Досието К

Конфискацијата на извесен начин е алката која недостасува во нашата транзициска еволуција, и на внатрешен и на надворешен план

Чудна и необјаснива појава го има обземено нашиот политички речник. Длабоко мистериозна енигма, потаинствена од сите тајни, како злокобен вирус е вдомена во листата термини кои почнуваат на буквата К. Со години, катадневно слушаме за клевета и клептократија, крв и кредити, комунисти и комити, капитал и криминал, корупција и … одеднадеж штама! Небаре некоја црна рака ни ги покрива очите и затнува растреперените усни, за да не спречи да ги изустиме страшниот, ужасниот збор кој, нели, природно следува како противтежа на корупцијата– конфискација на бесправно стекнатиот имот!

Одвреме навреме тој страшен збор ќе го прочитаме низ полициските билтени, поврзан со шверц на дрога, алкохол, цигари, или пак некој сирот гастарбајтер кој предоцна разбрал за финансиските директиви за пренос на пари низ граници. Ќе се потсетиме на заплените на имотите на Бајруш Сејдиу и Велија Рамковски. Но, почешајте се по темето и обидете се да го поврзете тој страшен збор со името на било кој политичар во последните дваесет години и ќе наидете на висок, дебел зид на молк и збунетост. Не треба премногу мудрост за да се разбере причината за таквото споделено учество во непрекинато злосторство без казна. Партиите се менуваат, но тајните врски на профитерското братство се пожилави од законските стеги.

Ни меѓународните партнери не се премногу вљубени во користење на страшниот збор. Последната личност, дипломат, која се дрзна да го спомне е Американската Амбасадорка Џекобсон во Приштина која пред неколку недели нафрли нешто во стилот дека „корумпираните очигледно не се плашат од затвор, па затоа би било добро да се размислува за конфискација на нелегално стекнатиот имот“. Но дека дипломатските закани сепак биле предобри за да бидат вистинити, се потруди Претседателката Јахјага. Која минатата недела, и покрај гласните и драматични негодувања и протести на цивилното општество, го потпиша злогласниот Закон за Амнестија со која де-факто се легитимираат финансиските злодела на тамошната владеачка каста. Испаѓа дека заканите на Џекобсон биле превентивна закана усмерена кон ситните риби кои ги растревожиле дебелите владини сомови во нејзиниот аквариум.

Нејзиниот колега Амбасадорот Волерс не пропушта прилика да впери прст во проблемот со корупцијата и доброто владеење. Толку повеќе што неговата администрација, поточно државниот секретаријат за финансии, сеуште ги држи на црна листа за Рамковниот договор „опасните“ Невзат Халили и Мендух Тачи. Но тоа сепак не не’ спречува да укажеме на дволичноста на тој однос: кој навистина го покопа Охридскиот договор – празните закани на еден ирелевантен (притоа некорумпиран) политичар како Халили? Или пак долгите и ненаситни прсти на послушните марионети од Мала Речица? Кој имаше поголем финансиски бенефит од тој договор – стигматизираните црнолисташи или пак „конструктивните“ интегристи надлежни во владата за имплементација на неславно пцовисаниот рамковен? Одговорот на тоа прашање ионака веќе го знаеме и не може да го покрие ниту г. Волерс, ниту беззабите програми на УСАИД за „борба“ против корупција, која веќе добива контури на политичка мастурбација без финиш-конфискација.

Верувам дека досега албанските читатели веќе протестираат, а македонските ликуваат што наведените примери се само од албанската страна на улицата. Но, доколку ќе идеме „ни по брату ни по стричевима“, вистинскиот проблем со ендемската корупција е токму најистакнат во македонскиот политички кампус. И тоа традиционално, од самиот зародиш на независноста – од приватизацијата, ТАТ, продажбата на виталните ресурси на државата итн. Па се’ до тековните барокни димни завеси и „продај земја – купи стан“ формули на се поразобезличените фини момци и девојки од ВМРО-ДПМНЕ, достојни наследници на моделот на патриотската пљачка измислен и инаугуриран во времето на СДСМ. Во таа шема, улогата на албанските политичари е сепак сведена на констатацијата од списите на Телеком – „малцински партнер“ во злосторството. Оние кои ги контролираат клучните финансиско-економските ресурси на земјата ја сносат и клучната одговорност (и сомнеж) за капиталната злоупотреба на парите. А во оваа земја, како што самите сакаат да се пофалат, тие контролори се претежно (читај: апсолутно!) од етнички македонскиот дел на коалициите.

