Доброволно киднапирана младина

Место на случување: стара чаршија, некаква смешна ќебапчилница, во Скопје, или она што се нарекува „од другата страна на реката Вардар“. Друштво, фино раскокодакани, а од околу млади луѓе, просат, гледаат, опасно здивени: дали да го јадам ова? дали да го земам она? има ли во тоа јајца? леле, гледај како го јаде она? ама не смеам да земам ништо, време за ручек е.
Додека го голтам „безбожниот“ касај, се вртам уште еднаш. Во аголот, шеткаат и набљудуваат истрауматизирани млади деца кои само ја чекаат шансата – како оној удар на “Гонг“ – да се зграби моментот, да се искористи искушението не’ предаваќи му се на Ѓаволот во себе и околу себе…


Јас сум човек лаик, но некои социолошки истражувања велат, или разработуваат, гледајќи со лаичко око: новите генерации во Македонија се’ порелигиозни од своите родители. Но, парадоксално, и тие, „нови клинци“, својата карикатурална „религиска иницијација“ ја извежбале дома, затоа што нивните родители, по стари денови, станале некакви килави и гротескни верници… Го знете оној рефлекс кога претходно биле големи Македонци, а уште претходно кога биле големи атеисти, комунисти и интегрални Југословени, па така, родителите на нивните родители биле одушевени од голема Србија или Бугарија. За ова имате и Балканска историја, па ако немате попаметна работа, што да не и’ да прочитате по нешто.


Aко го соголите сето, ќе видите дека идејата е само една, останатото е „индексирање“: да се биде вечно споен со Мнозинството, да се биде со човечкото стадо, во кое можеби смрди, ама е топло; да не се издвојуваш со никаква особеност, оти тоа овде, не е препорачливо, а во лоши времиња дури и опасно. А други времиња овде освен лоши и’ нема, освен во некој историски интермецо кој брзо и темелно поминува и во такво „поминување“ му се пеплосува секаков траг, за да можат после да те убедуваат дека се беше илузија, дека само ти се присторило.


Бидејќи не живеам во четири sида, може човек да оди низ скопските сокаци колку што сака, ама тешко дека меѓу милион ќе налета на некој клинец со, што знам, панкерска фризура или нешто слично: од другата страна, наврати кон, што знам, Земјоделски факултет, и ќе налеташ на момчиња и девојчиња кои ревносно се распрашуваат кај свешетените лица, како еден ден да му бидат покорни на својот маж – Господарот. Имено, колку и да звучи вознемирувачки: непрекината побуна на младите против светот на нивните родители е погонско гориво на модернитетот, една од „слатките тајни“ на Европскиот напредок последниве векови.
Овде, ми се чини, работите се движат во обратен смер: огромно мнозинство на млади луѓе „се буни“ против светот на своите татковци, како би победиле во светот кој бил личел на своите прадедовци! Маската и за тоа ја соголувам: „борбата со остатоците од комунизмот“, она со кое ДПМНЕ вергла со години како очајна баба… реков баба – прабаба, комшија, пра-баба!


Имено, во Македонија трае Прокет кој треба да раскине со вредностите на секуларното граѓанско општество! „Комунизмот“ тука претставува само згодно страшило, флоскула која е испразнета од содржина, а вистинската мета е Европа, комшија! Европа е денес, комшија, ма што ти и да мислиш за тоа, иста како што и порано ја замислија нејзините најпросветени умови: заедница на слободни земји, неподјармена од ниедни националистички страсти и било какви Клерикални опресии!


Тоа што денес им смета на нашите клерикални десперадоци и провинциски злосторници не е наследството на Ленин, туку наследството на Кант, комшија… Во сетоа тоа, денешниве клинци немаат апсолутно никаква појма, дури ни на теориско ниво, дека во оваа Македонија може поинаку и подобро да се живее, да се чувствува, да се мисли. Сакам да кажам дека денешниве изманипулирани клинци, кои се занесуваат дека изигруваат некаква Власт, всушност се деца на бедата, деца кои живеат низ патријахални обрасци на еден заслужено пропаднат свет, па прокетираат како некакви Вилењаци, свет во кој тие ќе не сочуваат од трулата и старата курва,  Европа!


„Новата религија“ во Македонија, предводена од клинците на Власт, да бидам искрен комшија, дури нема никаква врска и со метафизиката од било која врста. Дури нема трагање за битието кое е свесно дека е смртно, значи нема трагање ниту за Апсолутот. Црквата имено, не е „заедница на верници“ туку е „заедница по крв“: да припаѓаш на оваа Црква значи дека припаѓаш на одреден народ, а народот – како и државата, сфатен на предмодерен начин – се препишува на исцелителски својства.


Приметувате? Станови за живеење нема доволно, болници уште помалку, ни училишта, ни градинки, ни било што друго – дури и Мек Доналдс го протераа, нешто што е составен ден на модерно живеење во 21-ви век, ама затоа секој од нас ќе има лична богомолија во која многу помалку ќе се молиме на оној кој го викаме спасител, а многу повеќе на онај кој е племенски просветител.


Мојата генерација беше подобра од оваа. Ако по ништо друго, туку  по тоа што личеа на своите врсници било каде на земјинава полутопка. Денес, цела Македонија, па дури и оние кои треба да бидат „нејзината иднина“, како тоа обично се фразира, е неспособна, па дури и безволна да се помрдне во еден нормален и природен правец. Овие деца, имено, се киднапирани од сопствената држава, дури и самите како да развија психологија на „доброволно киднапирани“, оние кои на некој начин ќе се „сродат“ со своите киднапери. Поголемо злостортсво од тоа една земја не може да има, не барем према своите луѓе. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.