Don’t take it personal

Празна индустриска хала, неколку статисти, главниот пеач со беретка на Че Гевара на главата, сите во поза која ја симнале од некој комунистички плакат, со погледи кои изразуваат непоколеблива верба во иднината. Тука е хармоникашот со хармониката и три знамиња – сина, бела, црвена – кои го симболизираат југословенскиот развод, ниту трага од црвената звезда, секако. Се во тој видео клип делува аматерски, а стиховите толку се движат низ општите места што во слушателот предизвикуваат мачнина:

“На магаре паднав од коњ, јавам како последен идиот; не им верувам веќе на приказните, дневно работат две – три работи, а на сметките им нема крај, како ли им е на бабите; Дедовците војувале, многумина дале животи, дали за тоа се боревме, ги шутнаа Швабите и кралот, знаеле дека тој не чини, сите душмани ги уништија; Само да помине демократијата, во п* м* нека оди братството, само да помине демократијата, и пак да заживееме како луѓе; Братот се дави во пари, игра голф, вози јагуари, на кичма ни седат скотови, нив ги има само една шака, а нас еден куп простаци, да им покажеме дека се гадови.”

Слушајќи го јакиот и јасен глас на пеачот постариот слушател не може да поверува дека некој може да биде така млад и при тоа да се служи со така застарен јазик на социјална критика (која припаѓа на студентските демонстрации од седумдесетите, но и на селските буни против големопоседниците и суровите собирачи на данок), со јазик на политичка критика со вокабулар кој припаѓа (сега веќе на прадедовското!) партизанско движење (душмани, Шваби, братство, итн). но сепак, овој поп – протест се однесува на современото транзициско време кое сеуште трае (иако од југословенскиот развод поминаа добри дваесетина години!). Последниот стих,” да им покажеме дека се готови”, според некој јазичен автоматизам се чита како: да им покажеме дека сме готови. Единствениот визуелно и семантички значае јак детал во спотот е самиот крај, сликата на Дедо Мраз на надувување, кој лежи издишан и згазен на подот на празната хала. Камерата долго се задржува на Дедо Мраз, кој полека се надува и го добива својот облик. Видео клипот го разбудува вниманието меѓу пост – Југословените; баналната прецизност во артикулацијата на проблемите и изразувањето на неможноста од протести низ повикување на протест – се негова сила.

И ете, стигнавме до крајот, до самото дно на демократијата. Што повеќе протести, со тоа протестите се помалку ефикасни, чим има повеќе канали за испраќање пораки, со тоа пораките се помалку се слушаат. Сите живееме во Хајд Парк, секој од нас има право на свој Speaker’s Corner (Катче за говор). Политичкиот јазик ја изгуби силата на убедување, стана говор испразнет од значењето: луѓето се групираат според инстинктот на стадото, вдесно или влево, верувајќи дека благодарение на левите или десните ќе успее да ја сочува работата, или да најде работа или пак да дојде до осигурување за пензија. Јазикот на политичките протести ја изгуби својата сила на уверување, протестантите доаѓаат и си одат. Пароли, голотија, цвеќе во коса,енски гради, живиот Исус на крст, самоспалување, хонгконгшките чадори – сето тоа за час блеснува во весниците и екраните и брзо потонува во мрак.

Можеби веќе пред двесет години требало да послушаме што зборуваат “кумиците”. Хрватските нови власти на почетокот на деведесетите променија многу работи, меѓу останатото накратко го вознемирија вообичаениот живот во Dolca, главниот пазар во Загреб, поставувајќи таму вооружени, специјално униформирани чувари на редот. На “кумиците” – жените од околните загребски села, кои на Dolca носат домашно сирење и павлака, пченкарен леб и свежи јајца – не им се допаднала присутноста на униформите на пазарот. Кога би се појавил дечко во униформа, жените би ссигнализирале една на друга: “Бегајте девојки, ене доаѓа демократијата!”

Од репликата “бегајте девојки, ене доаѓа демократијата”до стихот “Само да помине демократијата и повторно да живееме како луѓе” поминаа повеќе од дваесет години. Од падот на Берлинскиот зид поминаа дваесет и пет години. Ќе стигне ли негој во славеничката еуфорија да се запраша што се случувало овие дваесет и пет години? Како тоа да денес младите посакуваат исчезнување на “демократијата” за да повторно “заживеат како луѓе” ?!

Каде е демократијата? Зошто една старица во Сараево секоја година на денот на Титовата смрт пали свеќа за Тито? Старицата, имено, и денес е уверена дека Тито е заслужен за еманципација на жените во Југославија бидејќи на Муслиманките им ги симнал хиџабите. Денес правнуката на старицата носи хиџаб и и замерува на својата прабаба за нејзиното “еманципирано минато”.

Институцијата црква, која жените денес повторно ги врати под својата закрила, испешно работи на покорување на луѓето, и во таа смисла е најблизок сојузник на пост – југословенската “демократура”, новите држави кои симулираат демократија. Црквата е поефикасна институција од државата: во хрватските училишта има повеќе часови веронаука отколку информатика; во хрватските болници има повеќе крстови по зидовите отколку инекции, завои и гази; во хрватските болници недостасуваат медицински сестри, но затоа отворени се постојани работни места за свештеници да се најдат при рака на оние кои умираат; благодарение на црковната про – лајф пропаганда веќе петта болница во Хрватска одбива да изврши абортус. Црквата е најтоталитарната и најефикасната институција на системот: зема се, а за возврат продава топла вода за утеха. 

