Екстерно тестирање: проблемот е кај професорите а не кај студентите

Сето мое педагошко искуство ми вели дека проблемот не е кај студентите, туку кај професорите. Во крајна линија, професорите, а не студентите, треба да одговараат за квалитетот на образованието, и тоа според логичниот редослед: студентот одговара пред професорот, а професорот пред своите колеги и пред општеството.

 

Но, еве што се случи на Правниот факултет, институцијата во која работев и со која, по сила на законот, ми беше прекинат работниот, и, безмалку, секаков друг, однос. Падот на социјализмот практично ги ослободи професорите од надворешната контрола, со која, макар и формално, еднаш годишно, се вршеше ревизија на работата на Факултетот. На почетокот од деведесеттите, во услови на распад на државниот систем и на државната идеологија, деканите станаа, безмалку, сопственици на Факултетот, но бидејќи и другите професори посакуваа дел, почнаа да се раскажуваат шеги (?) за приватизација и за тоа кому ќе му припадне што и што ако некому му припаднат тоалетите!

 

Се разбира, се наметна потребата наставните програми да се прилагодат на „Европа“, со нови модерни наслови, но, за квалитетот на образованието, и натаму не се зборуваше. Не се зборуваше ниту за последиците кои ќе настанат од преминот од старото кон новото, а најмалку за тоа колку професорите се спремни за новото. Ситуацијата беше неверојатно комотна, па сериозни прашања, и натаму, не се поставуваа.

 

Имено, професорите не одговараа пред никого иако студентите, се уште, одговараа пред нив. Десет години подоцна, со воведувањето на ЕКТС системот, направивме никој да не одговара пред никого. Имено, и студентите не одговараат пред професорите туку пред компјутерите кои ги исфрлаа резултатите на тестовите од ЕКТС канцеларијата. Исчезна неповратно, спокојната атмосфера на десетина седнати студенти во мојот кабинет кои, низ дијалог, полагаа Меѓународни односи или Современи политички системи, и го добиваа индексот со заслужената оценка од мои раце, со знаење кое беше доволно да положат секаков надворешен тест. Наместо тоа, купишта индекси ми се носеа од ЕКТС канцеларијата, а ги потпишував со фантастична брзина.

 

Се разбира, сите веќе знаеjа дека ЕКТС системот, кој самите си го изгласавме, ќе има многу лоши последици по квалитетот на образованието, но тоа не можеше да биде тема, зашто квалитетот на образованието никогаш и не било тема. Отсуството на елементарна демократска атмосфера, која, сепак, извира од главите на луѓето, оневозможуваше да се исправи грешката, зашто иницијативите, согласно нашиот авторитарен менталитет, кај нас секогаш доаѓале одозгора, па макар таму седел најлошиот професор.

 

Всушност, ако сме искрени, ќе признаеме дека, и за нас професорите, слободата е слобода од одговорност. Затоа, во четири децении универзитетска кариера, немало еден состанок со тема: квалитетот на образованието. Главната заедничка грижа, и во двата система, беше – распределба на доходот. Со таа разлика што во социјализмот распределувавме она што ни го даваше државата, а денес, во капитализмот, главно она што го плаќаат студентите.

 

Наспроти моите наивни очекувања дека воведувањето конкуренција, со формирањето на други правни факултети, трката ќе го вивне квалитетот нагоре, се случи спротивното. Лукративниот момент супериорно надвладеа над квалитетот, па образованието целосно се комерцијализира. За приказната да биде пострашна, производ на тоа (не)знаење не се само сегашните студенти, туку и нивните млади професори, инстант доктори и магистри, кои минале низ тој систем.

 

Ситуацијата е посложена отколку што мисли владата, па ако нејзината намера е, удирајќи по слабото образование на студентите, да ги принуди професорите да работат на подобрувањето на квалитетот на студиите, патот е погрешно избран. Вреди сериозно да се замислиме…

Leave a Reply

Your email address will not be published.