Единаесет препораки за демократски парламент
Членовите на ад -хок комисијата за истражување на настаните од 24 декември едногласно го потпишаа финалниот извештај во кој се содржани заклучоците за тоа што се случуваше на критичниот 24 декември. Заедно со него, потпишан е уште еден договор за спроведување на извештајот кој содржи единаесет препораки. Претседателот на комисијата Борче Давитковски изрази задоволство што во име на евроатланската иднина на Македонија, политичките лидери ги надминале теснопартиските интереси.
„И во интерес на граѓаните на Македонија и во интерес на нашите евроатлански аспирации за да влеземе, се надминаа и се направија нужни компромиси, бидејќи знаете во вакви извештаи нужно е тоа, и се дојде до ова финално решение“, рече Давитковски. Но и покрај ставените потписи на извештајот, за владејачката партија тој останува невалиден во делот на правните квалификации.
Во следниот период претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ќе го добие договорот за спроведување на единаесетте препораки од финалниот извештај на комисијата, а Собранието има должност да изврши негова имплементација.
Ќе биде формирана посебна комисија која со консензус ќе ги донесува сите единаесет препораки, меѓу кои се потребата од реформа во процедурите за носење буџет, во одреден број на одредби од собранскиот деловник, препораки за утврдување на фиксни рокови за носењето буџет, за имплементација на законот за собрание во делот на собраниското обезбедување, утврдување на прецизен собраниски календар, на промена во кривичниот законик итн.
Не постои временска рамка во кој треба да бидат спроведени препораките, но од двете партии уверуваат дека тоа ќе биде направено во најбрз можен рок.