Две жртви во нападите во Копенхаген- убиен и напаѓачот

Полицијата рано утринава го пресретнала осомничениот, му наредиле да застане, меѓутоа тој почнал да пука и офицерите веднаш го застрелале.
Драмата во данската престолнина почна вчера во попладневните часови, кога напаѓачот, според полициски извори, истрелал 200 куршуми кон кафулето во кое се одржувала дебата за слободата на говорот.
Цел на нападот бил шведскиот карикатурист Ларс Вилкс, кој во 2007 година предизвика протести на муслиманите ширум светот поради објавување на карикатури на пророкот Мухамед. Од местото на нападот напаѓачот избегал со автомобил, по што по него била организирана потера, а градот бил преплавен со полиција и оклопни возила.
Неколку часа подоцна, во близина на главната градска синагога, бил убиен еден Евреин, а двајца полицајци биле ранети. Полицијата со помош на снимки од надзорните камери утврдила дека зад двата напади стои едно лице и дека најверојатно немало помагачи.
„Уверени сме дека истиот напаѓач стои зад двата инциденти, а мислиме и дека лицето што го убивме е токму тој напаѓач“, изјави Торбен Молгард Јенсен, полициски инспектор.
Данската премиерка која синоќа го посети кафулето каде се случи првиот напад посочи дека дошла „во име на Данците да каже дека Данска не смее да биде ваква и дека овој напад предизвикува гадење“.
„Данска се најде на удар на еден циничен акт на насилство. Се укажува на тоа дека се работи за политички атентат, што значи дека во прашање е терористички чин“, изјави Хеле Торнинг- Шмит, премиер на Данска.
Нападот веднаш го осудија САД и Европската унија и понудија помош во истрагата. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск за инцидентот рече дека е уште еден брутален напад врз темелните вредности и слободи, меѓу кои и слободата на изразувањето.

Leave a Reply

Your email address will not be published.