СК014 – Добредојден „земјотрес“

Скопскиот земјотрес пред 50 години радикално го промени дотогашното овдешно разбирање на градот. Низ разурнувачката стихија всушност се воспостави новата модернистичка парадигма, сфатена најшироко: и во дословната архитектонска смисла (главните домашни и странски архитекти кои го градеа разрушениот град размислуваа еминентно модерно, т.е. современо, во тогашните услови), но и во смисла на една политичка – делумно и културна и национална – модернизација која во прв ред значеше отворање кон светот и отфрлање на традиционалниот начин на размислување поврзан со затвореноста и провинцијализмот.

На некој начин, главен град на една федеративна република и подоцна држава, Скопје стана дури 1963 година, поминувајќи низ своевидна трагична катарза и соочувајќи се самото со себе, со својата традиција, но пред сè со својата иднина. Тоа соочување бара(ше) преземање на тежината, на обврските, бара(ше) одговорност и излегување од тесноградите и ситносопственичките перспективи.

Го спомнувам овој „модернистички“ пресврт (кој може да се толкува и пошироко: можеби и Република Македонија, тој мал заборавен темен вилает, како од татнежот да беше принудена да се разбуди и да се соочи со сопствените одговорности, да не речам со сопствената државност) зашто и денес, 50 години подоцна, се наоѓаме пред слично менување на парадигмите, и во политичка и во секоја друга смисла.

Во меѓувреме Скопје стана чудна мешавина на селендра и метропола, микс меѓу Првиот (западен, „постмодерен“), Вториот (главно источноевропски, сè уште „модерен“) и Третиот (опустошен и осиромашен, „предмодерен“) свет. Груевизмот дополнително, со својот лудачки проект СК014, последниве години го сруши на колена дезориентираниот град.

Така што – предизвиците се големи. Пред оние кои ќe ја креираат архитектурата на државава и градов – тогаш кога ќе се справиме со чумата наречена груевизам – ќе стојат многу тешки задачи: низ обнова на она што сегашниот режим го уништи ќе треба да се понудат нови визии за градскиот развој. Ќе мораат да се менуваат размерите, перспективите на гледање, начините на кои им приоѓаме на работите. Скопје треба да значи многу повеќе од „измама на окото“ (trompe l’oeil), кулиси и козметика. Скопје бара поагилни практичари, но и поамбициозни визионери кои во прв ред ќе успеат да го подигнат квалитетот на градскиот живот, прикопчувајќи го Скопје барем кон регионалните стандарди за тоа како треба да изгледа главен град на една држава.

 

Во која насока треба да се менува Скопје?

Според историчарите, во Европа не постои историски град чие создавање и развој не се во знакот на интеркултурализмот, град кој не е мешавина на цивилизации и етницитети. Уште Аристотел укажува дека разновидноста е основна одлика на градот.

Макс Вебер покажува дека – како последица на исчезнувањето или потиснувањето на крвните врски, табуата и магиите – градот станува конфедерација од поединечни граѓани чијашто општествена положба зависи само од структурните чинители и од личните особини. Граѓанскиот слој е носителот на процесот на рационализацијата, а тоа значи на модернизацијата и демократизацијата.

Според Хабермас, „Градот“ не е само во економска смисла животен центар на граѓанското општество; во својата културнополитичка спротиставеност спрема „кралскиот двор“ тој пред сè ја означува раната литературна јавност која своите институции ги наоѓа во англиските кафеани (coffee-houses), во француските салони (salons) и во германските кафеански друштва (Tischgesellshaften).

Во текстот „Ерусалим и Атина“ Лео Штраус укажува на два корена и две насоки во развојот на Европа и Запад. Ерусалим е извор на Библијата, на религијата, на пасторалното. Атина е филозофија, политика, полис, граѓанско. Таа речиси архетипска напнатост помеѓу селото и градот, пасторалното и урбаното, религијата и филозофијата, традиционалното и модерното, на Запад, може да се каже, главно е разрешена во корист на граѓанското. Граѓанството, урбанитетот и цивилизираноста, според Вебер, се клучни за настанувањето на Западот.

Постмодерниот свет, низ процесите на глобализацијата, создаде една сосема нова топографија и картографија на светскиот простор; се појави еден феномен кој се нарекува глобален град и кој означува денационализирање на традиционално сфатената држава. Саскиа Сасен, влијателниот социолошки аналитичар на современите урбани преобразби, вели дека за нас е особено важно да разбереме каде и како глобалното, во своите економски, политички и културни димензии, се манифестира и добива физички облик во просторот. Со своите истражувања на структурните промени во урбаниот простор и развојот на транснационалните мрежи во дигиталниот простор, Сасен нуди нов модел за согледување на глобалната општествена географија. На пример, добар дел од она што во градовите некогаш се именуваше како јавен простор денес всушност е политички простор, простор за конфронтација. Можноста да се поврзат различните страни на градот е мошне важна и тоа всушност и е суштината на јавниот простор: тој овозможува дијалог и преговарање меѓу радикално различни луѓе, во класна, социјална, етничка, родова смисла. Јавниот простор не е даденост, тој е постигнување. Политичкиот простор е вид на јавниот простор, но тој може да стане многу продуктивен јавен простор со оглед токму на растечките разлики меѓу луѓето. Од една страна се луѓето интензивно поврзани со глобалните кругови – одредени бизнисмени, политичари, интелектуалци – а од друга страна се луѓето кои се сосема вон тие кругови, гледано од аспект на знаењата или финансиската моќ. А за да се сретнат тие разлики мораат да постојат јавни градски простори.

И покрај целата сегашна девастираност и изгубеност, Скопје барем во едно свое делче поседува димензија и на глобален град, град во кој се вкрстуваат не само различни културни и етнички идентитети туку и град на историски и цивилизациски различни концепти. Во тоа и е главната привлечност на Скопје, од таму веројатно и извира мистиката на неговиот шарм. Но, сите тие напластени слоеви крај нас (и во нас) бараат неспоредливо повеќе свест за моделите на можната одржливост низ времето и свест за вклопување во новите променети околности. Доколку во нашиот град успееме да ги препознаеме вистинските потреби на луѓето (чисти вода и воздух, здрав сообраќај, интегрирачки јавен простор итн.), тогаш постојат шанси за излез од сегашниот ќорсокак. Во тој случај дури и оваа мала и бедна катаклизма наречена СК014 (за среќа, ограничена на неколку стотици метра во центарот на градот) ќе биде само уште еден добредојден „земјотрес“ (комичен, лунапарковски, даден низ симулација и шашма) кој ќе придонесе уште еднаш, на новата историска крстосница, граѓаните и градот да ја фатат перспективата на цивилизацијата, а не на мракот.

Извор ОКНО

Leave a Reply

Your email address will not be published.