Договорената „игранка“ меѓу сложните владини браќа

Кога нашиот залутан министер за надворешни работи ќе се врати од вселената (малкумина знаат, а провладините медиуми молчат, дека министерот Попоски е на пат во Индија), ќе сфати дека пејзажот на планетата Македониум битно се променил. Наместо да „кампува“ во Брисел и да се бори за вистинскиот приоритет на деведесет отсто граѓани на Република Македонија, тој, опиен од чадот на догорчето од цигарата на Субрата, импресиониран од светкавото „бентли“, не сфаќа дека е „виновен од небрежност“ и заложник на свесната политика на оддалечување, а не приближување кон ЕУ.

 

Во меѓувреме, клопчето на македонскиот јазол повторно се замрсува. Се плашам дека одмотувањето овој пат може да биде фатално за граѓаните на Македонија.

 

ДПМНЕ и ДУИ се вистински бесрамници во манипулациите и опасната игра која им ја сервираат на граѓаните. Ако долго време тврдевме (со право!) дека политиките на Груевски (лично тој, а и неговите партиски хистриони) се погубни за Македонија, денес слободно може да се каже дека ДУИ е еднакво одговорна, како долгогодишен соучесник на режимот. Ова го тврдам од претпоставката за сценаријата што ќе се случуваат во блиска иднина. Деновиве почна договорената „игранка“ помеѓу двата лути противници и истовремено сложни браќа (ДПМНЕ и ДУИ). Почна небулозно, како и секоја наместена игранка, со поставувањето и потоа демолирањето на споменикот на цар Душан, продолжува преку преписката на Бујар Османи и Илија Димовски (преку партиското гласило „Курир“), а најверојатно ќе заврши со предвремени избори во кои коалициските партнери ќе влезат сами и како лути противници. Секој со својата кауза. Едните со анти ЕУ, антигрчка и антиалбанска реторика, другите со лажна ЕУфорија и албански квазинационализам. Целта е една и иста: во трет пат да го изманипулираат напатениот народ, да му сервираат тримесечни отровни дози од она што народот сака да го слушне и да го види, да ги наместат повторно изборите и потоа, од немајкаде, нели, да коалицираат. Ова се некадарници кои си играат со нашите судбини! Ова се антимакедонски политики кои нема добро да му донесат ни на Македонецот ни на Албанецот во Република Македонија. На ДПМНЕ не му пречи тоа, а ДУИ свесно влегува во вакво ризично сценарио.

 

ДПМНЕ ќе ја оправдува потребата од предвремени парламентарни избори со една крајно опасна реторика. Груевски лично или преку неговите телали ќе вели дека, ете, се’ направивме, ама Европа не не’ сака, а Грција е членка на Европската унија и залудни се сите обиди, сите лобирања, сите непроспани реформски ноќи, сета убавина на преродбата. Тој ќе прати и порака дека Албанците (ДУИ) претеруваат со своите барања за промена на името, па, сепак, тие не се мнозинство во Македонија, а и не се единствените Албанци (нели има Албанци и на ДПА, а оние другите разочарани и апстиненти никој не ги есапи). Во оваа лажна закана на ДПМНЕ дека ако треба ќе коалицира со ДПА, „избањат“ секако, по не знам кој пат, ќе биде Мендух Тачи и неговиот раштиман оркестар во Собранието. Бидејќи ДПМНЕ и ДУИ се веќе договорени. Дополнително, уште отсега се навестува „потребата“ ДПМНЕ да освои апсолутно мнозинство пратеници, и потоа се’ ќе било полесно. Тврдам дека ДПМНЕ веќе никогаш не може да има апсолутно мнозинство во парламентот, каква и да биде овој пат изборната кражба.

 

Доколку, сепак, по некоја случајност овој план не им успее, да не се чудиме дека овие бесрамници од двата етнички блока се подготвени и за порадикални сценарија. На ваквата ровка Македонија малку и’ треба за дестабилизација. Немам информации, но со логиката на политичкото дејствување на ДПМНЕ и ДУИ можни се и вакви сценарија. Во ситуација кога на најголемиот дел на македонската јавност (и на 100% од албанската јавност) им е јасно дека Груевски нема намера да ја внесе Македонија во НАТО и во ЕУ, ДУИ едноставно нема повеќе маневарски простор да одигра „за Албанците“ и да прифати уште едни предвремени парламентарни избори. Цената за такво прифаќање единствено може да биде опасна радикализација на ниво на реторика, а не дај Боже и друг тип радикализација. Што би рекол Фатмир Бесими, „македонските Албанци губат трпение околу преговорите со ЕУ“. Што значи ова? Уште една предизборна манипулација за повторно вдомување на ДУИ во власта? Или некаков друг план на ДУИ кој никој се’ уште не го соопштува?

 

На сите треба да ни е јасно: Никола Груевски, популист и националист по потреба, без размислување ќе влета во каков било предизборен антиалбански и националистички пинг-понг со ДУИ. Тој едноставно нема однос кон приоритетите на државата и можноста за дестабилизација. Единствената негова опсесија е како да остане на власт или како да не падне од власт. Сите средства се дозволени.

 

ЕУ и САД треба добро да размислат како ќе се позиционираат кон Македонија во иднина. Задоцнетото „отрезнување“ што ни го приреди Советот на министри на ЕУ нема никакво значење за граѓаните на Македонија. Таквиот став само ја покажува неконзистентноста на политиките на ЕУ кон Македонија и нивното немо набљудување на инсталирањето на автократија во државата. ЕУ треба, конечно, да даде јасен став што планира да прави понатаму со Македонија. Најдобро е веднаш да ни додели датум за преговори (по црногорски принцип), со што верувам дека многу од недемократските тенденции на сегашната Влада ќе бидат дополнително разоткриени. Ако ЕУ не е подготвена на тоа, тогаш јасно и недвосмислено да каже (а не како досега, со неразбирливи флоскули) кој и какви луѓе се на власт во Република Македонија. И, конечно, да преземе и конкретни мерки околу тоа прашање. Се’ друго е легитимација на авторитарниот режим и обесхрабрување на слободоумните и/или уплашени граѓани на нашата држава.

 

САД, од своја страна, задоцнето се занимаваат со квази „nation building“ и мислам дека дополнително ја комплицираат и онака комплицираната и конфузна политика на меѓународната заедница. Да не се чудиме ако порано или подоцна некој друг „ја купи или продаде“ Република Македонија, како што пред неколку дена Путин ја купи Украина.

 

Народот, како најнебитен фактор во очите на ДПМНЕ и ДУИ, генерално, мирно си преде. Едниот народ уплашен и намирен, другиот бесен и очаен, ама малку гласен. Треба да ги победиме на следните избори, какви и кога и да се, за да се прекрши синџирот на страв и да се охрабри граѓанинот наспроти безгласниот плебс. Бидејќи прескапо не’ чинат политичките авантури на овие бесрамници.

Leave a Reply

Your email address will not be published.