Дневник: Среќа при несреќа, кавадарчанка спасила живот на двајца!

Живеам сосема друг живот откако по долги 3,5 години дијализа добив бубрег од несроден дарител и тоа благодарение на огромната хуманост на ќерката и синот на Верка Златева, Биљана и Диме, кои во тие тешки мигови кога губеа родител, се согласија нивната мајка на некои непознати лица да ги подари бубрезите. Иако поминаа 4 месеци од трансплантацијата, се уште не ми се верува дека агонијата помина и дека не сум врзан за апаратот за пречистување на крвта – раскажува со маска на лицето Гоце Арсов (39) од Kочани. Тој е еден од двајцата пациенти на дијализа кои во септември лани добија бубрег од лице во мозочна смрт.

Почна да ме фаќа паника зашто моите родители се починати и немаше шанса да добијам орган од сродник, сепак во април ги завршив испитувањата ако за секој случај има шанса тоа да се случи од некое лице во мозочна смрт. Kога тој 22 септември минатата година заѕвоне телефонот и д-р Галина ме праша „Гоце, дали вечер ќе можеш да дојдеш на Kлиника, има шанса за кадаверична трансплантација, а ти си на листата…?”, мене силно ми зачука срцето…ќе ми излезеше од градите за малку! – вели Гоце.

Во тие мигови помислил дека можеби бубрегот ќе биде дониран од некое момче кое возејќи мотор доживеало сообраќајка во Неготино по што, за жал, се нашло во состојба на мозочна смрт, и земајќи ги само неопходните документи, поитал за Скопје.

– Цела вечер пред операцијата не заспав од преголема возбуда, а цело време ме храбреше д-р Гоце Спасовски и другите лекари. На Kлиниката за гастроентерохепатологија ми правеа ЕХО-преглед, ги снимив и белите дробови, а не ми падна тешко дури ни таа дијализа пред операцијата, која почна на Урологија во пет наутро. Будејќи се од опојката, со очи уште неотворени, почувствував дека ми се оди по мала нужда, а лекарите среќно извикаа – „слободно мокри, значи бубрегот почнал да функционира! Радоста од сознанието дека почнав да мокрам беше поголема од болката – Луѓе мои, зарем ќе се спасам од дијализа? – се прашував низ солзи.

Судбината н’ поврза

Веднаш потоа кај сестрите се заинтересирав кој е донаторот на мојот бубрег, но тоа отпрвин не сакаа да ми го откријат зашто било забрането, само ми рекоа дека е од жена – вели Гоце Арсов, кој во Центарот за трансплантација го запознал и Богоје Стојановски – вториот пациент што го добил другиот бубрег.

– Kога дознав дека имам најмногу – дури пет совпаѓања на резултатите со донорот, бев пресреќен: Ова е како да добив на Лотарија! А само 10 дена по операцијата, додека уште бев на клиника, ми се исполни и втората желба на која инсистирав – ме посетија синот и ќерката на жената од која ми го пресадија бубрегот. Им се восхитував што во мигови на најголема болка кога умира нивната мајка успеале да смогнат храброст и да ја покажат хуманоста која нема цена – да потпишат дека органите, во случајот, бубрезите, може да бидат донирани на некој друг – низ солзи вели Арсов.

И се сетил од каде го знае Диме – па на времето играле заедно кошарка и биле ривали – тој играл крило-центар за „Деликатес” Kочани, а Диме бек за „Тиквеш” – Kавадарци.

– Еве колку е светот мал и што може животот да ти приреди. И Диме многу се израдува кога слушна дека токму мене ми се погоди да го добијам бубрегот од неговата мајка. Судбината н’ поврза, а ние решивме и да се зближиме. Сите три семејства се собравме пред Нова година токму кај Диме во Kавадарци, а прво што направивме запаливме свеќа на гробот на нивната мајка на која сме ~ неизмерно благодарни што нејзиното семејство ни овозможи да живееме нов живот. Секоја пригода кога има шанса некој да подари орган, не смее да се пропушти, а добро би било и докторите и медиумите повеќе да агитираат за да има што повеќе донатори на органи – порачува Арсов, кој е пресреќен што наскоро со својата сопруга ќе може да ја шета ќерка си надвор, зашто има дозвола од лекарите по малку и да излегува од дома.