Кои се тие доемократски слободи кои се оставени на граѓаните на Скопје на пример? Градот скоро преку ноќ стана најгротескната европска престолнина, пример за тоа како се можат да полудат ржавните татковци и архитекти кога ќе им се посака малку да го “архаизираат” градот. Скопје денес е европскиот Дизниленд, град во кој има повеќе јавни скулптури на славните Македонци отколку сами Македонци; повеќе државни палати изградени од пластика и гипс отколку станови; и повеќе бесмислени тони бетон, бронза и цемент отколку било каде во светот. Очајната скопска интелегенција ги искористи сите демократски облици на протест, и ништо не помогнало: целиот град го запоседнала со своите аматерски бронзени скулптури научена скулпторка, нечија жена, сестра или љубовница. 

Кои тоа демократски можности им се оставени на луѓето во пензија? Пензионерите од своите пензии не можат да живеат, а ако можат, тогаш ги издржуваат своите невработени деца. Кои тоа демократски можности им се оставени на Хрватите, Србите, Босанците, Македонците и другите, кои се нашле без работа на доба од педесет години или пак на иние младите сили кои секоја година излегуваат од училиштата и факултетите за да започнат свој живот? Кои тоа демократски можности им се оставени на она големо мнозинство луѓе кои немаат пари да платат адвокат, стоматолог, лекар, да ги школуваат ецата, или воопшто да им овозможат кров над главата? Демократијата денес е термин кој покрива многу работи: пракса на беспоштедна капиталистичка експлоатација, неслободни медиуми, медиумска манипулација, цензура на корпоративниот капитализам, производство на лаги, модерно ропство … Притоа некои, како сплитската група која се вика “Урбана десница”, го користи своето демократско право и протестира со плакати на кои пишува Смрт за комунизмот! Каде е тој комунизам кој треба да се усмрти? Каде се скрил? Во халите на првата новоотворена хрватска Икеа?

Нема многу животински видови на земјината топка кои го јадат својот сопствен вид. Стаорците во таа смисла се мајстори: ако им се укине храната, нема да се откажат од тоа, ќе почнат да го јадат својот најблизок. Ниту луѓето нема да се откажат од своите. Затоа, ако во последно време ви се случува непознати луѓе да ве потиснат при поминување, или да ви кажат нешто неубаво; во поминување дрско да ви го искинат ланчето од вратот; вашите до неодамна пријателии познаници да не одговараат на вашите мејлови; повеќе да не можете да се потпрете на ничиј збор: на зборот на столарот кој ветил дека ќе дојде да го поправи прозорот, на зборот на плинарот и вооинсталатерот, на зборот на фризерот и педикерот, на ничиј збор; значи ако ви се случи дури и десетгодишното момче на соседот да ве плукне во лице додека заедно се возите во лифт – не плашете се, не замислувајте работите, да, сето тоа ви се случува навистина, не сте параноични, десетгодишно момче навистина ви плукна во лице. Најбитно е тоа да не го земете при срце. Don’t take it personal. Бидејќи сето тоа не ви се случува само вам, им се случува на сите околу вас, само на луѓето им е тешко за тоа да зборуваат, општото понижување е преголемо, зошто тогаш да се признае малото понижување, иако, навистина, тоа најмногу боли. Не, не е сеуште страшно, телефоните сеуште работат, вашите најдобри пријатели сеуште се појавуваат во вашата електронска пошта, иако, навистина, се поретко … Се појавуваат, на вап поттик, ќе измените неколку компулзивни мејлови, а потоа пак, и вие и другата страна, ќе потонете во повечемесечен молк, а потоа повторно ќе зазвони слабото звонче, за да следниот пат засекогаш замолчи … Don’t take it personal, ние сме во војна, почнавме да се истребуваме едни со други, укината ни е храната и достоинството, станавме беспотребни. Не, луѓето не покажуваат непријателство према вас, туку према сите, а вие, ете, случајно сте им налетале, и чим се посурови, понепријателски, толку се поууплашени. Ако ви се чини дека тонете, don’t take it personal, луѓето кои ве спречуваат да се фатите за крајот на сплавот и самите се на сплавот само привремено. Не грижете се, велам, бидејќи наскоро и тие ќе се најдат во ладната темна вода, некој наскоро и нив ќе ги потисне, доколку другите не одлучат да ги задржат на сплавот како залиха за храна …

Значи, памет во глава, се изнагледавме Луди Максови, знаете што треба да правите. Војната почна, опремете ги своите подруми, направете залихи од бензин, никогаш не се знае, залихи од кибрити и свеќи, залихи од конзерви со храна – со сето тоа ќе тргувате и така паметно ќе го продужите својот живот. Војната, велам, започна, класа против класа, сите против секого, поединецот против поединецот, сигналите за сега се тешко читливи, но војната е тука. Зарем првиот сосед утрово не ве поттурна без причина при поминување? Лудак, сте помислиле, одлучувајќи дека нема да влегувате во конфликти. Наскоро ќе морате, бидејќи нема да има друго, забарикадирајте се, довлечете вреќи со песок, ние сме веќе во војна, само тоа не го приметивме, можеби и затоа бидејќи чекавме јасни знаци на апокалипсата, а целиот трик е во тоа дека нема да има апокалипса, постои само пост – апокалипса, апокалипсата е како шеќерна болест, и не знаете дека ја имате … Спремете се, значи, бидејќи наскоро ќе морате да се конфронтирате лице во лице со оние кои и до сега беа меѓу вас: со неписмените, бруталните, вооружени до заби, бесните, подивените, гладните, да, со канибалите, со луѓето кои владеат само со една вештина – вештината на преживување. А ако преживеете, ако преживееме, можеби еден ден пак ќе заживееме како луѓе.

 

 

 Извор: pescanik.net

Превод: Попова

Leave a Reply

Your email address will not be published.