Јавност: Дрвата за сечење, анализите за игнорирање?

Споредба на состојбата со зелените површини во 2002 и во 2012 година укажува на драстично намалување на зеленилото на сметка на изградени објекти. Во 2012 година во „Мал ринг“ имало 34.994 квадратни метри зелени површини, што е 50 отсто помалку отколку во 2002 година кога имало 75.649 квадратни метри зеленило. Ова е само дел од констатациите во студијата „Ни снемува дрва!“, која ги прикажа состојбите и тенденциите на намалување на градското зеленило во „Мал ринг“. Според анализите, во изминатите шест години често се правени корекции на Деталниот урбанистички план за „Мал ринг“, при што се зголемувал бројот на новопланирани објекти на штета на градското зеленило.

„Споредбата на состојбите од 2002 и 2012 година укажува на генерално намалување на густината на дрвја, особено во источниот дел од ’Мал ринг’. Како последица на оваа промена, рамномерно распределените дрвни насади стануваат концентрирано групирани во неколку одделени области. Споредбата меѓу состојбата од 2002 и проектираната состојба за 2017, покажува дека оваа тенденција ќе продолжи во иста насока, што ќе доведе до постоење на само два центри во кои ќе бидат групирани дрвните насади – паркот ‘Жена-борец‘ и квартот меѓу улиците ‘Орце Николов‘ и ‘Максим Горки‘“, се вели во Студијата.

Исчезнаа крошните

Во периодот од 2002-2012 имало масовно сечење на дрворедни и парковски садници на источниот брег од реката Вардар, на плоштадот „Македонија“, пред Дом на АРМ и покрај објектот на главната пошта. Во истиот период биле засадени дрвја само во реонот меѓу улиците „Орце Николов“ и „Максим Горки“ и по должина на улица „Македонија“.

„Иако во овој период се исечени само 30 дрвја повеќе отколку што се засадени, површината на крошни, која ја одразува реалната зелена маса, во 2012 е за 22 отсто помала од онаа во 2002 година. Ова е последица од практиката на сечење претежно стари дрвја со големи крошни и садење млади садници кои се уште немаат формирано крошни. Не се води сметка за фактот дека на новозасадените млади садници ќе им бидат потребни десетици години за да го достигнат дијаметарот, висината, волуменот и богатата лисна маса на исечените 50-годишни дрвја.

Неопходна „зелена легислатива“

Штетата предизвикана од градењето врз зелените површини е неповратна, бидејќи овие живи отворени јавни простори се ненадоместливи“, велат авторите на студијата. Според нив, главните причини за неконтролираното намалување на зелените површини и дрвниот фонд се непостоењето на институционална организациска структура за планирање и заштита на градското зеленило и неодговорниот однос на институциите кон зеленилото. Проблемот може да се надмине со подигнување на јавната свест за за квалитетот на урбаниот живот.

„Овој општествен процес мора да се состои од повеќе синхронизирани реформи на легислативата и институционалната организација во областа
на планирањето, развојот и одржувањето на градското зеленило. Реформите на ‘зелената легислатива‘ мораат да се операционализираат со соодветни стандарди, протоколи и мерки кои ќе станат задолжителни во процесот на урбанистичко планирање на градот. Ваквото реформирање на системот на урбанистичкото планирање и институционалната заштита и развој на градското зеленило, како и воведувањето јавна и транспарентна општествена стратегија, претставува гаранција за сопирање на тенденциите за исчезнувањето на градското зеленило во центарот на градот“, се вели во студијата „Ни снемува дрвја!“.

Ако продолжи тенденцијата на уништување на зеленилото, до 2017 година површината на крошните би се намалила за уште 8 отсто, или вкупно 30 отсто за 15 години. Намалувањето на површината на крошните директно придонесува за зголемување на загадувањето на воздухот, температурата и бучавата. Со постојните урбанистички планови кои предвидуваат изградба на објекти врз зелени површини, постои тенденција за намалување на зелените површини за вкупно 75 отсто во периодот од 2002 до 2017 година.

Извор Јавност

Leave a Reply

Your email address will not be published.