Прашањето на конфискацијата на во злостор стекнатите богатства не е прашање на емотивни просудувања и непринципилени пресметки помеѓу сегашни и/или поранешни партнери во злоделото. Ниту пак смее да се сведе на персонализирани одмазди на „јадење живи луѓе“ или ситење со апсења на политички опоненти или евтини жртвени јагниња од сопствените редови, како што се случува деновиве. Конфискацијата е сепак нешто повеќе од тоа. На извесен начин, таа е алката која недостасува во нашата транзициска еволуција. Како на внатрешен, така и на надворешен план.

На внатрешен план, коректната и принципиелна имплементација на конфискацијата на нелегално стекнатиот имот ќе послужи како ефективна алатка за демотивација на коруптивно мотивираните лица од вклучување во политиката. Таквата демотивација ќе влијае и на елиминирање на патриотско-националистичката демагогија како камуфлажа за професионалната или образовна нестручност и трамполина за влез во круговите на политичко и финансијско одлучување. Се разбира, да се каже е лесно, но да се изведе е нешто сосема поинаку. Посебно доколку се земат во предвид погодностите на корупцијата како инструмент за контрола и манипулација, како од домашните така и од странските фактори. Но сепак, од некаде мора да се започне.

Тој почеток ќе ја одреди и нашата наворешна политика и иднината на приклучување кон Европа. При што примерот на судењето на Иво Санадер проследено со конфискација на пленот е најсоодветната илустрација за залогот кои озбилните земји и држави се спремни да го платат за членство во клубот на фискална одговорност. Неспремноста за превземање на такви решителни чекори, ја митизира дневната политката, но безусловно ја девалвира иднината на државата. Притоа, решителноста во спроведување на таквите длабоки резови не се докажува низ удари врз ислужените, туку преку превземање санкции кон тековните активни политичари од највисоките ешалони на сегашната власт. А таа претстава, ќе се согласите, нема наскоро да се дава во нашиот политички театар и партизирано судство.

Затоа треба со голема предострожност да ги прифаќаме замижувањата од Брисел и Вашингтон пред домашните корупциски неподобштини. Кои не се никаков знак на „разбирање и трпеливост“ на меѓународните партнери, туку аларм за тивката промена на курсот и ставање на земјата во категоријата на „безнадежни случаи“ на финансиска неотчетност и безбедносно-политичка токсичност. Шпекулативните иницијативи за формирање нови балкански мулти-државни конструкции се токму во функција на гетоизирањето на терминално криминализираните западно-балкански „суверенистани“. Во најдобар случај, таквата ЕУ-ропска иднина на овие земји би била сведена на здружено мултилатерално членство со еден ротирачки глас, кој нема битно да ја поремети воспоставената рамнотежа и динамика на одлучување на староседелските земји членки.

Од нас зависи дали имаме храброст да ги симнеме розевите очила и ја погледнеме реалноста каква што е. Членствата во ЕУ засновани врз парцијални политички интереси или гео-стратегиски мотиви се работа на минатото. Колку и да звучат убаво, нема никакво фајде од широкоградите, но провидно евтините галантни ветувања од француската амбасадорка, кои ионака треба да ги платат резигнираните германски даночни обрзници, по примерот на Париз омилените Грција, Романија и Бугарија. Уште помалку ни помагаат куражењата (и задоцнетата памет) од Кристофер Ивон или убедувања од Волерс дека „ни е најдобар пријател“. Во оваа наша состојба на клиничка смрт не ни се потребни ниту изливи на љубов, ниту солзи на сочувство, туку освестувачки студени и оштри шамари на господинот Шојбле кои ќе не вратат во живот и реалниот свет на економијата и отчетот за погрешните политики и лични профитерства. Колку и да се болни сега, таквите шамари се секако поподносливи од агонијата на ставање сол врз отворените рани кои ќе уследат подоцна.
Впрочем, прашајте ги Грците.
 

Leave a Reply

Your email address will not be published.