Државниот долг повисок од оној што е планиран за 2015

Но, не е извесно како ќе се постигне овој процент, односно како толку ќе се намали задолженоста на државата, кога на крајот на мај годинава долгот на централната Влада веќе е на ниво од 34,2 отсто, што значи дека за седум месеци треба да се постигне намалување на долгот од 3,7 процентни поени.

Ако Владата планирала државниот долг годинава да не биде повисок од 30,5 отсто од БДП, тогаш, според претпристапната програма изготвена во јануари 2013, за следните две години било предвидено негово движење нагоре. Па така, за следната 2014 нивото на државниот долг било проектирано да изнесува 32,2 отсто од БДП, додека, пак во 2015 тој треба да дојде до 33,5 проценти. Сега излегува дека и оваа граница е надмината веќе во мај годинава, што значи дека отсега па натаму Владата треба да почне да го намалува државниот долг.

Односно, ако на графиконот што Министерството за финансии го има објавено во рамки на Претпристапната програма е предвидено линијата на долгот да оди нагоре во следните години, почнувајќи од 30,5 отсто од БДП во 2013, па до 33,5 отсто во 2015 година, всушност излегува дека таа уште отсега треба под итно да почне да се движи по надолна линија, што би значело задолжувањето да се намалува.

Она што е интересно од графиконот е дека ако долгот се гледа во апсолутен износ, за оваа година Владата си дала задача тој да не ја надмине многу границата од 2,4 милијарди евра, со што би бил на слично ниво како и во 2012. Но, според податоците за мај годинава, вкупниот државен долг веќе е 2,73 милијарди евра. Во 2014 година, пак, како што може да се види од графиконот, државниот долг во апсолутен износ треба да изнесува 2,8 милијарди евра. Додека, пак, за 2015 се очекува тој да надмине три милијарди евра, односно да дојде до околу 3,1 милијарди, како што може да се заклучи од графиконот.

„Со цел обезбедување извори за финансирање на потребите на државата со најнизок трошок на среден и на долг рок, со истовремено одржливо ниво на ризик, во Фискалната стратегија на Македонија за периодот 2013-2015 се дефинирани следните среднорочни плафони: максималното ниво на државниот долг во наредните три години да не надмине 35 отсто од БДП, максималното ниво на вкупниот јавен долг во наредните три години да не надмине 45 отсто од БДП…“, се вели во Претпристапната програма.

Во следниот среднорочен период, како што стои натаму во документот, се очекуваат поголеми инвестиции во областа на енергетиката, а кои би се реализирале преку задолжување на јавните претпријатија од енергетскиот сектор. „Сепак, во следниот среднорочен период, државниот долг е проектиран на ниво од околу 30-35 отсто од БДП, со цврста определба да не се загрози долгорочната одржливост на нивото на задолженост на земјата, како и плафоните за долгот зададени во Фискалната стратегија“, се вели во документот.

Како ризици на управувањето со јавниот долг ресорот за Финансии споменува неколку, меѓу кои и ризикот од промена на каматните стапки. „Доколку каматните стапки во периодот 2013-2015 пораснат за 1 процентен поен, тоа би предизвикало пораст на каматните трошоци за најмногу 9,3 отсто, што е последица на релативно високото учество на долгот со променливи каматни стапки“, анализира Министерството за финансии.

Инаку, по Меѓународниот монетарен фонд, неодамна и Европската унија изрази загриженост за растечкиот буџетски дефицит во земјава, порачувајќи им на македонските власти да ја зајакнат дисциплината на јавните финансии, да ги следат дефицитите и долгот внимателно во следниот период и да ги трошат државните пари за продуктивни намени. 

Извор Утрински

Leave a Reply

Your email address will not be published.