Долгот кон странство неверојатни 5,5 милијарди евра

Последните податоци објавени на веб-страницата на Народна банка на Македонија покажуваат дека бруто-надворешниот долг на крајот на март годинава достигнал ниво од 5,496 милијарди евра, што претставува зголемување од 333 милиони евра, споредено со крајот на минатата година. При тоа јавниот долг на истекот од првиот квартал „тежел“ 2,462 милијарди евра, а неговото учество во бруто-домашниот производ било 31,12 отсто. Тој од почетокот на годинава се зголемил за 300 милиони евра. Додека, пак, долгот на приватниот сектор на крајот на март бил на ниво од 3,034 милијарди евра, или 38,35 отсто од БДП, при што се зголемил за 33 милиони евра. Загрижувачки е фактот ако се споредат март годинава со истиот месец од лани, излегува дека бруто-надворешниот долг се зголемил за 543 милиони евра. Ова покажува дека изминатиов период од една година има континуиран тренд на пораст на надворешниот долг. И тоа долгот на државата се зголемил за 335 милиони евра, а приватниот за 243 милиони евра. Или вкупниот надворешен долг за една година направил скок од над половина милијарда евра, или поконкретно 570 милиони евра.

Домашните експерти се’ погласно коментираат дека зголемената задолженост веќе станува загрижувачка, но не толку поради бројките и процентите, туку поради фактот што позајмените средства се трошат за непродуктивни цели, или како што тие ги нарекуваат „бели слонови“ кои во иднина нема да обезбедат доволно приходи за да може да се враќаат долговите. „Тоа е тоа. Тоа се трендови кои не треба да не’ изненадуваат, но треба да бидат сигнал кој ќе не’ опамети, а тоа значи да се намалат белите слонови (непродуктивните трошења). Треба под итно Владата да направи стратегија и тоа среднорочна за трошењата и задолжувањата и да се види дали и понатаму ќе се форсираат задолжувањата и трошењата или ќе се штеди. Треба еднаш да се сфати дека нема бесплатна вечера. Се’ што ќе потрошите денес, еден ден ќе мора да се врати. Таков начин на функционирање можат да си дозволат одредени држави, но никако Македонија“, вели професорот Мирољуб Шукаров. Според него, денешните задолжувања значат земање од некој друг, и трупање на долгови кои ќе треба да ги плаќаат идните генерации.

„Треба да се стави се’ на кантар. Што се финансира со овие задолжувања. А стратегијата треба да ги насочи кон трошењето на позајмените средства. Треба да се финансираат оние сектори кои ќе донесат бенефит, односно ќе имаат позитивно влијание врз економијата. А тоа се знае кои се инфраструктурата, здравството, високото образование, не средното и не да се оди на квантитет, туку на квалитет“, вели Шукаров.

И Меѓународниот монетарен фонд во последниот извештај објавен минатата недела побара обновување на буџетската транспарентност, воспоставување кредибилна среднорочна фискална стратегија, која ќе биде соодветен одраз на приоритетите, а тоа се поголем економски раст со инфраструктурни проекти и одржливо ниво на долг. ММФ смета дека антикризната фискална политика на зголемено јавно трошење ја завршила работата и сега треба да следи период на консолидација и намалување на задолжувањата. Тие го повикаа Министерството за финансии по примерот на други земји да донесе среднорочна стратегијата која треба да направи рамнотежа меѓу зголемување на растот и обезбедување на фискална стабилност, јавниот долг и дефицитот во иднина. Монетарците сметаат дека Македонија има кондиција да го отплаќа долгот кон ММФ, но предупредуваат на ризиците во однос на задолжувањето, кое го оценуваат како значително во последните години. Главната препорака е дека Владата мора да обезбеди одржливост на јавниот долг.

Од Владата, потенцираат дека Македонија е нискозадолжена држава и дека обезбедувањето средства за исплата на обврските кон кредиторите нема да биде проблем во иднина. Задолжувањата кон странство во првиот квартал од годинава го објаснуваат со позајмените средства од Дојче банк и Светска банка од над 300 милиони евра.

 

Владата заклучно со мај должи 2,73 милијарди евра 

Деновиве и Министерството за финансии на својата веб-страница го објави долгот на централната Влада, кој заклучно со мај се искачи на две милијарди и 731 милиони евра, или на 34,2 отсто од БДП, што во однос на претходниот месец претставува пораст од 15 милиони евра. Пораст и овој пат

има кај внатрешното задолжување, додека надворешното е во благ пад. Изразено во бројки, долгот кон странство изнесува 1,663 милијарди евра, а внатрешниот долг е искачен на 1,067 милијарди евра.

 

Ново задолжување на домашниот пазар 

За денеска Министерството за финансии има закажано неколку аукции на државни записи преку кои ќе се обиде да позајми 10,7 милиони евра. Објавени се проспекти за подолгорочни задолжувања, на една, две и пет години. Владата утре ќе позајми 10,7 милиони евра, а веќе следниот ден истата сума треба да ја врати по основ на доспеани обврски. 

Извор utrinski.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.