да очекуваме засилени, иако фрагментирани, социјални протести во 2015, што ќе направи еден општо непријатен амбиент за власта.

 

Потоа, треба да очекуваме дополнително соголување на квалитетот на медиумската сцена, и во смисла на медиумското покривање и како пад на општиот интерес за „локално медиумски” содржини. Како индикација го земам медиумското покривање на студентските протести, кое се сведе на заткулисен спин, т.н. метапокривање. Во основа, огромното мнозинство текстови и прилози за протестите (и провладини и опозициски) се концентрираше на заднината на протестите, кој бил таму, кој кого заокружил, кој и зошто ги поддржал, а отсуствуваше каква било суштинска анализа за самиот проект, дали е тој според некакви меѓународни стандарди, дали студентите се во право, што точно ќе значи проектот. Ова вкупно опаѓање на квалитетот на новинарскиот производ во наредната година дополнително ќе го засили феноменот на „исклучување” од локалните медиуми и од локалните содржини. Нема да има што да се дознае.

 

Исто така, очекувам политичката нетрпеливост и криза предизвикана од општата стагнација да се прелее на позначаен начин внатре во политичките чинители, да предизвика посериозни внатрепартиски искри во 2015, барем кај СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а најмногу во ДУИ. СДСМ во 2015 ќе се соочи со повеќе предизвици. Стратегијата на новото раководство или ќе успее или ќе пропадне, а партијата ќе го „потроши” најсилниот адут во последните неколку години. Откако тој ќе заврши, тие ќе мора да се соочат со самите себеси, со одлуката дали ќе ја смируваат топката или ќе ескалираат, а тоа по природа ќе ги зајакне внатрешните несогласувања.

 

Кај ВМРО-ДПМНЕ ќе има притисок кон индивидуални членови кои ќе се пронајдат во „бомбите”, како и општ замор на материјалот. Партијата ќе биде пред одлука дали да ги „штити” прозваните или да ги „жртвува”. Власта ќе мора да се соочи со социјално незадоволство, со нефункционален политички дијалог и со се’ погласните критики од меѓународната заедница за начинот на кој се практикува власта.

 

Сепак, мислам дека најголемиот политички притисок во 2015 ќе биде насочен кон ДУИ, која и онака се соочува со ескалација на незадоволството од недостатокот на општ напредок по клучните прашања за Албанците, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ, како и општата економска состојба. Дури мислам дека чисто политичките проекти кои ги насетувам (согласност за грбот за да се добие албанскиот јазик како официјален) малку или воопшто нема да ја намалат политичката тензија. ДУИ во овој период на афери ќе мора да избере на чија страна ќе застане, а во услови на толку голема политичка надмоќ на ВМРО-ДПМНЕ, тие ќе мора да се приклонат кон својот сегашен коалициски партнер. Тоа дополнително ќе ги нервира нивните членови, кои овој брак го сметаат за непринципиелен сојуз што е само во политички интерес на партијата, а не и на граѓаните.

 

Истовремено, тие, така папочно врзани, секако ќе бидат предмет на најмалку делумна критика и од меѓународната заедница, каде што досега беа заштитени како „бела мечка”. На крајот, очекувам засилена внатрешна борба за општинските организации, која веќе е евидентна во Тетово, Сарај и во Струга. Ова делумно се должи на самото устројство на партијата, каде што огромен дел од вкупната политичка моќ и кадровски одлуки се концентрирани токму во општинските челници, но истовремено е и знак дека има некакво внатрепартиско репозиционирање во очекување што ќе донесе наредниот период.

 

Во нашата околина не’ очекува „трајножаречка” криза во ЕУ и најавите за брзо закрепнување на европската економија или за засилен интерес за проширувањето нема да се остварат. Ќе тлее и во Русија, каде што санкциите нема да го имаат посакуваниот ефект толку брзо. Во Русија речиси целата јавност и онака очекуваше дека ерата на економски просперитет е при крај и се навикнати на економска криза (неколку веќе издржаа, со Перестројката, па потоа со Елцин), така што кризата за Русите е нормална состојба. Оттаму, нивниот праг на толеранција против наметнатите санкции верувам дека е далеку повисок одошто ЕУ и САД очекуваат. Затоа, таму разрешницата ќе се одолговлечи.

 

Во Грција мислам дека ќе се засили политичката поделба, без оглед на тоа дали ќе се избере претседател или ќе се оди на нови парламентарни избори. Притоа, засилувањето на позицијата на Сириза, иако изгледа како добра вест за нас, не треба да се дочекува со еуфорија. Дури и ако победи Сириза на парламентарните избори (дотогаш може многу работи да се сменат), Алексис Ципрас не може да прекине ниту со политиката за штедење толку лесно, ниту, пак, може да направи радикално поместување од грчката позиција за името. Тој единствено може да ја прифати наметната игра за ова прашање, но тоа ќе бара многу поактивна улога од нас во овој период, за која не сум сигурен дека сме подготвени.

 

Сепак, во 2015 најмногу ќе мириса на нови предвремени избори. Казабланка серијата со „бомбите” ќе продолжи, на што власта ќе одговори со „тешка артилерија”. Но секоја контраофанзива на власта нема да ги покрива аферите во целост бидејќи ќе изгледа како да се бранат од вистинити прозивки. Оттаму, ќе се заострува и политичката борба, со одземање мандати, недостаток на политички дијалог (за кој не е доволно само да се пополни Парламентот, СДСМ како политичка партија е наопходен актер).

 

Единствено нешто што ги прекинува и ги брише овие процеси како со гумичка се нови парламентарни избори и мислам дека притисокот за нивно одржување ќе расте. Реториката на власта ќе биде откако ќе се објават аферите, да се повика „народот да одлучи” и, ако повторно победат, почнуваме со чист лист, од ден нула. Мислам дека најголемата криза и притисок за опозицијата ќе се фокусира токму околу можноста за нови избори, а таа ќе биде под притисок да учествува. А единствена добитна стратегија би била да ги прескокне зашто нема логика ако си докажал со аферите дека изборите се нелегитимни, потоа да учествуваш на исти такви избори.

 

На крај, гледам дека Окружниот суд во Лос Анџелес одлучил отсега да може да се снима порно само со кондоми. Да се надеваме дека во 2015 ние ќе успееме да одлучиме барем ѓубрето да се фрла во канти.

Leave a Reply

Your email address will not be published.