Друштво на мртвите филозофи

Во строга смисла, реалноста не е ништо друго освен приказна и се’ што за неа може да се каже е приказна. 

Ајде со ред, господине По!

Редовно, во недостаток на “културни” неделници, “Граѓански” весник го купувам и некако ми придојде како баклавица! Отвараш неколку страници и му залетуваш на г. Саркањац – човек филозоф; човек – политичар; човек кој ги ископува своите сенитименти – ама и коски – во време кога би требало да се биде против носталгии; и се гледа јасно во интервјуто: овие луѓе немаат други изгледи освен да завршат во онаа библиска Македонија, имено – да мртвите ги закопаат своите мртви.

Каква храброст на Саркањац! Каков оштар ум, каков мудосер, боже прости ми!

Македонија, 2012 година – каква е таа храброст, од денешна перспектива да извикаш “Уа Тито!”, “Уа комунисти!”, “Уа комуњари!” Каде беа филозофите како Саркањац кога се грмело?! Каде беа ваквите и слични, од денешна перспектива, локал-патриоти –филозофи, кога во осумдесетите години еден наш Македонски поет беше затворан, иследуван и прогонуван од тајните служби? Каде беа сличните филозофи-мудосери да се борат против “култ на личноста”?

Кога веќе ги третира наголемо провокациите на “колонизаторските” и “империјалните” дискурси на “проклетата” Европа и разиграните идеосинкрази на Хабермас – Европа е таква, наднационална држава, најсовршената државна творба во историјата на човештвото – без локален кмет, Саркањац “велики” сака да ни предочи неколку суптилни пораки: “десницата” ќе создаде строг и тврд режим за целиот век и свет. Така работеа, така и ќе продолжат да работат јуришниците на груевизмот, филозофи ошишани на “трета”. Всушност, како сите да работат како би создале перцепција, во очите на светската јавност – Македонија е една гнасна држава! Промовирајќи лудачки идеи, тие како да сакаат да создадат огромна негативна расположена критичка маса, како би успеале самите да отидат по ѓаволите, како едно патолошко ве-це на минатото.

Споредбата со еден филм би можела да помогне да се разбере за што се работи. Максимилијан Шел го режираше филмот – “Пешак”, во 1974. – во повоениот лов на преживеани и притаени нацисти. Група на (про)израелски агенти открива дека некојси имотен индустријалец, всушност во времето на втората светска војна бил еден од протагоностите на холокаустот. Имено, што повеќе мрежата околу него се стега, ни се покажува како тој препотентен тип во тајност, во својата скривница, “ужива” во еврејските реликвии, што само го зголемува набљудувачкото гадење во филмот. Осомничениот го киднапираат – во стилот на познатата ајхмановска акција – и го носат пред судот во туѓа земја, па постепено кичмата му се крши под теретот на доказите, неговата приказна за стравувањето и расистичкото дивеење предизвикува полн погодок на публиката. Но, кога еден сведок ќе се посомнева во неговиот идентитет, се создава една нова реалност: далеку од тоа да осомничениот е нацистички крвник, туку е тој, напротив – Евреин! Се испоставува дека тој со години работел на својата маска, нудејќи отворени “траги” како би бил фатен и уапсен, затоа што сметал дека тоа е единствениот начин, во глувиот свет (свет кој веќе почнал да заборава на холокаустот!), може до исцрпувачка неиздржливост да се побуни против расизмот. Како лажен кривец – и самиот Евреин – тој под крив идентитет се нудел да биде убиен (секако, после јавниот процес), како светот би можел да ја види и осуди нацистичката епоха!

Имено, ако нашиот самопрокламиран идеолог, на некакви смешни и шака јада “десничари”, не сакаме да го врзуваме за некаква филмска фабула, или метафора, не ли е возможно да во своите ужасни изјави (не мислам само на смешните реторики во интервјуто – тоа и го простувам на оваа питорескна фигура во потрага по рефлектори и изјави!), всушност работи против нашава “мајчица-земјичка?” Не се осудувам да речам дека тоа е свесна агентурна провокација, ама во крајна линија се му доаѓа на исто: државата и општеството (мислам на луѓето кои ги мрдаат општествените процеси), кои би можеле да бидат полигон за урликање на смрдливата расистичка “идеологија” (а и не е случајно што некои од тие “десничари” со мало “к” им се може да се сликаат до Адолф, а презимето му го знаете), по ништо не го заслужиле своето место во Европа! Со урликањето “Долу Граѓански сектор” и “Уа комуњари!”, се е јасно: тоа е вкалкулирана математичка равенка, одвратна пропагандна порака и би било надвор од секоја памет, да поединците не би биле онакви, какви се предвидени и за тоа со право – критикувани. ДРУШТВО НА МРТВИТЕ ФИЛОЗОФИ – во какво сите се повеќе се претвораме, ги селиме коските како некакви реликвии – па ваквите идеолози би можеле да им излезат во прегратка!

Мртвите идеолози-филозофи, политичари-советници, ја притискаат Македонија надолу како малку да ни вреди синтагмата “нека им е лесна земјата”. Оние, и сличните, кои ги ископуваат нивните сеќавања – ама и коски – во денешно време, време кое би требало да биде против сите сентименти и носталгии, немаат друга прогноза освен дека ќе завршаат низ оние приказни од Антиката, или пак, приказните за библиска Македонија, имено – да мртвите ги закопаат своите мртви!

Leave a Reply

Your email address will not be published.