Е да, голем беше Ристо Соколов!

пишува Бранко Трајковски – Сачмо

Со Ристо Соколов – Сокол сме деца од иста генерација. Заедно учевме. Заедно растевме. Заедно одевме на одделението за онкологија во државната болница во Скопје. Пред две години, кога имавме јавен говор во општинската зграда на Кавадарци по повод еко-загадувањето кое со години го консумираме, ги паметам многу добро зборовите на Соколов. Тој велеше вака: “Јас, целиот мој капитал и финансии кои ги спечалив во текот на мојата уметничка кариера, ги потрошив на ова лекување, Бранко”.

Но за жал, човекот не успеа да ја победи болеста. Не успеа да се излечи. Но што промени неговата смрт и каква порака ни остави неговото предвремено заминување? Дали како граѓани знаеме да читаме меѓу редови? Кај нас, овде во Кавадарци знаете каква е ситуацијата, за жал. Имаме премногу честа појава на рак и затоа мораме во континуитет да го поставуваме прашањето до надлежните, да се изјаснат јавно кој е причинителот за таквата состојба? И мора надлежните да ни дадат соодветен одговор, (само да не поштедат од ќумурот и ќумбињата) како и насоки на решавање на проблемот. Да, некој ќе рече Фени е проблемот. Но Фени и не е толку одговорен колку што се одговорни надлежните институции кои го одобруваат тоа. Оваа држава не се нарекува Република Фени. Оваа држава се вика Република Македонија. Држава која си има своја влада и институции кои слабо функционираат, претседател (никаков), закони и устав кои не се почитуваат, градоначалници кои уво не им дреме… Значи имаме се, но граѓаните и понатаму се трујат. Тоа е најголемото зло на Кавадарци: труење, загадување, канцер и нормално смртта е неизбежна.

Е сега, чаршијата вели бил голем Ристо Соколов. Да, но прашањето е зошто го изгубивме Ристо Соколов? Од што почина Ристо Соколов? Од канцер, точно. Зошто многумина од Кавадарци се болни од канцер? Смееме ли тоа прашање јавно да го поставиме и изговориме? Ако на тоа прашање не пронајдеме одговор, тогаш и во иднина ќе ни умираат и заминуваат и други талентирани “соклиња”.

Ќе ја искористам оваа прилика и да се изјаснам накратко и за таканареченото ГДОМ движење кое неодамна беше на посета во општина Кавадарци а претходеше и некаква си петиција на неколкумина кавадарчани кои ставија потпис а и самите не знаат за што. Види вака, таа граѓанска иницијатива се обидува да наметне на граѓаните лажна слика за бранење на Македонија и тоа од ништо.Тоа е лажен патриотизам и така не се бранат граѓаните. Јас не видов некое големо потресување околу загрозување на границите на оваа држава за да се формира такво здружение. Напротив. Со агендите на ГДОМ само се вжештува атмосферата и може да допринесе до контраефекти. Јас на пример еве, од искуството на моите граѓански активности може да им предложам на ГДОМ да се ангажираат околу спречувањето на еко-тероризмот кој владее во Кавадарци. Да спречиме и останатите граѓани од Кавадарци заедно со уметниците и работниците од спортот и културата предвреме заради болести да го напуштат овој свет. Сега е доцна сите да кукулекаме и велиме дека Ристо Соколов бил голем. Да, голем беше, ако не и најголем во Македонија. Но да се запрашаме зошто го изгубивме Сокол?

Сокол беше дел од кавадаречкиот културен живот, кој едвај го имавме. Паметам добро, пред дваесет и кусур години музичкиот бенд “Токму Така” со Бубо Каров снимија песни и спотови кои одекнаа на далеку, беа популарни и слушани од јавноста. Во таа насока, тие културни активности и работи во последните години некако килаво ни одат. Не дека нема млади ентузијасти кои со драга воља би го работеле тоа но финансиските проблеми отсекогаш биле горкиот проблем кој го спречувал развојот на културата. Еве сега, слушам дека и после 30 години групата “Токму Така” повторно снимаат музика и тоа во студиото на Пепи Ангелов. Има ли воопшто некој друг во Кавадарци нешто да снима, да продуцира?

Знаете, за наредните генерации ми е испалашено окото, многу. Што ќе оставиме на нив? Контаминирана тиквешија и канцерогени болести. За оние кои тука ќе останат.

Leave a Reply

Your email address will not be published.