Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци продолжува со културните активности

Со крајот на летото и почетокот на есента, Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци продолжува со културните активности, така што веќе во сабота, на 19 септември 2015 во Кавадарци ќе биде гостин еден од најдобрите Фолклорни ансамбли од Србија “Типопластика“ од Горњи Милановац. На нивниот самостоен концерт во салата на кавадаречкиот Дом на култура, гостин ќе му биде Фолклорниот ансамбл “Тиквеш“ кој своите активности ги реализира при Домот на културата во Кавадарци.

Исто во сабота (19 септември), но на друга локација и град, во организација на Домот на културата од Кавадарци и Центарот за култура од Гостивар, кавадаречки поети, музичари и ликовни уметници, ќе се претстават во Гостивар, заедно со уметници од градот домаќин, а во рамките на манифестацијата “Урбани сценски мостови“ која за првпат се одвива во Гостивар (вторпат возвратно во Кавадарци).

Овие настани се вовед во манифестацијата “Кавадаречка културна есен 2015“ која од некаде 15 октомври до крајот на ноември месец годинава, ќе понуди над 50 настани од сите области на уметноста (ликовна, музичка, литературна, драмска и сл.).

Можеби најбитно е да се каже дека Театарот при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ ја подготвува својата најнова премиера, претставата “Женидба“ по текст на Гогољ, а во режија на Драган Вељановски (како гостин). Улогите ги толкуваат: Диме Коцевски, Александар Малинков, Милица Гочевска, Љупчо Настов, Коле Колев, Костадин Прокопов, Владанка Недева, Снежана Карова, Видан Станоев, Валентина Ѓорѓиева, Љупче Шошев и Кирил Андоновски (како гостин). Изборот на музика е на Марјан Тодоровски, а дизајнот на плакатот е на ликовниот уметник Билјана Соколова. Премиерата се очекува кон крајот на месец октомври.

Leave a Reply

Your email address will not be published.