Дојадете, догризете

Дојадете, догризете, крв и пот и меса голи … Се сеќавате на овие стихови, драги мои? На нив се потсетив деновиве гледајќи го запенетиот БАБУН на власта како р’жејки и вртејки со црвениот газ – ги ништи, дојадува, догризува, глода од телото на паднатата опозиција, последните парчиња месо-оние неколку победи по општините кои се постигнати во преки кражбата и насилието на властите врз сопственото граѓанство. Планот е костурот на доглоданиот Мамут на опозицијата да биде изложен потоа во праисторискиот дел на Музејот на Дпмне-то!

Опозицијата во меѓувреме треба да СТИВНЕ! Да се повлече како куче кое е удрено и да постави нови рамки на своја активност и програма. Имено, опозицијата треба да му се врати на ОТПОРОТ на начин на кој ќе го третира како основен, а не инструментален политички чин. Знам дека се ќе биде потешко и прекриено со доза на иронија, но нема друга стратегија. Опозицијата треба да се врати кон ВИСТИНАТА за состојбата на демократијата, но треба суштествено да ја радикализира својата политичка програма. Можни се комбинации од институционална и вонинституционална акција, но тоа не е важното. Она што е важно е дека опозицијата треба да прекрши и да се ориентира кон создавање на ДВЕ МАКЕДОНИИ! Како кога социјалдемократите во дваесеттите години од минатиот век имаа две Германии, онаа нивната и онаа на фашистите. Тоа се две политички култури кои имаа свои граѓанства и свои ментални територии: една со деспотијава и тие кои се идентификуваат со неа и една либерална и демократска. Нека се тие посилни, побројни, нека се тие побогати. Ние мораме да дефинираме што сме, не само наспроти деспотијава македонска, туку и самите во себе. Политичката култура на демократијата и либерализмот мораме да ја покренеме со саможртва и пракса на неа долична. Да ја направиме да може да се живее во неа, скромно, но слободно.

Ќе ја поделиме економијата и пазарот: нема да пазаруваме во нивни дуќани и нема да одиме во нивни кафеани. Ние ќе имаме наши, слободни, авангардни. Ако ги казнуваат инспекции – ние ќе собираме прилози да им помагаме. Ние мора да создадеме сеопшт бојкот на деспотијата колку што е можно појасен, со демаркација на различни животи, што ни се пригодни. Ако не тераат од државата која е и наша – добро, ќе создадеме паралелни светови. Ние и така живееме во паралелни светови со оние на без’рбетниците. Ние не сакаме да живееме со живот на робови и уплавосани од својата сенка, како нив. Спремни сме за тоа да платиме цена со секојдневна акција. Спремни сме да водиме таков живот, паралелен со нивниот на иста територија.

Ако ни треба образование спремни сме да создадеме „слободни универзитети“ на плоштадите и во кафулињата со настава и подука подобра светлосни години од нивнине дебилни медиокритети кои ги бутаат по факултетине.

Треба да го демаркираме медискиот простор со свои медиуми, какви такви, ако останеме само и на портали. Потребно е да создадеме солидарносни мрежи на до-финансирање на новинарите кои таму ќе работат. Потребно е да зрачат со слобода и креативност, но и информации. Потребна ни е СОЛИДАРНОСТ од нов вид и далеку, далеку поефикасна од се што е видено кај нас.

Потребно е уметноста и науката да ја одкопаме од под бетонската плоча на деспотизмот во Македонија. Тие таму како мафијачки леш лежат и скапуваат. Земја во која уметниците и професорите се слуги на владеачките политики – нема иднина. Доволно долго констатиравме дека нешто е морничаво наопаку кај нас. Време е да го поставиме на нозе, барем „нашиот систем“ за почеток и да почнеме „да говориме“, да се однесуваме како говорни субјекти (Е. Михајлова).

Таа наша Македонија, не мора да биде побројна, таа мора да биде фанатична за слободата, упорна и успешна, да може да го живее паралелниот свет кој го создава – на долг рок. Таа во него треба да ужива и да се репродуцира во слобода.

Дебатата за чесни избори треба да престане како очигледна бесмислица со деспотиве и мизерните нивни подржувачи. Македонија како партиски гулаг на ДПМНЕ треба да престане да нè интересира. Таа структура не може да се поправи, таа треба да се игнорира. Тие не заслужуваат внимание, нивната сила и насилие треба да им го препуштиме ним. Нас тоа не треба веќе да не допира.

А не е дека не се обидовме да бидеме солидарни и со нив на основа на договор за чесни избори (ништо повеке). Галичаните имаат фин израз за опис на таква ситуација, таков комуникациски лом меѓу две политички култури, велат: Ми праќаат куче на муабет!

Значи, драги мои, со други зборови, ние треба да се посветиме на едно паралелно цивилно општество, кое ќе функционира врз основите на солидарноста, слободата и либералните политички начела. Тоа може да биде плацентата која ќе ни овозможи да ги живееме нашите животи на дистанца од ужасните без’рбетници на груевизмот – деспотизмот во Македонија колку и да трае тоа. Ова цивилно општество ја поддржува политичката опција и партиципацијата во институциите, но јасно ја демаркира и става во функција на сопствената саморепродукција на слободата. Доста е веќе со нив како политички кепеци и нивните политички до-к…. филозофии. Ова не е проект произлезен од пораз на било кои избори, туку го користи просторот на поразот на опозицијата како ТИШИНА во која може да се промисли стратегија на вистиски (одамна потребен) нов почеток. Треба да се бори за слободата и да се дефинира пракса која конкретно ќе ја поддржува. Таа пракса не е продукт на детска налутеност и изолација во куќичката од кебиња направена под масата во трпезаријата. Таа е резултат на оценка дека во Македонија делот на без’рбетници и луѓе на кои диктатурата им е прифатлива е релативно голем и одлука дека ние не мислиме нашите животи да им ги подариме на тормозење. Тоа наше искуство ќе создаде основа на секоја идна демократија во Македонија.

П.С. За Никола Младенов и неговата ѕвездена прашина на македонското новинарство

Leave a Reply

Your email address will not be published.