Дваесет македонски “интелектуалци” ќе го бранат премиерот од Груевски

Новоформираното Граѓанско движење за одбрана на Македонија, кое го претставуваат дваесетина интелектуалци, денеска на прес-конференција повика да не се дозволи дестабилизација на Македонија, нејзино преименување и исчезнување на државата. Членовите, меѓу кои се и актерите Тони Михајловски и Зоран Љутков и други, професорката Виолета Ачковска и режисерот и писател Братислав Димитров, како и музичарот и радиоводител Сашо Гигов – Гиш велат дека не се задоволни што се прислушувале илјадници граѓани од странските служби, а потоа тие материјали се искористуваат со цел да се внесе раздор и незадоволство во земјава.

Докази дека се прислушкувале илјадници граѓани однадвор не приложија, па се остана само на тврдење. Некои од нив сепак обелоденија дека се чувствуваат должни кон државата, оти таа им дава плата.

– Јас со голема загриженост овие денови го следев сето она кое се случуваше бидејќи сфатив дека се оди кон тоа со внатрешни сили дефинитивно да се затвори македонското прашање. Како да се затвори? Со тоа што ќе не преименуваат, ќе не прекрстат, а нашето преименување, прекрстување, за кое јас се плашам, преку сето ова кое се случува ќе биде чекор кон укинување на државата односно некои туѓи интереси дефинитивно да победат во Македонија, а нашата држава да замине во историјата – истакна историчарката проф. д-р Виолета Ачовска.

Вели дека овој чекор не го прави од политички побуди, туку сака да реагира како човек.

– Ова го зборувам не од никакви политички побуди, од никакви политички некакви предрасуди или аспекти, исклучиво како историчар, како човек кој ги согледува историските процеси кои водат кон дестабилизација на Македонија. Доколку ние веруваме на странски сили, доколку наместо единство по клучните национални прашања на Македонија кое требаше да го покажат сите граѓани на државата без оглед на нивната партиска провиниенција, ние имаме многу тешки болни прашања за опстојување на нашиот народ, на нашата држава, на нашата нација и тие прашања секогаш треба да бидат во прв план, а не борбата за политичка власт и во името на таа борба да жртвуваме многу национални идеали – истакна проф. д-р Ачовска.

Актерот Зоран Љутков побара поддршка од граѓаните и ги повика да му се приклучат на движењето. Рече дека се чувствува должен да и помага на државата, оти таа му дава работа и плата. Рече и дека му била нарушена приватноста, но не објасни како.

– Јас сум вработен во државна институција, работам за државата, државата ме плаќа и треба да се грижам за својата сопствена држава и треба да работам за неа и за нејзините интереси. Кога некој ќе ми ја наруши мојата приватност, кога ќе ми ги поткопа темелите на домот, како што тоа сега го прават сега со Македонија, чуствувам страшна вознемиреност и огромна лутина и гнев спрема тие луѓе. Доколку е вистина дека ова се странски служби коишто ни ги поткопуваат темелите на земјата и ја доведуваат во една незавидна положба која што не сме сигурни како може да резултира на крајот, јас се надевам дека не би имало црни сценарија, мислам дека тоа од старт би требало да се прекине – рече актерот.

Фото: МИА

Извор: ПЛУСИНФО

Leave a Reply

Your email address will not be published.