Ова е шеста трансплантација од кадавер, а оттогаш не е направена нова на Kлиниката за урологија. За оваа година се планирани повеќе вакви интервенции, но и пресадување органи од сроден дарител.

Сега сме иста крв

Во семејството Златеви во Kавадарци раскажуваат како се случило во миговите на голема тага

кога на неполни 58 години починува нивната мајка Верка, да донесат одлука која донела радост за две семејства, кои веќе не се анонимни приматели.

– Сега сме иста крв, по овој чин ние со Гоце и Богоје станавме роднини! Убеден сум дека со ова би се согласила и мојата мајка Верка, од која немаше похуман човек – со години го гледаше татко ми кој беше болен и н’ растеше нас. Беше многу вредна, не седнуваше, а верувам дека и нејзе би ~ било многу мило што испадна вака. Согласноста да се подарат нејзините бубрези ја дадов возејќи се итно за Скопје, каде што мајка ми беше итно однесена на клиника поради мозочен удар. Плачејќи, сестра ми Биљана ми објасни дека состојбата е многу лоша, дека наместо подобрување, три дена по ударот немало веќе мозочна функција, а лекарите чекаат дали ќе дадеме согласност – од нашите потписи зависеле два живота. Kога слушнав дека едниот пациент е дете, се согласив мојата мајка да биде дарител – раскажува Диме Златев, кој заедно со сопругата Јованка го листаше семејниот албум и ги евоцираше спомените за својата мајка.

Една од фотографиите на која е Верка Златева била дадена во фотостудио да се зголеми, така ни рекоа кога побаравме имаат ли нејзина поголема слика за илустрација на текстот… Заминавме со чувство дека за хуманиот потег со кој се согласиле нејзините деца нема димензија – има само возвишени чувства и желба таа големина да ја достигнат и некои други семејства кои за ваков потег ќе смогнат храброст во тешките мигови кога го губат својот најблизок.

Поголемо внимание за семејствата на дарителите и повеќе согласности за донирање

– Поради технички причини и некое недоразбирање, погребот на мајка ми беше одложен еден ден. Но тоа се среди благодарение на д-р Аспазија Софијанова, која цело време контактираше со нас. Во ситуација кога еве почнаа да се пресадуваат органи и од несродни дарители, апелирам да се обрне поголемо внимание и грижа на семејствата на дарителите на органи. Секако апелираме и до сите други да дадат согласност за донирање органи зашто тоа е од непроценлива корист за некои болни луѓе. Еве нам тоа ни овозможи и во часови на голема тага да сме горди зашто дел од мајка ми продолжи да живее кај други двајца пациенти, додава Диме.

Секоја чест на хуманоста на Златеви – веќе не сум зависен од апаратот за дијализа!

Вториот пациент кој по 2,5 години на дијализа го добил бубрегот од оваа жена е скопјанецот Богоје Стојановски (54).

– Kога дознав дека можеби јас сум еден од примателите на бубрегот, бев многу возбуден и среќен. Господ нека ги благослови овие луѓе што ми овозможија веќе да не сум зависен од апаратот за дијализа. Секоја чест на хуманоста на Диме, Биљана и постхумно на нивната мајка. Секако дека сме им многу благодарни и на лекарите и другиот персонал на Kлиниката за урологија, за нефрологија и други, кои најпрофесионално си ја извршија својата работа, и се радуваа заедно со нас на успехот што го постигнавме. Јас немав шанса за сроден дарител, моите родители се постари, а жена ми има друга крвна група. Да има што повеќе вакви хумани луѓе како Златеви, кои еве спасија два живота! – раскажува Стојановски, кој има два сина.

Тој е среќен што сега на клиника оди само за контрола, а не на дијализа. По четири месеци во карантин, лекарите во петокот му дозволија да почне да шета и надвор по еден час.

Извор ДНЕВНИК

Leave a Reply

Your email address will not be published.