Еден месец пред почетокот на исплатата, задолжителниот К-15 оди во историјата?

Преговорите се по барање на Комората на северозападна Македонија и Организацијата на работодавачи.

Рокот за исплата на регрес за годишен одмор, односно К-15 за вработените во приватниот сектор, почнува да тече од 1 идниот месец, а се побројни се барањата за негово укинување.

 

Според Општиот колективен договор за стопанството кој е во сила до крајот на годинава, овој надоместок кој треба да се исплати најдоцна до 31 декември, им следува на сите вработени кои во иста фирма во календарската година непрекинато работеле шест месеци. Но двете организации на работодавачи уште на почетокот на годинава, а вчера и од Комората на Северозападна Македонија се изјаснија дека треба да се укине.

– Сега-засега, во оваа ситуација ние мора да се солидаризираме. Можно е овој регрес и да се прекине зашто во ваква ситуација со празен буџет мора да се размисли паметно. Сите граѓани и ние треба да се солидаризираме и да не бараме нешто, за што ќе треба да се задолжуваме, изјави претседателот на оваа комора, Неби Хоџа.

 

Дел од фирмите во државата, претежно големите добростоечки со години наназад на своите вработени им исплатуваат регрес за годишен одмор, а лани, благодарение на законската обврска, за прв пат го добија и останатите работници во приватните фирми.

Според Колективниот договор минималниот износ на К-15 е 40 проценти од просечната нето-плата исплатена во државата.

 

Лани оваа сума изнесуваше 8.050 денари, а според сегашните пресметки, годинава треба да надмине 8.500 денари. За неисплата на К-15 предвидени се и казни и тоа глоби од 2.000 до 3.000 евра за фирмата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа.

 

Извор: Емагазин

Leave a Reply

Your email address will not be published.